Економија
Ковачевски: Во ребалансот на буџетот направиме намалување на непродуктивните трошоци, нè oчекува тешка зима

„Ребалансот на буџетот е насочен главно кон справување со економската криза, ревидирање на фискалните проекции, реконструирање на буџетските расходи, зачувување на фискалната одржливост и оптимизација на изворите на финансирање на буџетскиот дефицит“, соопшти премиерот Димитар Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Парламентот.
Тој посочи дека ребалансот на буџетот пред само неколку дена е усвоен од страна на Владата и веќе е во Собранието и веројатно во наредните денови ќе започне неговата расправа во Парламентот.
„Ние во овој ребаланс на буџетот предвидовме и успеавме да направиме намалување на непродуктивните трошоци и трошоци коишто не мора да се направат, во износ од 215 милиони евра, тоа никогаш до сега не е направено. Меѓутоа, со оглед на ситуацијата и со оглед на тоа дека нè очекува навистина тешка зима, сметавме дека треба да се намали, да има значително намалување на расходи коишто не мора да се случат оваа година и тој износ е 215 милиони евра. Тие средства, зголемени со проширениот дефицит, се наменети за финансирање на животниот стандард на населението, кажав дека веќе имаме оставено дополнителни 76 милиони евра во резерва“, рече премиерот Ковачевски.
Тој дообјасни дека новите дополнителни 76 милиони евра коишто се планирани во ребалансот на буџетот се наменети за случај доколку е потребно повторно да се интервенира до крајот на годината со нови антикризни мерки заради заштита на животниот стандард на граѓаните.
„Затоа што се наоѓаме во услови на исклучително голема економска криза којашто е предизвикана, прво, од штотуку завршената здравствена пандемија и, второ, поради војната во Украина. Војната предизвика зголемување на светските цени на храната и на енергенсите и на недостиг на храна и на енергенси, што ги подгреа инфлаторните движења во сите држави“, рече премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата, Ковачевски, рече дека „инфлаторните движења се исклучиво предизвикани од екстремни фактори и за коишто треба да се интервенира како на фискалната страна на политиката, така и на монетарната со цел одржување на стабилноста на макроекономските индикатори на државата“, а дека бројките се практично идентични со инфлаторните движења во Франција, Германија, Австрија, Холандија.
За конкретен пример од регионот, премиерот ја посочи Хрватска.
„Во споредба со порано, овој месец Хрватска исто така направи ребаланс на буџетот, во кој имаат корекција на БДП исто како што имаме и ние. Потоа направија зголемување на инфлацијата, исто и како ние што имаме направено. Хрватска ја зголеми инфлацијата од 2.8 проценти на 7.8 проценти, ние на 7.2 проценти. Приходната страна на хрватскиот буџет е зголемена, исто така зголемена е и расходната страна на буџетот, и ако направиме аналогија со нашиот буџет, тогаш исто така и кај нас приходната страна е зголемена, исто така и расходната страна на буџетот е зголемена. Начелно, доколку ги погледнеме измените коишто се направени во Хрватска и доколку ги споредиме со нашите, тогаш се работи за исти тип на промени коишто се направени. Зошто ја направив оваа аналогија, бидејќи се работи за економија којашто произлегува од истиот систем, порано бевме во иста федерација. Хрватска е членка на ЕУ и исто така беше погодена од сите финансиски текови поеднакво, што значи дека и економските политики коишто се водат се многу слични и проекциите се многу слични“, објасни премиерот Ковачевски.
Тој посочи и на фокусот во ребалансот кон земјоделството.
„Потоа, дополнителни 52 милиони евра за земјоделците – бидејќи направивме Национална програма за зголемено производство на храна. Веќе се доделени во големина од 5.000 хектари, на земјоделците, за производство на стратешки култури, дополнително сега од 6.000 хектари земјиште исто така за лицитација за производство на стратешки култури. Зголемено е нивото на субвенции за производство на жито, сончогледово семе, што исто така се стратешки култури и предвидена е авансна исплата во овоштарството, на субвенциите, со цел да им бидат достапни финансиските средства на земјоделците. ИПАРД-програмата е двојно зголемена, што значи дека ЕУ има доверба во перформансите во македонското земјоделие и перформансите на Министерството за земјоделство и сите средства како изминатата година ќе бидат 100 проценти искористени“, соопшти премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата рече дека се обезбедени средства и за зголемување и непречена исплата на пензиите и платите во образованието и во детската заштита, дека се предвидени и зголемувањата на платите во МНР, во судскиот систем и во другите институции коишто исто така беа предмет на разговор со синдикати и предмет на разговори и на буџетирање во регионалниот буџет направен минатата година. Тој додаде дека е предвидено и зголемување на трансферите до општините што се должи на тоа што финансиските средства за образованието и градинките се исплаќаат преку општините и во ребалансот на буџетот е предвидено зголемувањето на овие плати да оди како трансфер на општините, коишто потоа ги исплаќаат до вработените – „што значи дека општините не треба да се грижат, односно финансиските средства ќе бидат дел од дотациите и трансферите коишто ќе се извршуваат непречено“.
Премиерот Ковачевски рече дека вкупните приходи со ребалансот се планирани да бидат зголемени со 6.9 милијарди денари или 2.9 проценти повисоко во однос на иницијално планираниот буџет и дека тоа се должи на зголемената основа, односно намалување на даночната инвазија и зголемувањето на контролите од страна на УЈП и на другите ресорни институции задолжени за намалување на сивата економија, како и на другите мерки коишто се преземаат заради зголемување на опфатот на оданочувањето, без зголемување на самите стапки.
„Вкупните расходи се планирани на ниво од 288 милијарди денари, или за 5.5 проценти повеќе во однос на иницијално планираните, што значи дека се некаде околу 16 милијарди денари или повеќе, коишто ќе се искористат исклучиво за поддршка на стандардот на граѓаните, за поддршка на економијата и за ликвидноста на компаниите, како и за обезбедување финансиски средства за енергетскиот сектор, со оглед на тоа дека според движењата на цените на гасот, според тоа што не застанува војната во Украина, се очекува уште поголемо зголемување на цената на енергенсите, меѓутоа и на електричната енергија“, додаде премиерот.
„Се шпекулираше со поголеми бројки, со поголеми проекции, меѓутоа како што кажавме на почетокот, буџетот е направен навистина одговорно, односно ребалансот, затоа и дефицитот е на ниво од 5.5 проценти. Проектираме дополнителна финансиска поддршка од 4.7 милијарди денари за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите и тоа пред сè заради продолжената криза со цената на енергенсите и на основните прехранбени примарни производи”, рече премиерот Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Собранието на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Цената на горивата не се менува, се намалува само цената на мазутот

