Економија
Мицкоски: Го разбирам бојкотот на граѓаните на маркети, а јавноста ќе дознае како функционери на СДСМ манипулирале со пресметките

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека легитимно право е на граѓаните да изразат револт и тој има разбирање за истото, но од СДСМ освен навреди и клевети не кажаа дека има разбирање, затоа што, како што рече, тоа најелитистичката партија која 7 години немаше разбирање за стандардот на граѓаните и воведуваше дополнителни даноци.
„Легитимно право е да има граѓанска иницијатива за бојкот на маркети, имам разбирање и не гледам погрешно, легитимно е да имаме граѓани кои револтот ќе го манифестираат на начин на кој тие мислат дека треба. Наша или ваша политичка оценка е дали ќе се покаже разбирање или нема. Од СДСМ освен клевета и напад не слушнав дали покажува разбирање кон тие кои повикуваат на ваква иницијатива. Јас на прес конференција во Влада бев јасен и точен дека покажуваме разбирање со граѓаните.“, изјави премиерот Мицкоски одговарајќи на прашање од пратеничката Јована Тренчевска.
Во однос на политиката за кошнички, премиерот ја потсети Тренчевска дека и тие имаа такви, но сега е разликата што се седна на маса со сите засегнати страни, а не под присила како во времето на СДСМ.
„Дали дава резултати или не, тука имаме поделено мислење, некои велат дава резултати, некои дека не дава. Она кое ние го направивме, а е различно од претходните, седнавме и со производителите и со маркетите, разговаравме и утврдивме производи кои на доверба од страна на владата кон нив оставивме да биде дефинирана како листа ставена на располагање на граѓаните. Тоа е различно од она кое беше пракса во минатото кога се водеше политика на сила и политика на притисок.“, потенцираше премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски посочи дека СДСМ постојано повторува намалување на ДДВ на храна како нивна автохтона политика, а тоа е истата елитистичка партија која 7 години не излезе да види како живее народот која воведе данок на луксуз која воведе законски рекет кон македонската економија, за што има иницијатива пред Уставен суд.
„Не би сакал да сум во чевли на СДСМ ако судот донесе одлука дека тоа било неуставно и дека тие пари треба да се вратат. Вие убедливо најелитистичката структура на политичари на Балканот, водевте политика на елитизам и отсуство од реалноста, летнати во облаци најдовте да зборувате за стандард на граѓаните. Вие кои не излеговте од дебелите персиски килими и кожните фотелји да видите како живеат граѓаните 7 години. Заборавивте што им ветувавте.“, нагласи премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски се осврна на минималната потрошувачка кошничка при што истакна дека македонската јавност треба да знае дека врз грбот на народот се прави политика од најнизок вид, како се манипулира при пресметката, а ја пресметуваат поранешни функционери од СДСМ.
„За минималната синдикална кошничка дали сте ја виделе методологијата? Ќе ви дадам одговор ако не сте ја виделе. Јас во мојот живот лубеница и црешни во јануари не сум јадел, не знам за вас во СДСМ можеби ви е вообичаена пракса. Тоа е дел од методологијата за пресметка на минималната потрошувачка кошничка која е со цени од неколку маркети кои во јавноста се познати како ексклузивни без да биде пресметана просечната цена. А ја пресметуваат Никола Попоски поранешен потпретседател на СДС, Драган Тевдовски поранешен министер за финансии од СДСМ и Бранимир Јовановиќ кој беше дел од Ленка, Левица па отиде советник кај Тевдовски, овие тројца ја пресметуваат минималната потрошувачка кошничка. Отидов во неколку маркети и ги извадив неколку производи од потрошувачката кошничка и констатирав дека само за храна и пијалаци 3.000 денари е помала сумата од тие што се декларирани во минималната синдикална кошничка односно 15% помалку. Ова ќе го презентирам на економско социјалниот совет и тоа со слики, да се видат вистински цени.“, потенцираше премиерот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.