Економија
Кавадарци, „Кожувчанка“ и Фондацијата „Никола Јанчев“ со донација за Турција и Сирија!

Веднаш по потресната вест за настраданите од земјотресите во Турција и Сирија, Советот на Општина Кавадарци и градоначалникот на општина Кавадарци свикаа седница, на која се обезбедија 900.000 денари помош!
Општина Кавадарци вчеравечер ја одржа вонредната, шеста по ред седница на Советот на Општина Кавадарци, со цел одобрување финансиска помош од буџетот на Општина Кавадарци за погоденото население од земјотресот во Република Турција и Сирија. На почетокот од седницата советниците со едноминутно молчење им оддадоа почит на загинатите во земјотресот.
Едногласно беше одлучено сума од 600.000 денари да биде уплатена на трансакциската сметка добиена од турската амбасада за настраданите во Р. Турција, а сума од 300.000 денари да биде уплатена на сметката на Црвениот крст на РСМ со намена за настраданите од земјотресот во Сирија.
На седницата градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев, информира дека на помошта дополнително ќе се приклучат и компанијата „Кожувчанка“ од Кавадарци и Фондацијата „Никола Јанчев“ испраќајќи денес и утре 10 шлепери со вода за пиење за настраданите. Пет шлепери се донација од „Кожувчанка“ и Фондацијата „Никола Јанчев“, а пет од почесниот конзул на Р. Турција во Битола, господинот Ајдован Адемоски.
На крајот, беше упатен и отворен апел до граѓаните и до сите, до бизнис-секторот, за организирано прибирање финансиска и материјална помош за настраданите подрачја, со напомена дека во медиумите ќе биде објавен списокот на материјални добра што се потребни и кои може да се собираат.
Можеме заедно!
Да помогнеме во овие тешки моменти за Турција и Сирија со својата солидарност и хуманост на дело!
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Лукаревска: Од мај поврат на ДДВ од 2.100 денари-Пратениците дадоа зелено светло

Пратениците дадоа зелено светло за измените и дополнувањето на Законот за враќање на дел од ДДВ-то на физичките лица, напиша на социјалните мрежи Сања Лукаревска, директорката на Управата за јавни приходи.
Со оваа измена, како што дополнува Лукаревска, се овозможува зголемување на прагот на поврат на дел од ДДВ-то од 1.800 на 2.100 денари за едно тромесечје.
„Првите зголемени суми, корисниците на апликацијата #МојДДВ ќе ги добијат со исплатите во мај за скенираните фискални сметки во периодот јануари – март 2023 година“, потенцира во напишаното Лукаревска.
Економија
Намалување на цените на горивата

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,60 % во однос на одлуката од 17.3.2023 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 0,541 %, кај дизелот 1,152 %, кај екстра-лесното масло 1,318 % и кај мазутот има намалување од 2,660 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,077 %.
Малопродажната цена на „евродизелот (Д-Е V)“ се намалува 1,50 денар/л, а малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“, како и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат 0,50 денари/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 1,649 денар/кг и сега ќе изнесува 38,130 денари/кг.
Од 21.3.2023 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 81,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 83,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 74,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 73,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 38,130 (денари/килограм)
Економија
Бектеши: Дизелот ќе падне под 75 денари, се враќаме на цената од ланскиот февруари

Само за една недела цената на дизелот бележи намалување од 4,5 денари. Министерот за економија, Крешник Бектеши, вели дека трендот на намалување ќе продолжи и оваа недела.
„Се враќаме на цената од февруари минатата година, цената на дизелот ќе биде под 75 денари“, вели министерот Бектеши.
Бектеши очекува намалените цени на горивата да ја намалат и инфлацијата.