Економија
Континуиран растечки тренд на користењето на дигиталните канали за извршување на електронските плаќања

Народната банка на Република Северна Македонија ги објави податоците од доменот на платежната статистика за третиот квартал од 2024 година, кои покажуваат постојан тренд на зголемена употреба на дигиталните канали за извршување на плаќањата во земјата.
Овие податоци се особено значајни, бидејќи ја истакнуваат промената во навиките на граѓаните во насока на сѐ поголема употреба на платежните картички при иницирање на плаќањата, како и користење на решенијата за мобилно плаќање кај електронските кредитни трансфери (платните налози).
Во третиот квартал од 2024 година се забележува значителен годишен раст кај бројот и вредноста на платежните трансакции на граѓаните во трговијата во земјата. Трансакциите со картички, издадени од домашните даватели на платежните услуги, пораснале за 10,2% по број и за 13,6% по вредност. Овој раст најмногу се должи на високиот годишен раст на бројот на плаќањата во е-трговијата во земјата, кој изнесува 29,2%, како и растот од 8,8% на плаќањата преку терминалските уред ПОС.
Покрај тоа, забележан е и годишен раст во бројот на плаќањата на граѓаните со платни налози. Бројот на платежните трансакции се зголемил за 9,9%, а вредноста на остварените трансакции пораснала за 22,2%. Ова укажува на натамошно зголемување на употребата на дигиталните канали за иницирање на овие плаќања. Најзначајни се резултатите од употребата на апликациите за мобилно плаќање, кои покажуваат годишен раст од 50,2% во бројот на платежните трансакции споредено со истиот период од 2023 година. Во рамките на овие податоци, се истакнува податокот дека граѓаните извршиле 65% од вкупниот број електронски иницирани платни налози преку мобилните платежни апликации, што покажува дека мобилните апликации за плаќање стануваат сѐ попопуларни, бидејќи нудат побрзи и поедноставни решенија за иницирање на платежните трансакции.
Податоците од доменот на платежната статистика за третиот квартал од 2024 година, освен што ги опфаќаат платежните трансакции на граѓаните во земјата, вклучуваат и податоци за платежните трансакции на правните лица во земјата. За повеќе информации, податоците се достапни на следнава врска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.