Економија
ЕСМ ги повика потрошувачите да проверат дали објектите се подготвени за грејна сезона, а не кажува дали ќе ги намести цевките под Беласица

ЕСМ ги повикува потрошувачите да ги завршат интервенциите на внатрешната грејна инсталација, да овозможат пристап на екипите на компанијата до топлинската станица и да обезбедат довод на електрична енергија во подстаницата со цел испораката на топлинска енергија во објектите кои се приклучени на системот за централно греење да се одвива непречено по почетокот на грејната сезона.
Согласно законските прописи, грејната сезона може да започне од 1ви октомври доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 степени целзиусови според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи.
„За да може грејната сезона во објектите кои се приклучени на системот за централно греење да стартува навремено и испораката на топлинска енергија да се одвива непречено, потребно е потрошувачите да ги завршат интервенциите на внатрешната инсталација и истото веднаш да го пријават во Центарот за грижа за потрошувачи на ЕСМ Снабдување. Истовремено Заедниците на сопственици или Управителите на објектите потребно е да овозможат непречен пристап на службените лица до топлинската станица како и да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација)“.
Компанијата се уште не кажува дали и кога ќе ги постави цевките на мостот Беласица, за кои нема дозвола од Град Скопје. Повеќепати кажаа дека се подготвени да го монтираат новиот цевковод, но градоначалничката Арсовска пак тврди дека нивна обврска е прво да го санираат мостот, па потоа да ги монтираат цевките. Таа се огради дека е надлежна за санација и најави дека ќе приложи писмен доказ дека ЕСМ се нафатиле на таа обврска.
Од ЕСМ трет ден нема реакција дали се точни информациите кои ги пласираше Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Објавена листа со имиња на фирми и луѓе кои должат данок кон УЈП

Управата за јавни приходи ја објави Листата на должници за долгови доспеани до 31 август и неплатени до 30 ноември годинава.
Долговите се по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност и повисок од 300.000 денари за правните лица.
Вкупно објавениот нето долг во Листата бр.12/2023 изнесува 9.057.552.829 денари, (помалку за 9.536.125 денари од претходната листа).
Нето-долгот за даноци и придонеси изнесува 8.850.083.544денари, (помалку за 50.205.117 од претходната листа), додека долгот за царински давачки е 207.469.285 денари (повеќе за 40.668.992 денари од претходната листа).
Листата прочитајте ја тука.
Економија
Вучиќ најави изградба на гасна интерконекција кон Македонија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, заедно со колегите од Софија и Баку денеска во Ниш ја пуштија во употреба гасната интерконекција Србија-Бугарија. Вучиќ најави изградба на гасна интерконекција и кон Македонија.
„Гасна и воопшто енергетски инфраструктури ние и во иднина ќе градиме, што е влезено и во планот на (еврокомесарот Оливер) Вархеи, ќе градиме гасна интерконекција и кон Северна Македонија. Се надевам дека и во Босна и Херцеговина ќе се договорат, да можеме кон Република Српска и воопшто кон БиХ да градиме гасни интерконектори“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека следната година ќе почнат работите за изградба на нафтовод меѓу Србија и Унгарија.
„Треба да изградиме нафтовод меѓу Србија и Унгарија за да можеме да имаме подобар пристап до поевтина нафта“, кажа Вучиќ.
Бугарскиот претседател, Румен Радев, пак, рече дека и тие од своја страна работат на подобрување на односите со Србија.
Економија
Утврден е предлогот на закон за финансиска поддршка на социјално ранливи категории, се испраќа до Собранието

