Економија
Дурмиши: Објавен е јавниот повик за поддршка на развојот, одржувањето и имплементацијата на општествено прифатливи практики на деловните субјекти
Министерството за економија и труд денес објави јавен повик за поддршка на развојот, одржувањето и спроведувањето општествено прифатливи практики на деловните субјекти, дел од Програмата за поддршка на конкурентноста на преработувачката индустрија и општествената одговорност за 2024 година
Со оваа мерка се надоместуваат дел од трошоците од страна на Министерството за економија и труд за развојот, одржувањето и спроведувањето општествено прифатливи практики на деловните субјекти во износ од 2.000.000 денари.
На јавниот повик може да аплицираат деловните субјекти регистрирани во Република Северна Македонија, кои имаат воспоставено/стекнато сертификат/се ресертифицирани со сертификат/ имаат изготвено извештај за системите за управување со општествена одговорност во текот на 2023 и 2024 година според:
– стандардот SA 8000 и или извештајот од: BSCI/SMETA/GOTS/STEP; или
– стандардот ESG (Environmental, Social and Governance (ESG) standard).
Министерството за економија и труд ќе ги надомести трошоците за:
– Воспоставување/стекнување/ресертификација со сертификат/извештај за системи за управување со општествена одговорност, според стандардот SA 8000/извештај од ревизија според: BSCI/SMETA/GOTS/STEP, во износ од 60 % од докажаните трошоци на деловните субјекти, но не повеќе од 200.000,00 денари поединечно за секој барател на средства. Ќе се компензираат само докажаните трошоци за воспоставување/стекнување/ресертификација, направени во 2023 и 2024 година;
– Изготвувањето на извештајот за практиките Environmental, Social and Governance (ESG), во висина од 60 % од докажаните трошоци на деловните субјекти, но не повеќе од 200.000,00 денари од барател на средства. Ќе бидат надоместени само докажаните трошоци за изготвување на извештајот/сертификацијата направени во 2023 и 2024 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Работиме преспанското јаболко да остане бренд и да имаме што повеќе задоволни земјоделци
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, денеска оствари средба со откупувачите и земјоделците во Ресен.
На средбата се говореше за откупот на конзумно и индустриско јаболко.
Од страна на откупувачите и земјоделците беа предложени и идеи како да се подобри ситуацијата со откупот на конзумно и индустриско јаболко пред неговото официјално започнување.
Министерот Трипуновски им вети на земјоделците дека со работа и мерки ќе запре намалување на површините под јаболков насад. Нема веќе да има неоткупено македонско јаболко.
„Работиме преспанското јаболко да остане бренд, а земјоделците од Преспанскиот регион да бидат ценети за она за кое во текот на целата година се вложуваат и напорно работат“, истакна министерот.
Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче и понатаму е против општините водени од СДС на кои не им пречеа унгарските пари
Филипче продолжува да биде против општините водени од СДС на кои не им пречеа унгарските пари, реагира ВМРО-ДПМНЕ откако опозициската партија обвини дека парите од унгарскиот кредит се кинески.
„Филипче продолжува да биде против капиталните проекти за кои се обезбедени унгарските пари и против бизнисот кој ке се развива преку супер евтини кредити кои ќе се стават на располагање.
Небулозите за тоа дали биле кинески или афрички пари доволно е СДС да поседува елементарна писменост за да дознае. Ваквата состојба на тотална безидејност ја тера СДС да критикува само колку да критикува и постојано да употребува ќорфишеци. Ја разбираме кризата во СДС, но нема да дозволиме со себе да ја повлечат и Македонија“, наведе ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.
Економија
СДСМ: Мицкоски излажа, парите за унгарскиот кредит се всушност кинески
Вчерашните инфомрации во медиумите од истражувањата на реномирани меѓународни медиуми, потврдуваат дека парите за унгарскиот кредит се всушност кинески, истакна портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска и го праша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски зошто ја излажал јавноста.
„Зошто крие кое е потеклото на парите? Зошто крие дека Унгарија всушност се задолжува по понеповилни услови кај Кина за парите кои нас ни ги дава? Тоа е јасен сигнал дека тука има политички интерес. Покрај ова, законот изобилува со нелогичности, недоречености и многу непознаници. Не се предвидени јасни критериуми и механизми за распределба на позајмените пари, нема јасно утврден систем за контрола на трошењето на парите“, рече Кузеска.
Како што додаде, власта нема ниту правна држава, транспрентност, отченост, ниту отвореност и враќа начинот на владеење како пред 2016 година.
Според СДСМ, власта се обидува без дебата, без информирање на граѓаните, набрзина да го истурка, како што го нарече, скандалозниот и коруптивен Закон договорен во четири очи уште во време кога ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција по скратена постапка.