Економија
Димитриеска-Кочоска: Го официјализиравме првиот дел од договорот за заем, почнавме разговори за вториот дел од 500 милиони евра
„Со потпишување на Договорот со унгарската Експорт – импорт банка во Будимпешта се официјализираше првиот дел од Договорот за заем во износ од 500 милиони евра и воедно започнаа разговори за вториот дел од заемот исто така во износ од 500 милиони евра, кои се очекува да бидат одобрени до крајот на годината“.
Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во својата изјава во Будмпешта, при што најави дека средствата согласно потпишаниот Договор ќе бидат на располагање следната недела.
„По потпишувањето на Договорот треба да испратиме документи за официјална исплата на средствата и веќе почнавме разговори за дополнителни 500 милиони евра коишто очекуваме да ни ги одобрат до крајот на годината, а потоа да бидат исплатени на почетокот на следната година. Со овие средства би се рефинансирала еврообврзницата којашто ќе доспее во јануари 2025 година“, рече министерката за финансии.
Оцени дека станува збор за одлична поддршка од Владата на Унгарија. „Станува збор за средства обезбедени во првите 100 дена, и тоа по многу поволни услови, односно 3,25% каматна стапка, којашто е многу ниска во услови на многу повисоки каматни стапки на меѓународните пазари“, рече Димитриеска-Кочоска.
Повтори дека средствата ќе бидат наменети за приватните компании преку Развојната банка и комерцијалните банки, како и за инфраструктурни проекти вклучително и општините.
„На тој начин, како што рече, очекуваме навистина многу поголема поддршка за економијата, поголем развој и реализација на веќе започнатото и на сето она што ќе почне да се реализира, а го ветувавме во рамки на програмата во текот на изборите“, изјави таа.
Министерката за финансии вчера во Будимпешта во име на Владата го потпиша Договорот за заем со унгарската Експорт – импорт банка, којшто е во согласност со Законот за задолжување на РС Македонија со заем кај унгарската Експорт – импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност, по Договор за заем за буџетско финансирање и финансирање на општи цели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

