Економија
Ковачевски – Павлова: Со проекти од енергетиката, инфраструктурата и животната средина до побрза интеграција во ЕУ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска се сретна со делегација од Европската инвестициска банка, предводени од заменик-претседателката на банката, Лилјана Павлова.
На средбата присуствуваа и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Заеднички беше констатирана досегашната успешна соработка на државата со Европската инвестициска банка, со надеж дека таа соработка ќе се прошири и во други области.
На состанокот се дискутира за поддршката што Европската инвестициска банка ја обезбедува за реализација на клучните проекти во јавниот сектор од областа на патната и железничката инфраструктура, енергетиката, како и проекти од областа на зелениот развој и зелената транзиција на земјата.
Во оваа насока претставниците на Европската инвестициска банка нагласија дека продолжува поддршката на државни проекти, како и на приватниот сектор.
Заеднички беше истакната важноста за реализација на проектот за изградба на гасниот интерконектор со Грција и реализацијата на делницата во земјата, при што беше оценето дека оваа инвестиција ќе придонесе за стабилност во снабдувањето со енергија, што ќе обезбеди раст на земјата и побрза интеграција во енергетскиот пазар во регионот, како и во Европската Унија.
Беше потенцирана и важноста на проектот за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје, кој е поддржан и преку инвестициски грант во рамките на Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), со што ќе се обезбеди подобрување на квалитетот на условите за живеење на жителите на главниот град, но и пошироко.
Премиерот Димитар Ковачевски на средбата се заблагодари во име на Владата за континуираната поддршка на Европската инвестициска банка на државата, со што оваа значајна меѓународна финансиска институција придонесува во процесот на пристапување на земјата кон ЕУ.
Европската инвестициска банка е активна во Република Северна Македонија уште од 1991 година обезбедувајќи над 1,1 милијарда евра, финансиска поддршка за претпријатијата, како и за проекти од областа на транспортот, енергијата и инфраструктурата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.