Економија
МФ: „Standard & Poor’s“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава на ББ- со стабилен изглед

Кредитната агенција „Standard & Poor’s“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава на ББ- со стабилен изглед. Нивните очекувања се дека македонската економија годинава ќе се врати на патеката на економски раст и ќе ги надмине шоковите предизвикани од кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата, информираат од Министерството за финансии.
Исто така, во соопштението од ресорното министерство се вели дека агенцијата ги посочува владините напори во насока на зајакнување на системот на јавни финансии, како новиот Закон за буџети кој предвидува крупни реформи во насока на буџетското планирање и контрола на реализацијата.
Задржувањето на кредитниот рејтинг во континуитет и покрај ефектите од ковид-кризата се од исклучително значење, бидејќи тоа е позитивен сигнал за инвеститорите за состојбите и јасен показател за нивната доверба во политиките кои се водат во земјава.
Од кредитната агенција посочуваат дека по остриот пад во второто тримесечје од 2020 година, економијата до крајот на минатата постепено заздравуваше. Нотираат дека индустриското производство во декември минатата година оствари позитивен резултат за првпат од почетокот на кризата во февруари 2020 година.
Во 2021 година како двигатели на растот ги наведуваат опоравувањето на извозната активност, јавната потрошувачка и приватната потрошувачка, а нивните очекувања се дека годинава растот ќе изнесува 3,6%. „S&P“ посочува дека Република Северна Македонија е интегрирана во глобалните синџири на добавување, особено во автомобилската индустрија. Опоравувањето на автомобилската индустрија, како и на економиите на нашите најголеми трговски партнери како Германија, ќе придонесат за опоравувањето и на нашата економија.
Се очекува и домашната потрошувачка да го поткрепи растот. Како што наведува кредитната агенција, антикризните мерки кои ги презема Владата во 2020 година помогнаа да се зачуваат работните места и, воедно, дејствуваа како бафер – олеснувач при влијанието на кризата врз економијата.
Агенцијата наведува дека очекува значајни владини инвестиции во инфраструктурата во периодот од 2021 до 2024 година, во насока на подобрување на инфраструктурата во транспортот, здравството и образованието со инвестиции од 3,2 милијарди евра или речиси30% од 2021 година проектираното БДП. Исто така, наведуваат и дека Владата презема активности за подобрување на реализацијата на капиталните инвестиции.
Во однос на буџетскиот дефицит, „Standard & Poor’s“ велат дека очекувањата се дека истиот ќе се намали во 2021 година на 4,9% и дека согласно владините проекции ќе продолжува постепено да се намалува секоја година. Тие ги истакнуваат заложбите на Владата да ја зајакне фискалната рамка, посочувајќи го новиот Закон за буџети кој предвидува воведување на фискални правила и воспоставување на Фискален совет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.