Економија
МФ: Во подготoвка се правни решенија за промена на надоместокот за приватизација на државно градежно земјиште
Во тек е подготовка на правни решенија со кои ќе се променат надоместоците за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост, кое се спроведува од страна на Управата за имотно правни работи (УИПР). Oд Министерството за финансии информираат дека станува збор за приватизација на државно земјиште само во услови каде е стекнато корисничко право. Со ревидирањето на цените согласно Уредба, ќе се изврши прилагодување и поставување на соодветни цени преку кои УИПР ќе го спроведува процесот на приватизација.
Постапките по овој закон самостојно ги спроведува Управата за имотно правни работи. Приватизацијата на градежно земјиште во државна сопственост се врши согласно Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, донесен во 2005 година, а висината на надоместокот за приватизацијата е утврдена согласно Уредбата на Владата од 2011 година.
Заради одредени информации пласирани во јавноста мораме да појасниме, дека постапките за продажба на градежно земјиште во државна сопственост се разликуваат од постапките за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост, и тие се спроведуваат согласно Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост и се водат пред Управата за имотно правни работи, а додека продажбата на градежно државно земјиште, се врши согласно Законот за градежно земјиште во постапки пред Министерството за транспорт и врски или во општините. Во Управата за имотно правни работи , се решава по барања за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост како и експропријација на приватно земјиште за реализација на објекти од јавен интерес. Согласно Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост се приватизира само земјиште каде е запишано и стекнато корисничко право со правен основ и се врши приватизација само во услови каде е стекнато ова корисничко право.
Во врска со други случаи кои се спомнуваат во јавноста, мора да дообјасниме дека, постапките за престанување на правото на користење на градежно земјиште на физички и правни лица, во корист на Република Северна Македонија, согласно член 80-б од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, Управата за имотно правни работи носи решение за престанок на правото на користење на физички и правни лица на градежно земјиште, на барање на лица кои изградиле или стекнале во сопственост објект.
Имено, правото на користење на земјиштето ќе престане доколку физичките и правни лица запишани како корисници на градежното изградено земјиште, немаат во сопственост објект или посебен дел од објект во рамките на градежната парцела за која е поднесено барање за престанок на правото на користење.
Против решението, корисникот на кој му е одземено корисничкото право може да изјави жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во рок од 15 дена од приемот на решението.
Во Министерството за финансии во подготовка се правни решенија кои ќе бидат поднесени идната недела во Влада за усвојување, а се однесуваат на начинот, условите и висината на надоместокот за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

