Економија
Левицата повикува в петок на протест за стечајците на „Треска“

„Три децении работниците од некогашниот гигант „Треска“ се принудени да живеаат во социјална маргинализација, заглавени во правните лавиринти на неправдата. Со години корумпираните политички елити предводени од СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ, во спрега со олигархијата, манипулираат со судбината и достоинството на оваа група. Иако стечајците во текот на годините повеќепати преку протести бараа помош од секоја влада, нивните барања остануваа игнорирани. Дури и Владата предводена од СДСМ одби средба со стечајците под изговор дека решението на нивниот проблем може да го добијат само преку адвокат. Ова однесување од СДСМ и неговиот таканаречен план за живот не само што се скандалозни – туку се и нечовечни“, соопшти Левицата.
Според оваа партија, јасно е дека станува за уште еден милионерски грабеж на државен имот, директно помогнат од владејачкиот естаблишмент во текот на годините.
„Правно решение за овој случај речиси и да не постои и тоа раководството на СДСМ многу добро го знае. Наместо Мила Царовска да ја замајува јавноста со парцијални и понижувачки социјални мерки, потребно е да се посвети на итно решавање на статусот на стечајците, кои својот живот и своето достоинство го потрошија на корумпираните и лукративни игри на сите досегашни влади. Недозволиво е, додека партиската армија зема енормни надоместоци за да не оди на работа, оние работници што чесно работеле да живеат на работ на егзистенцијата! За каква социјална политика тогаш зборува бившата министерка Царовска кога проблемите на стечајците се невидливи за неа? Токму поради тоа, Левицата, заедно со стечајците од ‘Треска’, ќе одржи протест овој петок, со почеток од 10 часот пред поранешната фабрика со седиште на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов бр. 130.
Добредојдени се сите да ги искажат солидарноста и поддршката против секојдневната неправда врз работничкиот народ. Само обединети стечајци може да се изборат за своите права, само обединета работничка класа може да се избори за подобра иднина. Правда за ‘Треска’! Правда за стечајците“, се вели во повикот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.