Економија
МЕПСО со детали за дефектот поради кој останаа без струја делови на Скопје
„Прекините на напојувањето во Скопскиот регион се резултат на неможноста да се ангажираат системските резерви кои не ни беа ставени на располагање од страна на АД ЕСМ. АД МЕПСО немаше можност да изврши благовремено растоварување на електропреносната мрежа и напонска поддршка со ангажирање на хидроелектраните со кои нормално секоја година се обезбедуваат системските резерви неопходни за обезбедување на сигурна и стабилна работа на електроенергетскиот систем“, соопшти МЕПСО во врска со дефектот поради кој останаа без струја делови на Скопје.
Според компанијата, вакви дефекти поради зимски услови за работа на елементите од електропреносната мрежа се случувале и ќе се случуваат.
„Денеска во 12 часот вкупното моментално производство на електрична енергија приклучено на преносната мрежа на АД МЕПСО изнесуваше околу 400 MW и тоа од термоцентралите ТЕ Битола 2 и ТЕ-ТО како и од ВЕЦ Богданци. Притоа во мрежата немаше ангажирано хидро производство, поради тоа што истото не беше предвидено од страна на АД ЕСМ во дневниот возен ред. Ова значи дека не беше ставена на располагање системската резерва, односно резервата за секундарна и терциерна регулација од хидроелектраните, кои се основна алатка за обезбедување на сигурна и стабилна работа на електроенергетскиот систем.
Согласно со предвиденото во дневниот возен ред со цел превентивни активности за подобро снабдување во претстојната зима согласно планот беа исклучени следните 110 kV далекуводи : ТС Ѓорче Петров – ТС Скопје 1 ( презатегање на фазни спроводници и промена на изолатори), ТС Скопје 4 – ТС Велес (промена на оштетени изолатори) и ТС Фенимак – ТС Дуброво ( испитување на релејна заштита).
Во 11:58h поради дефект испаѓа 110 kV далекувод ТС Скопје 4 – ТС Скопје 3 што предизвика пад на напоните во скопскиот регион на 110 kV страна, а посебно во ТС Скопје 3 до вредност од 75 kV и зголемен проток на електрична енергија преку далекуводот ТС Јегуновце – ТС Скопје3 . Во 12:03h испаѓаат: 110 kV далекувод ТС Јегуновце – ТС Скопје3 и 110 kV далекувод ТС Сопотница – ТС Битола 1. На далекуводот ТС „Јегуновце“ – ТС „Скопје3“ евидентиран е дефект на една фаза, за што испратена е далекуводна екипа да го санира дефектот.Поради пад на напонот испаѓаат трансформаторите кои се во сопственост на ЕВН дистрибуција во ТС Запад и ТС Козле, при што потрошувачите кои се приклучени на овие трафостаници остануваат без напојување. Со максимален ангажман на стручните екипи на АД МЕПСО во 12:07h вклучен е далекуводот ТС Скопје 4 – ТС Скопје 3 со што се подобруваат напонските прилики во регионот и се нормализираат тековите на моќност. Според информација од ЕВН Дистрибуција, регулационите преклопки на трансформаторите во ТС Запад и ТС Козле останале заглавени во положба за максимална регулација на напон, поради што операторите од ЕВН Дистрибуција не биле во можност да ги вклучат истите.
Пратени се екипи на ЕВН Дистрибуција рачно на лице место да ги ослободат регулационите преклопки во ТС Запад и ТС Козле. После интервенцијата, конзумните подрачја на ТС Запад и ТС Козле постепено се обезбедени со напојување со електрична енергија од страна на ЕВН Дистрибуција“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска: Енергетските реформи влегуваат во забрзана фаза, имаме план и сигурност
Со фокус на забрзување на енергетските реформи и координацијата со меѓународните партнери, во свечената сала на Владата денес се одржа состанок на Секторската работна група за енергетика, организиран од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. На настанот присуствуваа клучните институции од енергетскиот сектор, донаторската заедница, меѓународните финансиски институции и развојни партнери.
Фокусот беше ставен на размена на искуства, донаторска координација, разгледување на реализираните активности и утврдување на приоритетите за следниот циклус на реформи.
