Економија
ЕСМ се подготвува за тест проби за користењето на дизел како алтернативно гориво
Се подготвува системот со кој би се тестирало користењето на дизелот како алтернативно гориво за испорака на топлинска енергија.
Од ЕСМ велат дека употребата на дизелот е резервно решение поради можноста, како последица на геополитичките случувања во Европа, гасот да биде недостапен на пазарот или би достигнал екстремно високи цени.
„Тестирањето ќе се врши по обезбедување на сите соодветни дозволи од надлежните институции и почитување на приписите за постапката“, додава ЕСМ.
Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, претходно деновиве најави дека тестирањето би почнало од 15 ноември за да се проба системот дали ќе може да работи со овој енергенс затоа што во минатото работел на мазут.
„Топлинската енергија во период кога функционира приватната гасна централа ТЕ-ТО од која се добива околу 60 отсто од потребната топлинска енергија за системот во Скопје, останува 40 отсто да се обезбеди од топланите „Исток“ и „Запад“. Токму затоа, заради поволните временски услови, планот на техничките кадри во ЕСМ е да направат тест период во промена на енергенсот. Префрлањето ќе биде во рок од 24 часа, но тоа не значи дека граѓаните ќе останат без топлинска енергија. Тоа ќе се прави прво на едната, а потоа на другата топлана, но при тоа најголем дел ќе се добива од ТЕ-ТО и нема да има прекини во добивањето топлинска енергија“, рече Ковачевски.
ЕСМ денес информираше и дека ја обезбедило потребната количина природен гас за работење на топланите Исток и Запад за периодот до 30 ноември оваа година.
Гасот е обезбен од „Макпетрол“ по цена од 1345 евра за 1000 нм3.
„АД ЕСМ и натаму ќе продолжи да врши набавки на гас за покуси временски периоди со цел да се искористи финансиската поволност од континуираното намалување на цената на гасот на пазарот. Како што и претходно информиравме, топланите ќе продолжат да работат на природен гас во текот на грејната сезона како основен и најеколошки енергенс за нивно функционирање“, велат од ЕСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

