Економија
Македонија прва во Западен Балкан се обврза дека ќе го напушти производството на струја од јаглен

Северна Македонија стана член на PPCA-алијансата (Powering Past Coal Alliance) за време на Лондонската недела за климатски акции и заедно со Шпанија се обврзаа да го напуштат производството на електрична енергија од јаглен до 2030 година, соопшти ЕЛЕМ.
„Одлуката на Северна Македонија да се придружи на клубот европски земји кои ќе го напуштат производството од јаглен до 2030 година го подвлекува фактот дека Парискиот договор за климатски промени стана норма за европските земји”, рече Махи Сидериду, извршен директор на „Европа без јаглен”.
Тој додаде дека влезот на Северна Македонија во оваа група е особено значаен бидејќи се работи за првата земја од Западен Балкан што се обврзува на напуштање на јагленот.
„Енергетската транзиција на земјата е еден од приоритетите на Владата на Република Северна Македонија и на АД ЕСМ. Енергетскиот стратешки план е една од точките на Акција 21 и на Интервентниот план за инвестиции 2021-2027. Минатиот месец АД ЕСМ потпиша договори за јавно-приватно партнерство за изградба на фотонапонска електрана во Осломеј од 100 мегавати во вредност од 70 милиони евра, што претставува една од најголемите инвестиции во енергетиката, поточно во обновливите извори за производство на електрична енергија. Паралелно, во различна фаза на реализација е изградбата на уште две фотонапонски централи од 20 MW, со што во Осломеј целосно се супституира производството од струја од јаглен. Тоа е прв пример во Југоисточна Европа, за што Европската енергетска заедница испрати и писмо за поддршка“, соопшти ЕЛЕМ.
Што се однесува до Ветерниот парк Богданци, од таму додаваат дека во тек е проектот за зголемување на неговиот производствен капацитет на 50 MW, а Парк на ветерници ќе се гради и кај Миравци.
„Според сите релевантни меѓународни организации Северна Македонија е на врвот на листата земји од регионот по раст на обновливи извори на енергија. Само минатата година, производството на енергија од обновливи извори во државата е зголемено на 827 мегавати, што претставува раст од 10,1%. Резултатите од енергетската транзиција на Северна Македонија изминатата година се потврда за успешниот ангажман на Владата и на АД ЕСМ за инвестиции во ‘зелена’ енергија, заштита на животната средина преку праведна транзиција“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.