Економија
„Лукоил“ го продава имотот надвор од Русија на шведски милијардер
Рускиот нафтен гигант „Лукоил“ соопшти дека прифатил понуда од глобалниот трговец со енергија „Гунвор“ да го купи целиот негов странски имот. Потегот на втората по големина руска нафтена компанија е директен резултат на санкциите што ги воведе Вашингтон минатата недела, објави „Ројтерс“.
Планираната продажба е најзначајниот чекор досега преземен од руска компанија како одговор на западните санкции воведени поради војната во Украина, која почна со руската инвазија во 2022 година.
„Лукоил“ потврди во соопштение дека ја прифатил понудата на „Гунвор“ да ја продаде „Лукоил интернешнл ГмбХ“, која управува со сите странски средства на нафтениот гигант.
„Клучните услови на трансакцијата беа претходно договорени меѓу страните. Од своја страна, „Лукоил“ ја прифати понудата обврзувајќи се да не преговара со други потенцијални купувачи“, соопшти „Лукоил“.
„Гунвор“, во мнозинска сопственост на шведскиот милијардер Торбјорн Тернквист, исто така потврди дека е во преговори со „Лукоил“ за можна аквизиција.
Министерството за финансии на САД издаде дозвола со која им се дава рок на компаниите до 21 ноември да ги завршат сите трансакции со „Лукоил“ и „Роснефт“, уште една руска енергетска компанија погодена од нова рунда санкции.
„Гунвор“ доби популарност во 2000-тите како најголем трговец со руска нафта во светот. Меѓу неговите акционери во тоа време беше Генадиј Тимченко, близок соработник на Владимир Путин, кој го продаде својот удел кога САД му воведоа санкции по руската анексија на Крим во 2014 година.
„Гунвор“ оствари значителен профит од порастот на цените на нафтата и гасот по почетокот на војната во Украина и европското свртување кон руските производители на енергија. Овие профити сега ги користат „Гунвор“ и конкурентите, како што се „Витол“ и „Трафигур“, за да стекнат средства, од рафинерии и нафтени полиња до електрани и ветерни фарми.
„Лукоил“, со седиште во Москва, е одговорен за речиси 2 % од глобалното производство на нафта. Нејзин најголем странски имот е нафтеното поле „Западна Курна 2“ во Ирак, едно од најголемите во светот, во кое поседува 75 % удел, а чие производство надмина 480.000 барели дневно во април.
Компанијата исто така е сопственик на рафинеријата „Лукоил нефтохим Бургас“ во Бугарија, најголемата на Балканот, и рафинеријата „Петротел“ во Романија. Покрај тоа, „Лукоил“ испорачува нафта во Унгарија, Словачка и во турската рафинерија СТАР.
Портфолиото вклучува и акции во нафтени терминали, малопродажни синџири за гориво во Европа и многу бројни проекти во централна Азија, Африка и во Латинска Америка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ го објави конкурсот за стипендирање
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ – Скопје во насока на реализирање на своите програмски определби, а врз основа на правилникот за критериумите, постапката и користењето на средствата на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ – Скопје за стипендирање на студенти од Фармацевтскиот факултет според програмата за работа на фондацијата за 2025 година и одлуката на управниот одбор на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ – Скопје бр. 02-30/1 усвоена на ден 31.10.2025 година објавува
КОНКУРС
За стипендирање на 20 студенти по фармација
1. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈАТА
· Кандидатите да се редовни студенти на Факултетот по фармација на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје во трета или четврта година од студии
· Во текот на студиите да постигнале најмалку 7,5 просечен успех
· Да не повторувале година во текот на студирањето
2. ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ
· Молба
· Кратко CV
· Уверение за положени испити и постигнат успех
3. НАЧИН НА ПРИЈАВУВАЊЕ Кандидатите потребните документи да ги достават на адреса: Фондација „Трајче Мукаетов“ – Скопје Булевар „Александар Македонски“ бр.12
1000 Скопје Документите се поднесуваат од 03.11.2025 година до 19.11.2025 година исклучиво по пошта.
4. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈА Ќе се стипендираат 20 студенти од трета година и четврта година Фармацевтски факултет. Висината на стипендијата ќе изнесува 7.000,00 денари месечно (нетто износ).
Документите на кандидатите кои се некомплетни и неблаговремено доставени нема да се разгледуваат. За резултатите од Конкурсот кандидатите ќе бидат известени на домашна адреса и преку дневниот печат.
