Економија
Заев: Четвртиот пакет-мерки ќе ја зголеми потрошувачката и ќе ги помогне компаниите
Премиерот Зоран Заев најави дека наскоро почнува реализација на четвртиот пакет-мерки кои имаат за цел побрзо надминување на последиците од корона-кризата врз економијата.
„Се видовме со коморите, со организации на работодавачи, со синдикати, правиме средби и со универзитетски професори, со луѓе од праксата. Следниот пакет ќе биде директна помош кон економијата и кон граѓаните. Тука ги опфаќаме најсиромашните, за да ја зголемиме потрошувачката моќ на граѓаните, но и на компаниите за да даваат плати. Ќе има стимулативни мерки и за враќање на отпуштени работници во време на кризата затоа што сакаме тие што се отпуштени да се вратат на работа, особено кога има недостиг на квалификувана работна сила. Она што е јасно е дека платежни картички ќе добијат пензионерите со пензии под 15.000 денари, голем дел од пасивните баратели на работа, самохраните родители, а се прават проценки со стручните служби, стечајните работници кои денес добиваат надоместок од 8.000 денари, да добијат уште еден вид на помош“, порача премиерот Заев во интервју за Националната телевизија, додавајќи дека ќе продолжи и помошта за платите во најпогодените сектори.
Премиерот Заев посочи дека освен помошта за граѓаните и стопанството, важно е државата да го искористи периодот за засилено финансирање на капитални инвестиции кои носат придобивки и за економијата и за државата.
„Сега е моментот кога треба да почнеме уште повеќе и уште позасилено да вложуваме во реализација на капиталните инвестиции. Активно работиме на тоа, се реализира процесот на гасификација, се заокружува примарниот прстен на гасоводна мрежа во државата и наскоро ќе бараме концесионер кој ќе доставува гас до домаќинствата и фабриките. Во следниот период почнува и проектот ‘Чебрен’, во вредност меѓу 600 и 800 милиони евра. Треба да почне и реализацијата на Клиничкиот центар во Скопје во вредност од над 500 милиони евра. Тоа се проекти каде ќе бидат ангажирани наши домашни компании, наши работници. Немам проблем како претседател на Влада ако Владата и Парламентот ме поддржат да повлечеме кредити сега во време на ковид-криза за важни капитални проекти како клинички центар, патишта и детски градинки. Денеска со менаџментот на ТАВ заокруживме 49,7 милиони што треба да одат на аеродромот Штип, да се искористат за финансирање на проекти за канализации. водоводи, детски градинки, училишта, спортски сали и две општински згради, Оттаму, 14,7 милиони евра ќе се искористат за реконструкција на двата аеродрома комплетно веројатно, а останатите 35 милиони за инфраструктурни проекти во општините“, порача Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Зголемување од 15 проценти на откупот и продажбата на земјоделски производи во последното тримесечје, споредбено со лани
„Минатата година, следејќи ги сите тримесечја во споредба со 2024 година, и последниот извештај потврди позитивни трендови во земјоделството. Според официјалните податоци, откупот и продажбата на земјоделските производи во последното тримесечје изнесуваат 12,5 милијарди денари, што претставува раст од 15% во однос на истиот период од 2024 година“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Струмица.
Тој додаде дека растот не се однесува само на откупните и продажните цени, туку и на зголемениот квантитет на земјоделски производи.
„Според табелите објавени од Државниот завод за статистика, речиси кај сите земјоделски производи се бележи зголемување на количините. Особено се издвојуваат грозјето, пченицата и јаболката, како и производството во сточарството, особено во свињарството, овчарството и производството на говедско месо“, појасни Трипуновски.
Тој додаде дека зголемувањето на количините е забележано и кај останатите земјоделски култури, што претставува значаен показател дека 2025 година може да се оцени како успешна, со зголемен интензитет и на откупот и на извозот на земјоделски производи.
Економија
Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Државниот завод за статистика излезе со извештај за инфлацијата и какви се очекувањата за оваа година, изјави:
„Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка“, „јануарска кошничка“ и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата.
Инаку што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме.“
Економија
Дурмиши: Со системски мерки и партнерство ја намалуваме неформалната економија и го јакнеме формалниот сектор
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, посветена на системските мерки и заедничките политики за намалување на сивата економија и јакнење на формалниот сектор.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека неформалната економија е сложен и долгорочен предизвик кој ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државата.
Тој нагласи дека за дел од граѓаните непријавената работа не е избор, туку нужност, што бара одговор преку креирање пристојни и стабилни работни места.
„Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија“, потенцираше министерот.

