Економија
Комора на сметководители: Брзите измени на Законите влеваат несигурност кај компаниите и граѓаните

Честото менување на законската регулатива и ефектите од промените особено во даночните закони врз стопанството, најавата за нова глобална економска криза во 2020 г., како и актуелната состојба во сметководствената дејност, беа во фокус на прес-конференцијата на Комората на сметководители во Сојузот на стопански комори на Македонија.
Претседателот на Комората на сметководители, Драган Митковски, истакна дека брзите промени во даночната регулатива го зголемуваат ризикот во работењето и го оневозможуваат ефективното даночно планирање на компаниите. Тие се пречка за водење на бизнисот и предизвикуваат несигурност со што го забавуваат растот на економијата, создаваат незадоволство кај граѓаните и директно влијаат на зголемување на сивата економија.
„Законите во даночната сфера се менуваат многу често и најчесто по брза постапка и без консултации со стопанството. Како примери би ги посочиле Закон за данок на личен доход, кој беше донесен и покрај нашето предупредување за штетните ефекти од неговата имплементација, за по една година подоцна неговата примена да биде одложена. Дополнително, од јануари стапуваат на сила измените на Законот за придонеси за задолжително социјално осигурување, со кој придонесите растат за 0,5% со што нивниот кумулативен раст од лани е 1%. Имајќи предвид дека ефективната даночна стапка со вклучени придонеси и данок на личен доход е веќе 50% на основа на нето-платата која вработените ја земаат, сметаме дека со ова се става преголем товар на и така кревкото стопанство“, истакна Митковски и додаде дека брзото менување на законите води кон импровизирање, односно многу често се носи законско решение кое е неприменливо во пракса и за чија имплементација нема претходно изградена системска рамка. Не ретко новите закони се неприменливи, бидејќи доаѓа во судир по другата постоечка регулатива, што значи дека истите се носат без соодветна претходна анализа.
Благоја Грозданов, член на Управен одбор на Комората на сметководители, истакна дека предизвик за бизнис-заедницата е и тоа што брзото и постојано менување на законите е тешко за следење.
„Mалите и средни фирми кои очекуваме да бидат двигател на економијата немаат на располагање тим на советници кој постојано ќе ги информира и ќе им помага во примената на новата регулатива. Оваа активност најчесто е оставена на сметководителите. Проблем со законите кои се менуваат често е и тоа што не се прецизни, па отвораат можност за различно толкување и префрлање на надлежностите. Брзото и често менување на законите покажува и дека не постои стратегија за тоа што се сака да се постигне и како да се дојде до тоа, туку одлуки се носат на дневно-политичка основа. Така, иако некои законски измени, како онаа за зголемување на минималната плата, може навидум да изгледаат дека се добри за одредена категорија на граѓани, сепак на долг рок, како што и предупреди и ММФ во последниот извештај, нема да ја намалат сиромаштијата, туку ќе ја зголемат сивата економија“, истакна Грозданов.
Комората на сметководители дополнително предупреди дека надлежните треба да ја имаат предвид новата глобална економска криза која се заканува во САД, Европа, но и во нашето соседство. Актуелното забавување на светската и европска економија би можело да доведе до рецесија што ќе значи силен економски удар особено за нефлексибилните и ригидни економии.
„Прогнозите на светски познатите стручњаци се дека таа криза не би требало да биде со размер како онаа во 2008 година, но сепак креаторите на економската политика во земјава треба да ја имаат предвид и оваа опасност и да се размислува во насока на мерки кои ќе го стабилизираат и јакнат приватниот сектор. Владата треба да го зголеми штедењето и да го намали дефицитот на буџетот, непотребните јавни трошоци и задолжувањето во странство, а да донесе мерки за ублажување на ценовниот удар и со индиректни мерки да им помогне на компаниите што имаат намален извоз“, истакна Грозданов.
Комората на сметководители потенцира дека сметководството треба да се издигне на многу повисоко ниво и да се цени трудот на сметководителите кои законски одговараат на потребите и барањата на своите клиенти, а од друга страна, пак, одговараат и на потребите на институциите, поточно на општеството во целина. Во овој период на годината кога почнуваат активностите за изготвување и поднесување на годишните финансиски извештаи Комората на сметководители апелира дека потребно е овозможување исклучиво право на потпис единствено на лице регистрирано како овластен сметководител, со што покрај одговорноста сметководителите ќе имаат и соодветни права кои произлегуваат од нивните квалификации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.