Економија
Комората на сметководителите бара продолжување на роковите за годишните сметки и финансиските извештаи

Пролонгирање на роковите за поднесување годишни сметки и финансиски извештаи преку законски измени на Законот за трговските друштва со цел подобрување на квалитетот на финансиското известување да бидат дел од економските мерки за петтиот пакет, бара Комората на сметководителите при Сојузот на стопанските комори на Македонија. Според роковите утврдени во Законот за трговските друштва, годишната сметка се доставува до Централниот регистар до крајот на февруари наредната година во хартиена форма или до 15 март во писмена форма.
„Роковите пропишани со Законот за трговските друштва се исклучително кратки во споредба со која било друга земја во регионот и пошироко. За споредба, во соседните Бугарија и Србија извештаите се поднесуваат до 30 јуни, во Хрватска до 30 април, во Германија до 31 март за големи ентитети и до 30 јуни за малите претпријатијата, во Франција и Шведска до 31 јули итн. Дополнителен проблем што се јави во 2020 година, поради ширењето на негативните ефекти од здравствено-економската криза, е тоа што огромен број сметководители и овластени сметководители како лица на чиј товар паѓаат подготовката на годишната сметка и финансиските извештаи, од здравствени и други причини беа оневозможени непречено да ги извршуваат своите активности. Поради тоа, се јавија големи застои при обработката на документите и нивната евиденција во сметководствените евиденциски системи. Нашето барање е рокот за поднесување на годишните сметки да се пролонгира до 30 април за хартиено поднесување, односно 15 мај за електронско подесување“, изјави Благоја Грозданов, член на Управниот одбор на Комората на сметководителите.
Тој вели дека навременоста е еден од главните ограничувачки фактори за обезбедување веродостојни и релевантни информации, а како проблем во финансиско известување го препознава и Одборот за меѓународни сметководствени стандарди, кој зборува за потреба да се воспостави баланс меѓу релативната важност на навременото известување и обезбедувањето веродостојни и релевантни информации за да се задоволат потребите на корисниците за донесување економски одлуки.
„Така, доколку се пролонгираат екстремно рестриктивните рокови кои се пропишани со Законот за трговските друштва, ќе се зголеми квалитетот на презентираните податоци во годишните сметки и финансиските извештаи. Преку законски измени проблемите со кои се соочуваме при секое поднесување на извештаите ќе бидат системски надминати“, потенцира Грозданов.
Комората повикува и на реализирање на најавата за формирање работна група за подготовка на Законот за вршење на сметководствените работи, со што, како што велат, треба да се надминат неповолните состојби во професијата, но и да се даде придонес кон унапредување на деловното окружување во земјата.
„Регулирањето на оваа професија на соодветен начин ќе даде значаен придонес и кон поефикасна борба против сивата економија. Воедно, бараме повлекување на сегашното решение, кое на перфиден начин вметнува член со кој се дозволува странци да работат во Македонија, но не и нашите професионалци да имаат можности интернационално“, рече Александра Андреева, член на Управниот одбор на Комората на сметководителите.
Таа потенцира дека наместо вистински залагања за уредување на професијата што ангажира околу 10.000 професионалци, структури од Министерството за финансии континуирано се обидуваат да донесат законски измени со кои само поединци имаат личен бенефит и профит, а професијата дополнително се загрозува.
Комората на сметководителите исто така бара еднократна неповратна помош за правните субјекти кои како дејност вршат сметководствени работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
НБРМ: Регулаторите ја следат состојбата со финансискиот систем