Владата го разгледа и утврди текстот на Предлогот на закон за финанска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани, за справување со енергетската и ценовната криза, предложен од Министерството за труд и социјална политика, а за што беше донесена владина одлука.
Овој важен Предлог на закон, којшто значи државна финансиска поддршка на повеќе ранливи категории на граѓани за справување со продолжените ефекти од енергетската и ценовната криза, Владата го испраќа до Собранието на Република Северна Македонија со предлог да биде разгледан и усвоен по скратена постапка.
Со законското решение што се предлага се уредуваат корисниците на финансиската поддршка и висината, начинот за обезбедување и исплатата на финансиската поддршка на социјално ранливите категории на граѓани.
Корисници на финансиската поддршка којашто се обезбедува согласно Предлогот на закон, се лица од социјално ранилива категорија на граѓани, односно:
– корисници на посебен додаток;
– корисници на правото на надоместок заради попреченост;
– самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош;
– корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари;
– ученици од основното, односно средното образование, чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето плата до 50.000 денари и
– студенти кои живеат надвор од местото на студирање.
Финансиската поддршка за корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост и самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош – е предвидено да изнесува 2.000 денари месечно, за период од пет месеци, започнувајќи од месец декември 2023 година.
Финансиската поддршка за корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари, за период од пет месеци, е предвидено да започне исто така од месец декември 2023 година и да изнесува:
– 3.000 денари месечно за корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина не поголема од 14.000 денари во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка;
– 2.000 денари месечно корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина од 14.001 денари до 16.000 денари во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка и
-1.500 денари месечно за корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина од 16.001 денари до 19.000 денари во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка.
Финансиската поддршка за ученици од основното, односно средното образование, чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето плата до 50.000 денари е предвидено да изнесува 1.200 денари за ученици во основно образование, односно 1.800 денари за ученици во средно образование за период од шест месеци, започнувајќи од месец декември 2023 година.
Финансиската поддршка за студенти кои живеат надвор од местото на студирање е предвидена во висина на месечниот билет за меѓуградски сообраќај од местото на живеење на студентот до местото на студирањето, во износ не помал од 600 денари и не поголем од 1.200 денари месечно, за период од седум месеци, започнувајќи од месец декември 2023 година.
Исплатата на финансиската поддршка за: корисници на посебен додаток; корисници на правото на надоместок заради попреченост; самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош и корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари е предвидено да се изврши без поднесување на барање од страна на корисниците, врз основа на податоците од евиденциите на центрите за социјална работа и Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, за остварено право во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка. Датумот на исплата на финансиската поддршка е предвидено да се објави на веб-страницата на Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, Министерството за труд и социјална политика, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија и Министерството за образование и наука, најдоцна до 5-ти во месецот за тековниот месец.
За стекнување на правото за финансиска поддршка на ученици од основното, односно средното образование, чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето плата до 50.000 денари, Министерството за образование и наука објавува повик на својата веб-страница, којшто е предвидено да трае 7 дена од денот на објавувањето, а заедно со повикот да бидат објавени и соодветните документи за пријава. Пријавата се поднесува во училиштето во кое ученикот е запишан. За учениците кои не се пријавиле или не ги исполниле условите за добивање финансиска поддршка на претходните повици, предвидено е Министерството за образование и наука секој месец да објавува повик, најдоцна до 5-от ден во месецот, а којшто повик трае 7 дена од денот на објавувањето.
За стекнување на правото за финансиска поддршка на студенти кои живеат надвор од местото на студирање предвидено е Министерството за образование и наука да објави повик на својата веб-страница, во времетраење од 7 дена од денот на објавувањето. За добивање на финансиската поддршка, студентот се пријавува на апликацијата e-uslugi.mon.gov.mk и внесува и приложува податоци и докази што се посочени како потребни. Министерството за образование и наука, по извршената проверка на податоците и доказите, во рок од 5 работни дена од денот на пријавувањето на студентот за добивање на финансиската поддршка, ќе утврди статус на прифатено или одбиено барање за финансиска поддршка во самата апликација.
За студентите кои не се пријавиле или не ги исполниле условите за добивање на финансиската поддршка на претходните повици, предвидено е Министерството за образование и наука да објавува повик секој месец, во времетраење од 7 дена од денот на објавувањето, а најдоцна до 5-от ден во месецот. Во Предлогот на закон е предвидена обврска на државните универзитети, секој месец, најдоцна до 10-ти во месецот, до Министерството за образование и наука да доставуваат список на редовни студенти за претходниот месец, со цел проверка на податоците.
Целта на Предлогот на закон за финанска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани, за справување со енергетската и ценовната криза е обезбедување финансиска поддршка за социјално ранливите категории на граѓани.