Економија
Жените сè уште значително помалку платени од мажите за иста работа
Надлежните институции во соработка со приватниот сектор и синдикатите да развијат ефикасен механизам кој ќе придонесе за изедначување на платите на мажите и жените, кои во овој момент за иста вредност во работата се 23 % пониски. Ова беше истакнато денес од Сојузот на стопанските комори, Здружението на бизнис-жените и Сојузот на синдикатите на Македонија по повод одбележувањето на првиот Меѓународен ден за родова еднаквост на платите – 18 Септември.
„Глобално, жените заработуваат 23 % помалку од мажите, а јазот на национално ниво е 19 %. Ова е причината зошто создадовме национална коалиција со повеќе засегнати страни за да постигнеме еднаква родова плата за работа со еднаква вредност. Според анализата на УСАИД објавена во јули минатата година, проценетиот сооднос на приходите на жените во однос на мажите во нашата земја е 0,49 проценти, што претставува најголем јаз во регионот“, изјави Габриела Кулебанова, потпретседателка на Сојузот на стопанските комори.
Валентина Дисоска, претседателка на Здружението на бизнис-жените, вели дека во државата постои широка правна рамка со која се регулираат прашањата за еднаквите можности, недискриминацијата и учеството на жените на пазарот на трудот.
„Меѓутоа, и покрај постоењето солидна законска регулатива и стратешки документи, евидентна е повеќекратната дискриминација на жените и нивна неможност во претприемаштвото и корпоративниот свет да напредуваат еднакво и покрај квалитетот и соодветните квалификации. За изедначувањето на платите и за пробивање на стаклениот плафон, неопходна е поголема посветеност на сите релевантни субјекти, родово водени статистики, подигнување на свеста за проблемот и за обезбедување еднакви можности за поддршка и финансирање на жените во приватниот сектор“, вели Дисоска.
Меѓународниот ден за родова еднаквост годинава се одбележува првпат во услови кога светот се бори со пандемијата, која уште повеќе ја зголемува нееднаквоста.
Жените сочинуваат две третини од здравствената работна сила во светот, вклучително и 85 отсто од медицинските сестри и 90 отсто од здравствените работници кои се вклучени во долготрајната нега на болните. Жените се соочија и со товарот од дополнителната неплатена работа предизвикана од затворање училишни и установи за згрижување деца. Жените исто така во поголем број останаа без своите работни места бидејќи работат во секторите што се најпогодени од кризата.
Катерина Поповска од Сојузот на синдикатите на Македонија вели дека колективното договарање помеѓу синдикатите и организациите на работодавци како членови на Економско-социјалниот совет има потенцијал значително да ги намали родовите разлики во платите преку четири инструменти, што оваа коалиција на организации силно ќе ја поддржи и промовира.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