Финансискиот систем успешно им одговори на минатогодишните предизвици од корона-кризата, регулаторите постојано ги следат состојбите информираат од Народна bанка.
„Финансискиот систем успешно им одговори на минатогодишните предизвици од корона-кризата. Високите регулаторни барања во периодот пред појавата на корона-вирусот и минатогодишните регулаторни мерки придонесоа за натамошното одржување на неговата стабилност, како и за негова подготвеност за натамошни предизвици. Имајќи предвид дека здравствената криза сè уште трае, регулаторите и натаму со особена внимателност ќе ги следат состојбите, приспособувајќи ги своите мерки и пристап заради превентивно делување за натамошно јакнење на финансиската стабилност, а со тоа и на отпорноста на системот на шокови“, додаваат од оваа финансиска институција.
На денешната седница на Комитетот за финансиска стабилност беа презентирани првичните видувања и податоци за остварувањата во минатата година и тековната состојба во одделните сегменти од финансискиот систем во земјата, во условите на корона-кризата. Со седницата претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а учествуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателката на Комисијата за хартии од вредност, Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Максуд Али и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, Крсте Шајноски.
Осврнувајќи се на движењата во банкарскиот систем во 2020 година, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска уште еднаш посочи дека тој успешно им одговори на минатогодишните предизвици од здравствената криза.
„Банкарскиот систем, во услови на исклучително непредвидлив амбиент, успеа да го одржи кредитниот циклус остварувајќи кредитен раст од 4,7%, којшто беше финансиран од солидниот депозитен раст од близу 6%. Овие остварувања се поддржани од солидната капитална и ликвидносна позиција на системот. Истовремено, квалитетот на кредитното портфолио се подобри, при што учеството на нефункционалните во вкупните кредити на банкарскиот систем е намалено на историски најниското ниво од 3,4%. Сепак, со оглед на тоа дека сѐ уште постои неизвесност од здравствената криза и нејзиното влијание врз реалниот сектор, неопходно е претпазливо однесување и постојано следење на можните неповолни преносни ефекти од реалниот врз банкарскиот сектор преку каналот на кредитен ризик“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.
На седницата беше посочена и превентивната мерка за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивидендата на акционерите на банките и штедилниците. Притоа, уште еднаш беше нагласено дека со мерката се делува превентивно за натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем и обезбедување солидна кредитна поддршка на граѓаните и компаниите.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, рече дека Министерството за финансии во соработка со Народната банка е на чекор до донесување нов Закон за финансиска стабилност и нов Закон за платежни услуги и платни системи, со којшто ќе се следат најдобрите практики на Европската Унија и којшто e веќе поставен на ЕНЕР. Бесими посочи дека и покрај кризата предизвикана од пандемијата, во 2020 година финансиските друштва и давателите на финансиски лизинг ја зголемија вредноста на финансиските пласмани и добивката.
Економија
Кина ја делат 30 години од статусот индустриска велесила, смета владин советник

Уште најмалку 30 години ја делат Кина од статусот на индустриска суперсила, смета владин советник, предупредувајќи на зависноста на индустријата од странска технологија.
Многу набљудувачи веќе ја перцепираат Кина како светска сила бидејќи го произведува секој трет автомобил и телефон во светот, забележува Би-би-си.
Кинеските лидери, пак, се загрижени за нивната голема зависност од американските технолошки производи, како што се полупроводниците.
„Основните капацитети се сè уште слаби. Клучните технологии се во рацете на другите, а тоа може сериозно да ја погоди Кина“, предупредува Мијао Веј, кој десет години беше министер за индустрија и информатичка технологија, а сега е член на владиниот совет.
Иако Кина произведува значителна количина потрошувачки и индустриски производи, учеството на индустријата во економијата минатата година паднало за близу 25 проценти, што е најниско ниво од 2012 година.
„Уделот на индустријата во БДП падна предвреме и премногу нагло“, рече Мијао во говорот пред членовите на советничкиот комитет.
„Кинеската преработувачка индустрија направи големи работи во последниве години, но сепак е во основа голема, но не и силна, обемна, но не и добра“, додаде тој.
Во петгодишниот план, објавен кон крајот на минатата недела, Кина го зацрта развојот на софистицирани технологии, од чипови до вештачка интелигенција. Целите се надоврзуваат на повеќекратните напори на кабинетот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп да го блокира пристапот на Кина до технологијата.
Кинеските компании, како што е „Хуавеј“, не можат да набават клучни електронски делови од САД, потсетува Би-би-си.
Затоа, кинеските лидери го утврдија создавањето на домашни производители како клучен приоритет.
Економија
(Видео) Тасевска: Остануваме посветени на стабилна и силна економија

Остануваме посветени на силна и стабилна економија велат од владејачкиот СДСМ.
Пратеничката Лидија Тасевска потсети дека тече реализацијата на бескаматната кредитна линија со грант компонента ,,Ковид 3”, која се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија.
„Според јавно објавените податоци од развојната банка, досега одобрени се вкупно 2.122 кредитни барања во вкупен износ од 24,3 милиони евра. Во овие микро и мали трговски друштва, трговци-поединци и занаетчии вработени се вкупно 16.009 вработени. Според структурата, 1.172 кредитни барања се од мали компании, додека 792 барања се од микро компании. 116 кредитни барања се од трговци-поединци, додека 42 кредитни барања се од занаетчии“, информира Тасевска.
Таа напомена дека ова е конкретна помош за малите и микро компании, за трговците поединци, за занаетчиите кои преку ваквиот механизам добиваат поддршка во зајкнување на ликвидноста и зголемување на својата конкурентност во време на санирање на последиците од коронакризата.
„Бескматаната линија ‘Ковид 3’ продолжува се до исцрпување на расположливиот буџет на мерката кој изнесува 31 милиони евра“, додаде Тасевска.
- Книги3 месеци
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Македонија2 месеци
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот
- Регион2 месеци
(Видео) Прекината прес-конференција на градоначалникот на Бања Лука: „Луѓе ова е сериозен земјотрес“
- Регион2 месеци
(Видео) Снимен моментот на потресот во Петриња – луѓе не можат да се задржат на земјата
- Европа2 недели
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Свет1 месец
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Економија3 недели
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“