Економија
Мицкоски: Трошоците за овој заем се од 12 до 20 пати помали од заемите што ги зела претходната влада на СДСМ и ДУИ

„Видете цената којашто ја плаќаме за оваа половина милијарда е некаде отприлика, вчера кажав на прес-конференција е 0,1 процент. Но таа е 0,04 проценти тоа е за адвокатски услуги итн. Процес кој е стандарден за ваков тип на заеми. Направив анализа колкава провизија плаќала владата на СДСМ и ДУИ во периодот во која таа се задолжувала преку емисија на државни обврзници на меѓународниот пазар. И таа провизија тие што ја плаќале се движи од 12 до 20 пати повеќе од тоа што ние сега како адвокатски услуги го плаќаме за овие 500 милиони. Ќе повторам од 12 до 20 пати“, подвлече претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за темата којашто се отвори за провизијата која ќе се земе за унгарските пари и дали станува збор тоа е висока сума.
Владата има задача да го зачува достоинството на институцијата и да обезбеди средства за развој за компаниите и за општините и покрај претпоставките како што оцени премиерот од опозиција би следеле опструкции на работата на Комисијата за финансирање и буџет на недемократски начин. Според информациите кои ги обелодени, рече дека денеска претседателот на Комисијата нема да ја стави на дневен ред на Комисијата.
„Добив информација дека денеска нема претседателот на Комисијата за финансирање и буџет оваа точка да ја стави на дневен ред на Комисија, тоа е Сања Лукаревска, таков став заземале во СДСМ. Деловникот е јасен и има таму период кога треба таму да се стави оваа точка, доколку не се стави што се прави итн. И тоа ќе се прави. Опозицијата претпоставувам Левица, ДУИ и СДСМ ќе се обидат дури мислам дека и на недемократски начин да ја опструираат работата на Комисијата. Но, нашата задача е да го зачуваме достоинството на институцијата и да обезбедиме средства за развој за компаниите и за општините. Вистинската намера на опозицијата е стравот, бидејќи ако овие ако овие средства се вложат на начин кој планираме да ги вложиме ние ќе добиеме политички бенефит од сето ова и на тој начин преку реализација на проектите во општините и поддршка на бизнисот конечно после долго време застој и уназадување државата ќе почне да чекори напред. Тоа е вистинската суштина. Инаку трошоците за овој заем се од 12 до 20 пати помали од заемите коишто ги земала претходната Влада на СДСМ и ДУИ“, изјави премиерот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Објавен јавен повик за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство

Денеска е објавен Јавниот повик 08/2025 за доставување на барање за исплата на средства од Програмата за финансиска поддршка на рурален развој за 2025 година.
Поддршката е наменета за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство, со цел зачувување на руралните подрачја и промовирање на одржливо земјоделство.
Право на поддршка имаат земјоделски стопанства регистрирани согласно Законот за земјоделство и рурален развој во Единствениот регистар на земјоделски стопанства при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Висина на поддршката:
• 100% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина еднаква или повисока од 700 метри;
• 60% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина пониска од 700 метри.
Услови за доделување:
• 1 вработено лице на 150 овци;
• 1 вработено лице на 100 кози;
• 1 вработено лице на 50 говеда, но не повеќе од 620.000 денари по вработено лице.
Задржување на истиот број вработени најмалку една година по исплатата.
Барањата со потребната документација потребно е да се поднесат најдоцна до 30.07.2025 година.
Економија
Божиновска: Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот

Македонија влегува во клучна фаза на трансформација на енергетскиот систем, земјата не само што вложува во стабилноста и модернизацијата на сопствената мрежа, туку стана активен играч во регионалното поврзување и енергетската интеграција, изјави министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Според неа, со новите интерконектори, стратешките трансформаторски станици и инвестициите во паметна енергетска инфраструктура, државата го поставува курсот кон енергетска независност и улога на регионален енергетски коридор.
Божиновска најави дека во следните денови официјално започнува изградбата на гасниот интерконектор со Грција.
„Интерконекторот е долг 68 километри, ќе пренесува не само природен гас, туку и водород, остварена e заштеда од 12 милиони евра и ќе биде изграден од македонска компанија – директна корист за домашната економија“, рече таа.
Во меѓувреме, додаде Божиновска, Македонија и Србија направија значаен исчекор кон ново енергетско поврзување – минатата недела се потпиша Меморандум за соработка меѓу НОМАГАС и Србијагас за изградба на интерконектор меѓу Клечовце и Врање, со вкупна должина од 70 километри, од кои 23 километри ќе бидат на македонска територија. Во рамки на проектот ќе се изградат и мерни станици од двете страни на границата. Студиите за изводливост и за влијание врз животната средина се веќе во тек, со поддршка од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
„Преку овие две стратешки поврзувања, Македонија се позиционира како нова транзитна точка за природен гас на релација Југ – Север, односно од ТАП гасоводот и ЛНГ терминалот во Александруполис кон Србија и Средна Европа, со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно. Ова е директна поддршка на енергетската диверзификација на целиот регион, со зголемена употреба на гас од различни извори“, рече таа.
Изградбата на 400/110 kV врската Охрид – Елбасан, пак, ќе го заокружи електроенергетското поврзување на Македонија со сите соседни држави – стратегиски проект за цел регион.
„Ова е новата сила на македонската енергетика. Со регионалните интерконектори, Македонија веќе не е само краен потрошувач – станува активен учесник во преносот и стабилноста на енергетиката во Југоисточна Европа. Ова е патот кон сигурна енергија, економска отпорност и стратешка позиција на енергетската карта на Балканот. Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот.“, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе учествува на 4. меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севилја

Министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска ќе престојува во работна посета на Кралството Шпанија.
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе се обрати на Тркалезна маса „Leveraging private business and finance“ во рамки на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот (FfD4), којашто под покровителство на Организацијата на Обединетите нации ќе се одржи во Севиља.
На Конференцијата, на којашто е најавено учество на педесетина шефови на држави и влади, министри, претставници на меѓународните организации, на бизнис заедниците и граѓанското општество, треба да биде усвоен „Договорот од Севиља“.
Целта на лидерскиот собир е изнаоѓање на решенија за справувањето со финансиските предизвици во исполнувањето на Целите за одржливиот развој и Агендата 2030, реформирање на меѓународната финансиска архитектура и поттикнување на инвестиции од страна на приватниот сектор.
Во рамки на посетата, предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да одржи билатерална средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, а на средбата ќе присуствува и министерката Димитриеска -Кочоска.