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ – Скопје во насока на реализирање на своите програмски определби, а врз основа на правилникот за критериумите, постапката и користењето на средствата на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ – Скопје за стипендирање на студенти од Медицинскиот факултет според програмата за работа на фондацијата за 2025 година и одлуката на управниот одбор на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ – Скопје бр. 02-32/1 усвоена на ден 31.10.2025 година објавува
КОНКУРС
За стипендирање на 20 студенти по медицина
1. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈАТА
· Кандидатите да се редовни студенти на Факултетот по медицина на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје во трета или четврта година од студии
· Во текот на студиите да постигнале најмалку 7,5 просечен успех
· Да не повторувале година во текот на студирањето
2. ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ
· Молба
· Кратко CV
· Уверение за положени испити и постигнат успех
3. НАЧИН НА ПРИЈАВУВАЊЕ Кандидатите потребните документи да ги достават на адреса: Фондација „Трајче Мукаетов“ – Скопје Булевар „Александар Македонски“ бр.12 1000 Скопје Документите се поднесуваат од 03.11.2025 година до 19.11.2025 година исклучиво по пошта. 4. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈА Ќе се стипендираат 20 студенти од трета година и четврта година Медицински факултет. Висината на стипендијата ќе изнесува 7.000,00 денари месечно (нетто износ). Документите на кандидатите кои се некомплетни и неблаговремено доставени нема да се разгледуваат. За резултатите од Конкурсот кандидатите ќе бидат известени на домашна адреса и преку дневниот печат.
Економија
Фероинвест на „Енерго Технома 2025“ – претставено искуството од првата лиценцирана батерија на електрана во Македонија
На штандот на компанијата на годинешниот саем „Енерго Технома 2025“, посетителите покажаа голем интерес за исплатливоста и придобивките од првата поставена батерија на фотонапонска електрана, во заедничка сопственост на ФЕРОИНВЕСТ и неколку партнери, а изведена од ФЕРОИНВЕСТ.
Бројни сопственици на фотоволтаични електрани се заинтересирани за поставување батериски системи за складирање електрична енергија на нивните објекти, по примерот што го реализираше ФЕРОИНВЕСТ, кој е ексклузивен застапник за Македонија на батериите од глобалниот бренд WHES (WEIHENG).
Инженерскиот тим на саемот ги запозна инвеститорите со искуството од првите недели на работењето на батеријата, кое покажа дека е постигната двојно повисока цена за продажба на електричната енергија, во споредба со фотонапонска електрана без батерија. Ова значи дека инвестицијата во батеријата ќе се исплати за само три години, а дополнително ќе ја подобри вкупната исплатливост на електраната.
Батеријата овозможува складирање на електричната енергија во текот на денот, кога има високо производство од сонце, а пазарните цени се ниски, и користење или продажба во ноќните часови, кога нема сончево производство, а побарувачката и цените се значително повисоки.
На овој начин, батериите создаваат добивка за производителот, односно за електраната, а истовремено му помагаат на електроенергетскиот систем на Македонија, штитејќи го од преоптоварување со прекумерни количини енергија во критичните часови од денот.
Овој тренд, кој произлегува како последица од инсталирањето на поголем капацитет на фотоволтаични електрани од реално потребниот, ФЕРОИНВЕСТ го согледа уште пред две и пол години и започна со истражување и инвестирање во развој на батериски системи.
Батерискиот систем на фотонапонската електрана во Гиновце претставува првата батерија во Македонија која има градежна дозвола, согласност за приклучок на мрежа и лиценца за складирање електрична енергија, согласно новите законски одредби што ја уредуваат оваа нова област на енергетската транзиција во земјава.
Батерискиот систем е поставен на фотонапонската електрана во Гиновце, во близина на Крива Паланка.
Електраната има инсталирана моќност од 4,5 MW (мегавати) и батериски систем со капацитет од 6,1 MWh (мегаватчаса), со кој секојдневно управува ФЕРОИНВЕСТ преку сопствен систем за програмирање и контрола.
(ПР)
Економија
Децата од градинката „Пролет“ во посета на МИНТ финтек-групацијата по повод Денот на штедењето
По повод 31 октомври – Светскиот ден на штедењето, МИНТ Финтек Групацијата ги отвори вратите на своите главни канцеларии во Битола и организираше посета за најмладите, децата од детската градинка „Пролет“.
Во духот на едукацијата и добрите финансиски навики, децата имаа можност да се запознаат со симболиката на штедењето и да научат како преку мали чекори може да се создадат големи навики. Со нивните насмевки и прашања за тоа „како растат парите“, денот доби најубава смисла.
Секое дете доби специјално дизајнирана Mint касичка – со мотиви од вселената и природата – симбол на љубопитност, раст и одговорност. Покрај тоа, децата изработија и цртежи на тема „штедење“ кои останаа изложени во канцелариите на компанијата како потсетник дека најубавите инвестиции се оние во иднината.
„Во Mint Fintech Group веруваме дека финансиската писменост почнува уште од најрана возраст – преку игра, боја и инспирација. Затоа секоја година на овој ден сакаме да им ја приближиме на децата идејата за штедење како нешто убаво, креативно и значајно,“ велат од компанијата.
Настанот беше организиран во соработка со воспитувачите од ЈОУДГ „Естерија О. Мара“ – објект „Пролет“, а ќе продолжи и утре во знак на Денот на осигурувањето, со нови активности посветени на безбедноста и довербата.
Mint Fintech Group продолжува да вложува во развојот на финансиската едукација и општествената одговорност, градејќи култура на штедење и доверба меѓу најмладите генерации.
(ПР)

