Економија
Доделени наградите по повод Конкурсот за Денот на штедењето

Финансиската писменост е основа за успешна иднина и клучен фактор за личен развој. Во светот во кој живееме, каде што економските услови постојано се менуваат, за младите генерации е особено важно да бидат добро подготвени и информирани. Кога поединците разбираат како функционираат финансиските инструменти и концепти, тие можат подобро да управуваат со своите ресурси. Ова се пораките коишто ги упатија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на доделувањето на наградите од Конкурсот за ликовни и литературни творби за основното и средното образование, по повод Меѓународниот ден на штедењето ‒ 31 октомври.
„Општо е познато дека без штедење нема инвестиции. Тоа значи вложување во подобро здравство, образование, патишта, безбедност, односно вложување во сето она што е важно за подобра иднина на поединецот, но и на целата економија. Задоволство е да се види дека младите кои учествуваа на Конкурсот веќе имаат свои согледувања за потребите од штедење, свесност за брзиот развој на финансиите, особено дигиталните услуги, како и за ризиците коишто ги носат тие. Новите генерации живеат во едно ново дигитално време, во кое имаат пристап до бројни информации, но и бројни можности за измами. Најдобар начин за да се заштитат од овие ризици е преку соодветна едукација“, порача гувернерката Ангеловска-Бежоска.
„Имаше навистина квалитетни творби. Пристигнаа околу 700 од целата земја. Настанот преминува во една прекрасна традиција и претставува инспирација за да се мотивираме себеси и другите како да ги ставиме финансиите во прв план, за да можеме заедно да изградиме подобра финансиска иднина за нас и за нашите идни генерации. Финансиската писменост е една од најсилните алатки што ги имаме на располагање за да ги обезбедиме нашите финансиски можности и за да ги постигнеме нашите финансиски цели, а притоа да се заштитиме од финансиските ризици. Затоа, важно е да го поставиме финансиското образование во центарот на нашите училишта, нашите заедници и нашите животи и уште од најрана возраст да овозможиме стекнување знаење и вештини за градење одговорно финансиско однесување во текот на секоја фаза од животот. Тоа е долготраен процес чии ефекти не се видливи веднаш, затоа, да бидеме свесни за нашиот финансиски потенцијал и да го искористиме со мудрост “, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
На Конкурсот пристигнаа околу 700 труда коишто се одликуваат со квалитет, креативност и автентичен стил на изразување, како и познавање на темата за штедењето, значењето на финансиската писменост, предностите и ризиците кај дигиталните финансиски услуги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Франција го казни „Шеин“ со 40 милиони евра за лажни попусти

Франција го казни кинескиот онлајн-продавач на облека „Шеин“ со 40 милиони евра за заведување на клиентите со тврдења за попусти.
Од 1 октомври 2022 година до 31 август DGCCRF анализира наводно намалени цени за илјадници производи на француската веб-страница на „Шеин“.
Истрагата откри дека некои цени на платформата биле зголемени непосредно пред попустите или не ги вклучувале претходните попусти, објави регулаторот. Цените на повеќе од половина од анализираните производи, 57 проценти, воопшто не биле намалени, откри DGCCRF, а речиси една петтина од попустите биле помали од рекламираните.
Во 11 проценти од случаите цената била уште повисока, објави DGCCRF. „Шеин“ исто така не успеа да достави докази на својата веб-страница за да ги поткрепи своите тврдења за еколошки свесно работење, како што е намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 25 проценти.
(Фото: ЕПА)
Економија
(Видео) Николовски: Власта удри по земјоделците, крати 478 милиони денари во ребалансот

Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците. Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз, обвини пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака, власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, рече Николовски, добиваат игнорирање.
„Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство“, рече тој.
Николовски додаде дека СДСМ предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне и итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Николовски кажа дека СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратела од земјоделците туку напротив, интервенирала со дополнителни субвенции, закони и програми.
„Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика“, рече Николовски.
Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и на финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.