Економија
ММФ даде зелено светло за заем од 800 милиони долари на Аргентина

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ѝ го отвори патот на Аргентина да повлече 800 милиони долари за да помогне на нејзиното економско закрепнување објавувајќи дека програмата за кредитирање е цврсто на вистинскиот пат.
Аргентина има програма од 44 милијарди долари со ММФ, која вклучува економски цели поврзани со растот, инфлацијата и девизните резерви. Во вчерашното соопштение ММФ наведе дека неговиот извршен одбор го завршил осмиот преглед на тој аранжман.
„По завршувањето на прегледот, извршниот одбор оцени дека програмата е цврсто на вистинскиот пат, со сите квантитативни критериуми за успешност исполнети до крајот на март 2024 година“, објави ММФ.
Исто така, се додава дека за одржување на овој напредок ќе биде потребно подобрување на квалитетот на фискалното приспособување, преземање чекори кон подобрена рамка на монетарната и девизната политика и спроведување реформи за раст.
Аргентинската влада најави дека ќе почне разговори со ММФ за нова програма.
Одобрувањето од ММФ доаѓа откако аргентинскиот претседател Хавиер Милеи, кој ја презеде функцијата во декември, спроведе опсежни фискални реформи и сериозно ги ограничи владините трошоци за да се справи со троцифрената инфлација, намалената економија и негативните девизни резерви.
Промените што ги воведе ѝ помогнаа на Аргентина да ги врати исцрпените девизни резерви, да постигне фискални суфицити на почетокот на годината и да ја стабилизира својата валута – пезосот.
Месечната стапка на инфлација во Аргентина во мај беше најниска од 2022 година, покажаа официјалните податоци во четвртокот, намалувајќи се петти месец по ред на 4,2 отсто благодарение на мерките за штедење на претседателот.
Сепак, тамошната влада се соочува со предизвици бидејќи економијата запира и нивото на сиромаштија расте. Во средата избувнаа протести во главниот град поради понатамошни реформи, кои предвидуваат буџетски кратења.
Пакет-реформите предложени од Милеи за заживување на заболената економија во земјата вклучува прогласување вонредна состојба, намалување на пензиите и намалување на работничките права.
ММФ забележува дека Аргентина ќе има потреба од континуирани напори за поддршка на ранливите и постигнување агилно креирање политики во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.