Економија
Над две илјади угостители ќе добијат помош од 5,7 милиони евра
Владата на денешната седница усвои одлука со која е овозможена поддршка за вкупно 2.204 компании од угостителската дејност, коишто со одлука на Влада, беа затворени во периодот од 6 до 27 април, или вкупно 21 ден.
На отворениот повик за финансиска поддршка стигнале 2.406 пријави од кои 2.204 се целосни, додека 202 апликанти не се со соодветна шифра на дејност.
Вкупниот промет којшто го имаат остварено компаниите во 2019 година изнесуваше 11, 83 милијарди денари, додека во 2020 година прометот изнесуваше 8,5 милијарди денари.
„Вкупната поддршка на сите компании, врз основа на просечниот месечен приход за 2019 и 2020 година, на кој се аплицира износ од 30 % помножен со бројот на денови во кои овие компании беа затворени во април оваа година, изнесува 183.891.911 денари, или околу 3 милиони евра. Дополнително, секоја од компаниите добива и поддршка по 15. 200 денари за секој вработен според ефективните работни часови. Од апликациите е утврдено дека станува збор за 11.236 вработени, односно по овој основ компаниите ќе бидат поддржани со 170.784.920 денари или околу 2,78 милиони евра“, информираат од кабинетот на вицепремиерот, Фатмир Битиќи.
Вкупната финансиска поддршка за сите 2204 компании кои ги исполниле условите на јавниот повик е во износ од 354.656.831 денари или 5,77 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