Во рамки на состанокот беа презентирани активностите поврзани со усогласување со европското законодавство, внатрешниот енергетски пазар, спроведувањето на Реформската агенда и напредокот во подготовката на Националниот енергетски и климатски план (NECP).
МЕПСО, ЕСМ и МЕМO информираа за развојот на проектите во своите области, вклучувајќи го market coupling процесот, подобрувањето на безбедноста на снабдувањето, модернизацијата на преносната мрежа и истражувањето и иновациите во соработка со академската заедница.
Министерката Сања Божиновска испрати порака за насоката во која се движи секторот, нагласувајќи дека периодот на одложувања и импровизации е завршен.
„Градиме енергетски систем што нуди стабилност, доверба и одржливост. Новиот Закон за енергетика, инвестициите во обновливи извори и активната соработка со меѓународните партнери се клучни алатки со кои ги забрзуваме реформите и ја подготвуваме земјата за енергетската иднина,“ истакна министерката Божиновска.
Таа додаде дека во тек се подготовки за серија нови инвестиции во соларни и ветерни капацитети, модернизација на мрежната инфраструктура, како и дигитализација на процеси кои се клучни за транспарентност и ефикасност.
Министерството презентираше детали за постигнатите резултати во изминатиот период, меѓу кои: започнати инвестиции во сончеви и ветерни капацитети во соработка со KfW, ЕБОР и ЕИБ; старт на критични инфраструктурни проекти, како интерконекторoт со Грција и забрзување на процесите за интерконекторот со Србија; подготовка на национален план за реконструкција на јавните згради со фокус на енергетска ефикасност; напредок во процесите за праведна транзиција со конкретни чекори на терен.
„Секој киловат што нема да го потрошиме вреди исто колку киловат што ќе го произведеме“, нагласи Божиновска.
Министерството ги претстави главните приоритети за наредниот период: финализирање на законите; продолжување на инвестициската динамика во обновливи извори и мрежи; дигитализација на процеси; унапредување на енергетската ефикасност; развој на интерконекциите; засилено следење и исполнување на роковите.
„Имаме работа која не трпи одложувања. Мора да работиме брзо и фокусирано за да имаме стабилен, модерен и поврзан енергетски систем што ќе донесе бенефит и за економијата и за државата и за граѓаните“, заклучи министерката.
Учесниците го поздравија напредокот и ја нагласија потребата од понатамошна координација во реализирањето на заедничките цели: интегриран енергетски пазар, повисока ефикасност, енергетска безбедност и континуирано вклучување на нови технологии и иновации.
Економија
Ѓорѓиевски со порака за посилна регионална соработка на форумот на Стопанската комора на Војводина
Во рамките на осмиот форум кој е организиран од Стопанската Комора на Војводина во Нови Сад се одржа панел дискусија со фокус на регионалната соработка,зелената транзиција и идните чекори на регионот на која покрај домаќинот господин Владимир Гак преседател на стопанската комора на Војводина учествуваа Горан Ѓорѓиевски преседател на Сојуз на стопански комори на Македонија, преседателот на Стопанската комора на Република Српска Горан Ракиќ и Горан Јаниќ преседател на советодавниот одбор на Зелен Навигатор.
Пред голем број на присутни учесниците на панелот испратија јасни пораки за зголемување на соработката на ниво на Комори како и идни чекори кои е потребно да се преземат со цел да се овозможи подобро позиционирање на бизнис секторот во регионот и на европскиот пазар. Коморите преставуваат катализатор помеѓу владите и бизнис секоторот секогаш фокусирани да работат на градење мостови на соработка со цел подобрување на условите за бизнис,а тоа е возможно со поголем број на Б2Б средби,размена на искуство и воведување на нови практики во зелената транзиција која се бара од страна во Европската Унија,а нашите држави се обврзаа на тоа.
,,Затоа регионот е потребно се повеќе да го гледаме и третираме како еден пазар со фокус на зголемена ,но фер транзиција на која ќе се работи во континуитет на дигитализацијата и нови технологии без кои не можеме да замислиме дека ќе има развој” истакна Ѓорѓиевски во своето излагање.
