Економија
Игротеките бараат поддршка и протоколи за почеток со работа
Три конкретни мерки за што поскоро отворање и почеток со работа предложи Групацијата на забавни, рекреативни и едукативни дејности и игротеки при Сојуз на стопански комори на Македонија на денешната прес конференција.
Трајко Николовски, претседател на Групацијата, истакна дека бројот на неработни денови е трицифрен и веќе влегуваат во петтиот месец на кризата која почна во март, не со процентуално намален промет, туку со промет нула, бидејќи се уште воопшто не ја остваруваат дејноста.
„Како мали бизниси за да отпочнеме со дејност, многумина од нас, освен сопствени имаат вложено и позајмени средства како од роднини и пријатели, така и од комерцијалните банки, при тоа заложувајќи ги под хипотека и своите живеалишта. Состојбата во која се наоѓаме е алармантна, резерви на средства немаме. Сакаме да истакнеме дека иако игротеките од 11 март престанаа со вршење на својата дејност, прославувањето на детските родендени не престана. Родендените продолжуваат да се организираат во домашни услови, без соодветни протоколи. Изминативе денови до Комисијата за заразни болести ги предадовме и предлог протоколите кои самите ги изработивме, следејќи и прифаќајки ги позитивните примери на земјите од соседството, кои сме подготвени да ги почитуваме во целина. Сите предлози и дополнувања од Комисијата за заразни болести се добредојдени“, изјави Николовски.
Додаде дека како економски оператори родендените кои ги организираат се исклучиво од затворен тип, т.е. со ограничен број на гости кои добро му се познати на организаторот на роденденот, како и нивната здравствена состојба, бидејќи станува збор за гости од исто семејство, блиски роднини и пријатели.
Компаниите од секторот најпрво бараат финансиска поддршка во висина на половина од просечниот месечен бруто приход земен од времето кога работеа, секој месец без прекин на неодредено време до нивно повторно отворање, како би можеле да ги сервисираат закупнините, режиските трошоци, платите и придонесите во периодот кој им претстои затоа што моментално не работат, имаат промет нула и се уште се затворени.
„ Понатаму, Комисијата за заразни болести да даде препорака да ги отвориме објектите по примерот на земјите од соседството, кои што повеќе од еден месец беспрекорно работат, затоа што животот продолжува со почитување на протоколите за заштита на здравјето. И трето во време кога секој од нас е важен, кога се бориме за секое работно место, кога сите сакаме нови инвестиции, нови вработувања, јавно прашуваме, што ќе се случи со нашите инвестиции во кои работат повеќе од илјада луѓе и егзистираат исто толку семејства. Бараме одговор, дали треба да дозволиме овие 1000 семејства да останат без егзистенција, да останат без работните места кои сами ги створиле и да изгубат се што вложиле“, изјави Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

