Економија
Министерството за финансии: Буџетот за 2024 година реализиран во согласност со планираното, 2025 почнува ликвидно и стабилно

Приходите и расходите во буџетот за 2024 година се реализирани на ниво над 96 %, што е во согласност со планираното во буџетот. Притоа растот на приходите и расходите во однос на претходната година е речиси 10 %, а буџетскиот дефицит е понизок од планираното за 2,5 милијарди денари и е на ниво од 4,4 % од БДП, соопшти Министерството за финансии.
„Вкупните приходи во буџетот за 2024 година се реализирани во износ од 306,3 милијарди денари или 96,3% од планираното. При тоа приходите од даноци и придонеси се реализирани во целост односно 99,7%, додека само од даноци остварувањето е 99,2%. Кај данокот на личен доход има остварување од 101%, данокот на додадена вредност 103,8%, кај данокот на добивка има оставрување од 95,6% и увозните давачки се со остварување од 95,3%.
Реализацијата на приходите во Буџетот е согласно планираното со Ребалансот. Податоците упатуваат на ефикасна наплата на приходите од страна на Управата за јавни приходи и Царинската управа. Така даночните приходи и придонеси се остварени во износ од 283,6 милијарди денари и учествуваат со 92,6% во структурата на вкупните буџетски приходи. Приходите од даноци во 2024 година се остварени во износ од 177,9 милијарди денари и се за 12,8% повисоки споредено со минатата година. Придонесите за социјално осигурување се остварени во износ од 105,7 милијарди денари и истите се за 14,1% повисоки од остварените во 2023 година.
Вкупните расходи во 2024 година се реализирани во износ од 348,5 милијарди денари или 96,1% од годишниот план и се за 9,4% повисоки од буџетските расходи реализирани во 2023 година. Капиталните расходи во 2024 се реализирани во износ од 28,7 милијарди денари или 76,8 % од планираното. За реализација на проектот за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д беа реализирани 4,1 милијарда денари, односно буџетот за 2024 година наменет за тој проект во целост беше остварен. Дополнителни 21,2 милиони денари се реализирани за општинските проекти, како и 165 милиони денари за проекти за подобрување на општинските услуги преку МСИП со заем од Меѓународната банка за обнова и развој (Светска банка)и. Расходите за стоки и услуги се реализирани во износ од 22,9 милијарди денари или 88% од планираното. Трансферите кон општините преку блок дотации и дотации по основ на ДДВ се реализирани во износ од 30,9 милијарди денари и се повисоки за околу 3,4 милијарди денари во однос на претходната година, земјоделските субвенции се реализирани во износ од 9,2 милијарди денари и се во целост исплатени.
Особено е важен фактот дека буџетскиот дефицит е реализиран во понизок износ и дека тоа е дел од планот за фискална консолидација.
Буџетскиот дефицит со ребалансот на Буџетот беше проектиран на ниво од 4,9%, а во 2024 година е реализиран буџетски дефицит на ниво од 4,4% од БДП или во апсолутен износ понизок за 2,5 милијарди денари. Исто така и јавниот долг ќе биде понизок од проектираното и најверојатно ќе биде на ниво од 62,2%. Оваа година започнува со ликвидни и стабилни јавни финансии“, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши од Струга: Инвестираме 40 милиони евра за граѓаните да останат и напредуваат дома

Денеска во Струга, Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување ја одржаа јавната презентација на Оперативниот план за вработување 2025. Настанот привлече голем интерес кај граѓаните, бизнисите и локалните институции, а главниот фокус беше ставен на мерките што директно ја засилуваат вработеноста и ја стимулираат економијата.
На презентацијата присуствуваше и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кој порача дека Владата вложува во граѓаните – нивните идеи, капацитети и амбиции.
„Не нудиме празни ветувања, туку конкретни мерки, средства и поддршка. Оперативниот план е алатка за секој кој сака да започне, да се дообучи или да се вработи. Целта е јасна – да создадеме можности тука, дома“, истакна министерот Дурмиши.
Планот за 2025 година предвидува инвестиција од 40 милиони евра, насочена кон повеќе од 10.000 граѓани, а oд Министерството велат дек досегашниот одѕив покажува дека мерките веќе го даваат посакуваниот ефект.
Мерката за практикантство обезбедува вклучување на 1.352 млади лица до 29 години, од кои 40 преку онлајн практикантство. Секој учесник ќе добива месечен надомест од 12.000 денари во период од три месеци.
„Субвенционираното вработување за микро, мали и средни претпријатија веќе има над 2.000 апликации – доказ за високиот интерес на приватниот сектор да учествува во креирање нови работни места“, велат од Министерството.
Се додава и дека финансиската поддршка за започнување сопствен бизнис е успешно затворена со над 6.000 апликации, а во тек е селекцијата на корисниците, додека мерката 3.1 – Обука кај познат работодавач и понатаму останува една од најефикасните алатки за вработување.
„Овие бројки не се само статистика – зад секоја апликација стои приказна, надеж и одлука да се направи чекор напред. Нашата задача е да ја поддржиме таа одлука со реални алатки“, додаде министерот Дурмиши.
Настанот во Струга е дел од поширока теренска кампања, со која Министерството и Агенцијата за вработување ги претставуваат мерките директно пред граѓаните. Следуваат презентации во Гостивар, Кичево, Сарај, Липково и други општини со висока стапка на невработеност.
Економија
Франција го казни „Шеин“ со 40 милиони евра за лажни попусти

Франција го казни кинескиот онлајн-продавач на облека „Шеин“ со 40 милиони евра за заведување на клиентите со тврдења за попусти.
Од 1 октомври 2022 година до 31 август DGCCRF анализира наводно намалени цени за илјадници производи на француската веб-страница на „Шеин“.
Истрагата откри дека некои цени на платформата биле зголемени непосредно пред попустите или не ги вклучувале претходните попусти, објави регулаторот. Цените на повеќе од половина од анализираните производи, 57 проценти, воопшто не биле намалени, откри DGCCRF, а речиси една петтина од попустите биле помали од рекламираните.
Во 11 проценти од случаите цената била уште повисока, објави DGCCRF. „Шеин“ исто така не успеа да достави докази на својата веб-страница за да ги поткрепи своите тврдења за еколошки свесно работење, како што е намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 25 проценти.
(Фото: ЕПА)
Економија
(Видео) Николовски: Власта удри по земјоделците, крати 478 милиони денари во ребалансот

Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците. Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз, обвини пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака, власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, рече Николовски, добиваат игнорирање.
„Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство“, рече тој.
Николовски додаде дека СДСМ предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне и итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Николовски кажа дека СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратела од земјоделците туку напротив, интервенирала со дополнителни субвенции, закони и програми.
„Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика“, рече Николовски.