На маргините од осмиот форум делегацијата на Соузот на Стопански комоти на Македонија реализираше состаноци со Истамбулската стопанска комора со кои се оцртаа новите форми на идна соработка со примарен фокус на инвестициите.
Со почит,
Економија
Форумот за иновации „Пеперутка“ 2025 заврши со визија за регионална иновациска соработка
Четвртиот форум за иновации „Пеперутка“ 2025, организиран од Советот за Регионална Соработка (RCC), одржан на 19-20 ноември во Нови Сад, успешно заврши. Настанот, кофинансиран од Европската Унија, ги собра креаторите на политики, иноваторите, основачите на стартапи и претприемачите од целиот Западен Балкан, обезбедувајќи живописна платформа за вмрежување, размена на знаење и соработка.
Во своето воведно обраќање, Амер Капетановиќ, Генерален секретар на RCC, ја истакна важноста на регионалните иновации и соработка. „Овие иницијативи покажуваат дека, иако предизвиците постојат, нашиот регион се движи решително напред. Ги поставуваме темелите за отпорен и конкурентен Западен Балкан. Со вашето залагање, идеи и придонеси, може да обезбедиме регионот да чекори во склад со иновациите и да стане дестинација за нив,“ рече Капетановиќ, нагласувајќи дека успехот ќе зависи од заедничките напори низ регионот.
Растислав Стојсављевиќ, зборувајќи во име на Министерството за наука, технолошки развој и иновации на Србија, им се заблагодари на RCC и ЕУ за нивната постојана поддршка. Тој истакна дека настани како Форумот и наградата „Пеперутка“ помагаат во адресирањето на потребите и можностите за иновации во регионот, и ја потврди посветеноста на Србија кон унапредување на иновациите и технолошкиот развој.
Исто така, Ричард Маша, Раководител на операции во Делегацијата на ЕУ во Србија, нагласи дека иновациите се клучни за економски раст, конкурентност и за иднината на младите во Западен Балкан. Маша ја потврди посветеноста на Европската Унија за поддршка на иновативните напори во регионот и го пофали RCC за оваа иницијатива, потенцирајќи го партнерството на ЕУ во туркањето на регионалните иновации напред.
За време на форумот, учесниците се вклучија во информативни панели и разговори на напредни теми. Првата сесија се осврна на тековниот развој на вештачката интелигенција во регионот, разделувајќи ја хиперболата од реалноста и дискутирајќи како нејзиниот раст може да се искористи за развој. Втриот панел ја стави во фокус гејминг индустријата, покажувајќи го нејзиниот подем како силен двигател на иновации и раст на дигиталната економија во Западен Балкан. Панелистите ја разгледаа и експанзијата на центрите за дигитални иновации како клучни поттикнувачи на технолошка соработка и претприемништво во регионот. Во deep-tech дискусија, експертите дебатираа дали новонастанатиот deep-tech сектор во Западен Балкан е подготвен да стане нов мотор за раст или сè уште претставува неискористена можност. Овие разговори ги истакнаа успешните регионални технолошки иницијативи и понудија практични увиди, во согласност со фокусот на форумот – еволуцијата на стартап екосистемот во регионот.
Форумот за Иновации „Пеперутка“ 2025 заврши во оптимистички, визионерски дух. Организаторите и учесниците се согласија дека споделеното знаење и воспоставените врски ќе поттикнат уште поголема регионална соработка и иновации. Континуираната регионална соработка, нагласена низ целиот форум, беше истакната како клучна за претворање на креативните идеи во одржливи бизниси и за одржување на конкурентноста на Западен Балкан во глобалниот иновациски пејзаж. Успехот на настанот повторно ја истакна вредноста на ваквите форуми во обединувањето на различни засегнати страни и водењето на дигиталната и зелената транзиција на регионот. Како што регионот продолжува напред, моментумот создаден од Форумот „Пеперутка“ 2025 ќе ги зајакне тековните иницијативи и ќе инспирира нови партнерства, обезбедувајќи континуитет на регионалниот иновациски прогрес.
Форумот ја вклучи и церемонијата за 4-тата награда за иновации „Пеперутка“, одржана претходната вечер, каде беа претставени исклучителните регионални иноватори што придонесуваат за одржлив и дигитален раст.

