Економија
Интервју со Лола Давидовиќ: Сити колеџ е заслужен за целиот процес на откривање, поставување и реализација на моите професионални цели
Интервју со Лола Давидовиќ, дипломец на Сити Колеџ
Што нуди и што е потребно да нуди високото образование, како да се избере вистинскиот универзитет и што е клучно при изборот, што да се очекува од академскиот кадар и како да се вреднуваат опциите, според Лола Давидовиќ, game developer ова се најважните прашања што секој што бара квалитетно високо образование треба да бара одговор.
– Како дојде до тоа изборот за твоето образование да биде Сити Колеџ?
Изборот беше сосема случаен, но воедно и по малку предодреден. Како средношколец со мисија да го продолжи своето образование на некој престижен универзитет и со желба да се искуси живот во некоја друга европска држава, трагав по повеќе опции коишто би ги исполниле моите тогашни критериуми. Запознавањето со Сити Колеџ се случи преку посета од страна на нивен академски кадар и презентација за тоа кои се знаењата и вештините како цел на нивните студенти, а секако и една поширока слика за целиот живот во Солун. Иако на почеток токму Сити Колеџ не беше во мојот преден план поради моето амбициозно залетување кон некои поголеми универзитети со илјадници други студенти каде што и започна мојот академски пат, сепак истите причини беа и тоа што ме натера да ја разгледам опцијата за започнување од почеток со студии на факултетот за Компјутерски науки која беше крајна, а и една од моите најдобри досегашни одлуки.
![]()
– Како ти помогна факултетот за Компјутерски науки при достигнувањето на професионалните цели?
Мислам дека е поточно да кажам дека Сити Колеџ е заслужен за целиот процес на откривање, поставување и реализација на моите професионални цели. Константната и неизмерна поддршка од страна на академскиот кадар на факултетот за Компјутерски науки во текот на тригодишните студии е тоа што го поттикна мојот интерес на определени полиња во оваа професија и ми овозможи да го стекнам моето научно знаење па и сите други вештини кои сметам дека се непроценливи, но и клучни за поставување и реализација на посакуваната кариера. Благодарение на универзитетската наставна програма имав можност да се запознаам со процесот на развивање игри и да оформам некоја база од знаење врз која подоцна ми се пружи прилика да се надоградувам и професионално.
– Каде е Лола сега, и каде сака да биде во иднина?
Лола е среќно вработена во Фјуриос Авокадо скоро три години :). Работам на тоа што си го имав и поставено како цел, а тоа е токму креирањето на видео игри. Како млад човек моменталните цели ми се стекнување на што е можно повеќе разновидно знаење токму во оваа сфера, до некаде слично и на академското искуство во однос на процесот на откривање и поставување на професионални па и животни цели.
– Колкаво е влијанието од студирањето на престижен британски универзитет во однос на професионалното напредување?
Сметам дека во денешно време, поради “бескрајниот” избор на области за работа и лесниот пристап до информации, е веројатно поедноставно да се стекне знаење за конкретна наука и надвор од образовните институции, што можеби не било појава до пред некоја година. Во секој случај, моето искуство и мислење е дека развивањето на академските вештини и севкупното знаење и начин на размислување на кои те учи токму студирањето на еден таков универзитет, се клучни за понатамошно професионално развивање и истакнување во работниот однос. Земајќи го тоа предвид, мислам дека е исправно да се изведе заклучок за значајната улога на еден престижен универзитет во оформување на академска личност како и обука за понатамошно напредување со завршување на студиите. Како позитивен исход би сакала да ја издвојам и споделам можноста за пружање на работни прилики за која во мојот случај токму факултетот имаше важна улога и сум скоро и сигурна дека не би се ни случила без моето искуство во Сити Колеџ.
![]()
– Ако можеш да издвоиш, што е највредно од твоето академско искуство на Сити Колеџ?
Мислам дека ја искористив секоја прилика да го споделам моето позитивно искуство за сѐ што нуди Сити Колеџ како образовна институција и средина која овозможува успешно развивање како академска личност. Затоа би сакала како највредно доживување да го истакнам целото стекнато знаење и сите овозможени прилики кои се должат на мојот професор Иво Нешковиќ кој со своето менторство ми побуди интерес за нови концепти од областа на компјутерските науки и е заслужен за моето академско оформување и професионално реализирање како game developer.
– Збор, два за помладите генерации што сега се запишуваат на студии.
Степенот на престиж на еден универзитет не секогаш е мерило за квалитетот на знаењето кое истиот може и да го пружи. Според моето искуство, позитивниот исход од едни студии е склоп од дејствувањето на академскиот кадар во образовната институција, начинот на кој знаењето е пренесено на студентите, пружањето прилики за истражување на сопствените професионални интереси, а секако и целокупната работна атмосфера која ја нуди самата институција. Студиите треба да се нешто коешто претставува задоволство и наговестување на потенцијалната животна професија. Сметам дека јас успешно сум ги постигнала целите на еден факултет, а затоа можам да се заблагодарам на Сити Колеџ.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
СДСМ: Кратењето 40 милиони евра субвенции за земјоделците Трипуновски го претставува како „реформа“
Владата на Мицкоски ги намали субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра. Денеска Трипуновски сака ова кратење на субвенциите за 2026 година да го престави како некаква мала реформа, велат од СДСМ.
„Во 2024 година за субвенции се исплатија 140 милиони евра, сега во буџетот се предвидени само 100 милиони евра. Кај тутунот, субвенцијата за прва класа е намалена од 100 на 80 денари по килограм, што претставува директен удар врз тутунопроизводителите. Со зголемувањето на минималните површини за лозарство, овоштарство и поледелските култури, неколку илјади земјоделци за прв пат од 2004 година наваму ќе останат без денар субвенции. Дали за „реформа“ Трипуновски и владата на Мицкоски го сметаат елиминирањето на илјадници земјоделски семејства од системот на државна поддршка? Што е следно, дека и најголемиот криминален скандал со ИПАРД Програмата ќе го прогласат за „реформа“?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата обвинија дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги оставила земјоделците и без европска помош и со намалени субвенции.
„Оваа влада не ги крати парите за тендери туку ги кратат субвенциите од кои живеат земјоделците. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за втора, 74 тендери за трета, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку пошта, 9 милиони евта за фирма со двајца вработени. Не се крати тука ништо, како колачи се делат тендери. Нема пари за субвенции, нема пари за минимална плата од 600 евра, има пари само за криминални тендери, нов авион и за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“, велат од СДСМ.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.