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,40% во однос на одлуката од 4.07.2022 година. Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,40% во однос на одлуката од 4.7.2022 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,501%, кај дизелот за 1,699%, кај екстра лесното масло за 2,028% и кај мазутот за 2,898%.
Малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98, како и на еуродизел (Д-Е V) и на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 1,078 ден/кг и ќе изнесува 52,649 ден/кг.
Од 7.7.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин еуросупер БС – 95 108,50 (денари/литар)
Моторен бензин еуросупер БС – 98 110,50 (денари/литар)
Дизел гориво еуродизел БС (Д-Е V) 103,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 102,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 2,649 (денари/килограм)
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,412%.
Економија
Туристичко-угостителската комора подготвена да обезбеди 5.000 работници за спас на секторот

Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори во соработка со организациите од Турција може да обезбеди 5.000 квалификувани работници кои веднаш ќе почнат да работат во домашните капацитети доколку надлежните институции овозможат нивно вработување под условите кои важат и за македонските државјани.
Поради одливот на кадар во европските држави, секторот се соочува со сериозен недостиг на квалификувана работна сила што е закана за опстојувањето на голем број деловни субјекти.
„Во комуникација со секторските здруженија и организации од Турција најдовме решение за надминување на сериозниот проблем со кој се соочува туристичко-угостителскиот сектор, недостигот на квалификувана работна сила како келнери, рецепционери, собарки, готвачи и имаме зелено светло веднаш да донесеме 5.000 работници, за кои нашите плати се прифатливи. Но за да може тоа да се операционализира неопходно е да се поедностават процедурите за регулирање на вработувањето на овие лица бидејќи во нашата држава постои прилично сложена процедура за засновање работен однос со странски државјани. Сметаме дека доколку овие лица може да се вработат под истите услови како и нашите државјани значително ќе го ублажиме сериозниот кадровски проблем со кој се соочуваме“, истакна претседателот на ТУК, Аркан Керим.
На прес-конференцијата се презентираше и втора клучна активност на Комората која треба да овозможи намалување на негативните ефекти предизвикани од мултиплицирачката криза врз овој сектор преку обезбедување финансиска поддршка од ЕУ неповратни фондови за поставување соларни панели и користење на други алтернативни извори на електрична енергија.
Покрај претседателот, активностите на комората ќе ги координираат и четворица секторски потпретседатели Наташа Церековиќ, потпретседател за сектор Угостителство, Васија Трпеновска, потпретседател за сектор Транспорт на патници, Евалд Коениг, потпретседател за сектор Туристички агенции и Гурсел Карадениз, потпретседател за сектор Хотели. Во наредниот период ќе бидат избрани и регионални претставници на Комората, со цел да се обезбеди соодветно застапување на сите деловни субјекти на територијата на нашата држава.
Економија
Рама: Блиску сме до откривање гас и нафта во Албанија

Албанскиот премиер Еди Рама денеска изјави дека компанијата „Шел“ е многу блиску до важно откритие за гас и нафта во Албанија, што во голема мера ќе влијае не само на иднината на земјата туку и на енергетската иднина на Европа.
„Полни сме со надеж дека набргу ќе можеме да ја известиме јавноста во нашата земја и во регионот, но и надвор од него, за едно многу важно откритие на кое работи ‘Шел’ во нашата земја. Тие одбиваат да зборуваат за тоа, но има знаци дека сме блиску до многу важно откритие за гас и нафта“, рече Рама за време на неговата посета на Холандија.
Рама денеска разговараше со претставници на холандски компании, кои работат во Албанија, и други инвеститори заинтересирани за проширување на активностите, јави албанската новинска агенција АТА.
Во мај 2019 година „Шел“ објави дека истражувањата во близина на градот Берат, во централна Албанија, ја потврдиле можноста за значително откривање нафта.