Економија
Елези: Со помош на Светска банка ќе се модернизираат земјоделството и административните услуги на социјалното осигурување

Проект за модернизација на земјоделството во вредност од 50 милиони евра, како и проект за администрирање на социјалното осигурување во вредност од 13,8 милиони евра ќе се реализираат во рамки на четиригодишната Рамка за соработка со Светска банка.
Заменик-министерката за финансии Ширет Елези пред Собранието ги образложи законите со чие усвојување се овозможува финансирање на овие проекти.
„Проектот за модернизација на земјоделството ќе придонесе за подобрување на квалитетот на земјоделските производи и воведување стандарди во земјоделското производство, со што ќе се зголемат вредноста и конкурентноста на земјоделските производи на меѓународните пазари, ќе се воспостави систем за безбедно отстранување нуспроизводи од животинско потекло, ќе се зајакнат институционалните капацитети, во насока на планирање врз основа на докази, мониторинг и евалуација на програмите за земјоделство и рурален развој, потоа ќе се зајакнат институционалните капацитети за подобро искористување на европските фондови и ќе се воспостави систем за управување со државното земјоделско земјиште“, истакна Елези.
Проектот ќе го имплементира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое ќе воспостави и одржува Единица за имплементација на проектот (ЕИП), која ќе биде одговорна за реализација на проектот.
Вкупниот износ на проектот е 50 милиони евра, од кои 46 милиони евра се заем од Светска банка, а 4 милиони евра се грант од ЕУ.
„Проектот за администрирање на социјалното осигурување ќе го унапреди квалитетот на услугите во администрирањето на социјалното осигурување и тоа преку воспоставување единствен централизиран регистар за социјално осигурување и унапредување и модернизирање на деловните процеси на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, сè со цел на осигурениците во првиот столб да им служи поефикасно и поефективно“, потенцира Елези, образложувајќи го Законот за задолжување на РСМ со заем кај СБ по Договор за заем за финансирање на проектот за администрирање на социјалното осигурување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Објавен јавен повик за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство

Денеска е објавен Јавниот повик 08/2025 за доставување на барање за исплата на средства од Програмата за финансиска поддршка на рурален развој за 2025 година.
Поддршката е наменета за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство, со цел зачувување на руралните подрачја и промовирање на одржливо земјоделство.
Право на поддршка имаат земјоделски стопанства регистрирани согласно Законот за земјоделство и рурален развој во Единствениот регистар на земјоделски стопанства при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Висина на поддршката:
• 100% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина еднаква или повисока од 700 метри;
• 60% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина пониска од 700 метри.
Услови за доделување:
• 1 вработено лице на 150 овци;
• 1 вработено лице на 100 кози;
• 1 вработено лице на 50 говеда, но не повеќе од 620.000 денари по вработено лице.
Задржување на истиот број вработени најмалку една година по исплатата.
Барањата со потребната документација потребно е да се поднесат најдоцна до 30.07.2025 година.
Економија
Божиновска: Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот

Македонија влегува во клучна фаза на трансформација на енергетскиот систем, земјата не само што вложува во стабилноста и модернизацијата на сопствената мрежа, туку стана активен играч во регионалното поврзување и енергетската интеграција, изјави министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Според неа, со новите интерконектори, стратешките трансформаторски станици и инвестициите во паметна енергетска инфраструктура, државата го поставува курсот кон енергетска независност и улога на регионален енергетски коридор.
Божиновска најави дека во следните денови официјално започнува изградбата на гасниот интерконектор со Грција.
„Интерконекторот е долг 68 километри, ќе пренесува не само природен гас, туку и водород, остварена e заштеда од 12 милиони евра и ќе биде изграден од македонска компанија – директна корист за домашната економија“, рече таа.
Во меѓувреме, додаде Божиновска, Македонија и Србија направија значаен исчекор кон ново енергетско поврзување – минатата недела се потпиша Меморандум за соработка меѓу НОМАГАС и Србијагас за изградба на интерконектор меѓу Клечовце и Врање, со вкупна должина од 70 километри, од кои 23 километри ќе бидат на македонска територија. Во рамки на проектот ќе се изградат и мерни станици од двете страни на границата. Студиите за изводливост и за влијание врз животната средина се веќе во тек, со поддршка од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
„Преку овие две стратешки поврзувања, Македонија се позиционира како нова транзитна точка за природен гас на релација Југ – Север, односно од ТАП гасоводот и ЛНГ терминалот во Александруполис кон Србија и Средна Европа, со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно. Ова е директна поддршка на енергетската диверзификација на целиот регион, со зголемена употреба на гас од различни извори“, рече таа.
Изградбата на 400/110 kV врската Охрид – Елбасан, пак, ќе го заокружи електроенергетското поврзување на Македонија со сите соседни држави – стратегиски проект за цел регион.
„Ова е новата сила на македонската енергетика. Со регионалните интерконектори, Македонија веќе не е само краен потрошувач – станува активен учесник во преносот и стабилноста на енергетиката во Југоисточна Европа. Ова е патот кон сигурна енергија, економска отпорност и стратешка позиција на енергетската карта на Балканот. Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот.“, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе учествува на 4. меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севилја

Министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска ќе престојува во работна посета на Кралството Шпанија.
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе се обрати на Тркалезна маса „Leveraging private business and finance“ во рамки на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот (FfD4), којашто под покровителство на Организацијата на Обединетите нации ќе се одржи во Севиља.
На Конференцијата, на којашто е најавено учество на педесетина шефови на држави и влади, министри, претставници на меѓународните организации, на бизнис заедниците и граѓанското општество, треба да биде усвоен „Договорот од Севиља“.
Целта на лидерскиот собир е изнаоѓање на решенија за справувањето со финансиските предизвици во исполнувањето на Целите за одржливиот развој и Агендата 2030, реформирање на меѓународната финансиска архитектура и поттикнување на инвестиции од страна на приватниот сектор.
Во рамки на посетата, предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да одржи билатерална средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, а на средбата ќе присуствува и министерката Димитриеска -Кочоска.