Економија
Менаџментот на САСА нуди покачување на платите на вработените за 5.500 денари
Преговорите меѓу раководството на рудникот САСА и синдикатот членка на Мултиетничкиот синдикат на образованието (МЕСО) влегуваат во завршна фаза. Согласно со потпишаната спогодба за преговори, раководството на САСА го достави до синдикатот предлогот за зголемување на платата на вработените и натамошно унапредување на условите за работа во компанијата, што соодветствува со барањата на синдикатот.
Раководството на САСА предлага генерално зголемување на платите на сите вработени во компанијата кое ќе се реализира во оваа и во наредните две години. Конкретно, раководството на САСА нуди сите вработени во компанијата, почнувајќи од 1 март 2018 година, да добијат зголемување на месечната плата за 5.500 денари. Дополнително, платата на сите вработени ќе биде зголемена и за дополнителни 5% во 2019 и уште толку во 2020 година.
Со ова покачување платите во рудникот САСА ќе го надминат прагот од 40.000 денари, односно ќе бидат за 27% повиски од просечните плати во рударската индустрија во земјава, согласно со официјалните податоци за исплатената просечната плата во рударството во јануари 2018 година, објавени од страна на Државниот завод за статистика.
Во доставениот предлог до синдикатот раководството на САСА најави и дополнителни вложувања во осовременување на системот за организиран бесплатен превоз на вработените, како и во системот за исхрана. Иако со закон компанијата не е обврзана да нуди бесплатна исхрана и превоз за вработените, раководството на САСА ќе продолжи да го обезбедува тоа за сите вработени во компанијата, при што ќе се вложат над 250.000 евра во реновирање на фабричката кујна и кантина и во подобрување на автобускиот превоз за вработните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

