Економија
Кочоска: Кои струмички компании имале кредити без покритие во Еуростандард и како се поврзани со власта
Кои струмички компании имале кредити без покритие во Еуростандард банка и како тие се поврзани со власта и зошто НБРМ ги толерирала ваквите кредити, праша денеска на прес-конференција, Гордана Димитриеска-Кочоска, претседател на Комисијата за материјално финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата ја прашуваат гувернерката кога адвекватноста на капиталот на Еуростандард банка паднала под законскиот минимум.
ВМРО-ДПМНЕ прашува и зошто одлуката за одземање на лиценцата на Еуростандард банка се прави во овој момент и зошто тоа не се направи пред изборите.
„Кого штитеше гувернерката во последната година ако се земе предвид дека еден од сопствениците на банката јавно кажува дека овој проблем постои веќе една година. Дали толку време беше потребно избрана група луѓе и компании да ги повлечат своите средства и да ја прекинат соработката со банката, како што е случајот со министерката за финансии“, праша Димитриеска-Кочоска.
Таа рече дека самата гувернерка признава оти нефункционалните кредити се 4,7 отсто од вкупните кредити, од кој цел процент отпаѓал на само една банка – Еуростандард банка. Според Кочоска, ова значи дека некој свесно дозволил давање кредити без покритие, а од вкупните нефункционални кредити де факто над 21 % отпаѓа на банка што гувернерката вели дека е незначајна за банкарскиот систем врз основа на тоа што Еуростандард банка со состојба на 30 јуни 2020 година учествува во вкупната актива, вкупните депозити и вкупните кредити на банкарскиот систем со 1,3 %, 1,7 % и 1,6 % соодветно.
„Зошто е толерирано толку мала банка да има толку нефункционални кредити. Добро е и да се види кои струмички компании имале кредити без покритие во Еуростандард банка и како тие се поврани со власта. Колку компании се уништени со оваа одлука и колкав е износот на депозити на правните субјекти и физички лица што не се гарантирани и кои не може да ги повлечат. Кој ќе сноси одговорност за влошување на состојбата во бизнис-секторот, кој и онака трпи сериозни последици. Воедно, се отвораат и други дилеми, кој ќе преземе одговорност за ширењето на коронавирусот кога над 55.000 граѓани веќе трчаат во други банки да отвораат сметки. Кој ќе сноси одговорност доколку дел од овие граѓани, поради целиот овој хаос, остане без приходи следниот месец? Она што исто така загрижува е и што ќе се случува со ‘Македонска пошта’. Граѓаните знаат дека во ‘Македонска пошта’ можеше да се плаќаат сметки. Но, тие не знаат дека системот што ‘Македонска пошта’ го користеше е на Еуростандард банка. Колку оваа одлука ќе има влијание врз ликвидноста на ‘Македонска пошта’ и дали ќе влијае на бројот на вработени? Воедно, со оваа одлука, која се носи во најголема здравствена и економска криза, без работа остануваат околу 170 вработени, кои имаат свои фамилии“, рече Димитриеска-Кочоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Инвестираме 21 милион евра за набавка на нови пет електрични локомотиви
Инвестираме 21 милион евра за набавка на пет нови електрични локомотиви кои ќе бидат од суштинско значење за зголемување на карго-транспортот, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој денеска заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и директотот на МЖ Транспорт, Дејан Кошутиќ го потпишаа Договорот за заем од ЕБРД за набавка на нови електрични локомотиви.
Николоски кажа дека со новата флота од пет локомотиви и постојните четири кои се понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго-превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај.
„Од постојните 11 локомотиви, четири се понови, а седум се постари. Со новата флота од пет локомотиви и постојните четири понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај. Ова е особено важно за Коридорот 10, кој треба да бележи раст во наредните години, како и за Коридорот 8, кој во моментов интензивно го развиваме преку значајни инвестиции во железничката инфраструктура“, рече Николоски.
Истовремено, додаде тој, оваа инвестиција е дел и од пошироката визија за Скопје, подобрување на квалитетот на воздухот преку воведување на градскиот воз.
„Во моментов се работи на една од трите линии во делот на инфраструктурата, а во следните две години ќе се работи и на преостанатите две. Кога целиот проект ќе биде завршен, по тие линии ќе сообраќаат исклучиво електрични возови, со јасна цел, целосно да се елиминира употребата на дизел локомотиви и дизел возови во главниот град и да се придонесе за подобар квалитет на воздухот. Сега влегуваме во потешкиот, но клучен дел, успешно спроведување на набавката. Се надевам дека до март, во соработка со ЕБРД, ќе успееме да го објавиме повикот и потоа успешно да ја реализираме испораката на новите локомотиви“, рече Николоски.
Економија
Развојната банка повлече кредитна транша од над 9 милиони евра за поддршка на 17 македонски компании
Развојната банка денеска ја повлече десетата и последна транша од ЕИБ 7 кредитната линија наменета за зелена транзиција. Вкупниот износ на оваа транша е 9.251.488 евра. Средствата од оваа транша се наменети за поддршка на 17 македонски компании кои се со претежна производствена дејност.
Со повлекување на оваа транша, Развојната банка успешно ја заврши реализацијата на седмата фаза на кредитната линија со средства од Европската инвестициона банка во износ од 100 милиони евра.
Реализацијата на седмата фаза од ЕИБ кредитната линија започна со потпишување на Финансиски договор за заем помеѓу Развојна банка на Северна Македонија и Европска Инвестициона Банка за МСП и MID-CAP компании и зелена транзиција. Кредитите се пласираа преку 5 квалификувани банки – учеснички со каматна стапка до 3,5% годишно кон крајните корисници. Рокот на отплата на кредитите е до 12 години за инвестициони кредити и Mid-cap проекти и до 3 години за кредити за обртни средства.
„Со средства од кредитната линија ЕИБ 7 поддржани се 259 проекти на македонските компании. Кредитната линија ЕИБ 7 ја оствари целта за која беше креирана: зголемување на ликвидноста на стопанството, задржување на постојните и отворање на нови работни места, зголемување на извозот, обезбедување на економски раст и конкурентност на трајна основа, како и стимулирање на компаниите во инвестиции за зелена транзиција со цел долгорочна заштеда на средства преку намалена потрошувачка на енергенси и зачувување, заштита или подобрување на животната средина“, соопшти Развојната банка.
Досега, преку Развојната банка се реализираа седум фази на кредитната линија ЕИБ во износ од 650.000.000 ЕУР. Со средства од овие кредитни линии поддржани се 2.621 проекти на домашните компании и креирани 9.260 работни места.
Економија
„Нвидиа“ купи акции на „Интел“ во вредност од пет милијарди долари
Американската технолошка компанија Нвидиа купи акции на Интел во вредност од пет милијарди долари, со што ја реализираше трансакцијата најавена во договорот од септември.
Според договорот, Нвидиа платила 23,28 долари по акција и купила повеќе од 214,7 милиони акции на Интел. Инвестицијата е одобрена од американските антимонополски институции, соопшти претходно Федералната трговска комисија на САД.
Се проценува дека уделот на Нвидиа во Интел ќе изнесува околу четири отсто, со што ќе стане еден од поголемите акционери на компанијата, наведува Ројтерс.
Претходно, во август, американската влада купи 10 отсто од Интел за 5,7 милијарди долари, а истата година компанијата обезбеди и две милијарди долари инвестиција од јапонскиот Софтбанк.
Договорот меѓу Нвидиа и Интел предвидува и заеднички развој на чипови, што би можело да ја промени конкуренцијата во индустријата и да влијае врз позициите на ТСМЦ и АМД.

