Економија
Народната банка и другите финансиски регулатори во соработка со Стопанската комора на Македонија со активност за поддршка на посредувањето
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/05/Работна-средба-Народна-банка-Стопанска-комора.jpg)
Народната банка, заедно со другите финансиски регулатори, ја организира редовната работна средба на регулаторите, приватниот и граѓанскиот сектор за следење на спроведувањето на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија.
На средбата, заради поголема популаризација и користење на посредувањето како една од најдобрите начини за решавање одреден спор, беше одржано предавање на тема: „Медијацијата како алатка за ефикасно и економично решавање на споровите, вклучително и во областа на финансиите“, од страна на г-ѓата Јелисавета Георгиева-Јовевска, претседателка на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата при Стопанската комора на Северна Македонија. Се очекува дека искуствата пренесени на оваа презентација ќе придонесат за поголема примена на посредувањето во доменот на финансиските услуги, како начин на поддршка на финансиската вклученост и заштитата на потрошувачите на финансиски производи и услуги во нашата земја.
Средбите коишто се одржуваат двапати во текот на годината овозможуваат редовен дијалог помеѓу финансиските регулатори, субјектите од приватниот и граѓанскиот сектор вклучени во активностите за финансиска едукација. Размената на предлози и искуства за зајакнувањето на финансиската вклученост и заштитата на потрошувачите во финансискиот систем обезбедува успешно спроведување на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија.
Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија обезбедува координиран пристап на национално ниво и стратегиска рамка во која се препознава значењето на едукацијата, се овозможува вклученост и координираност на сите засегнати страни и се утврдува мапа на активности за ефективно постигнување на целите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Економија
(Видео) Бочварски: ДПМНЕ ветуваше намалување на буџетскиот дефицит под 3, сега го зголемуваат на 4.9 проценти
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-26-185301-1.jpg)
ВМРО-ДПМНЕ во својата програма велеше дека јавниот долг од крајот на 2023 година достигнал 62,1% од БДП, и дека ќе преземе мерки за фискална консолидација, земјата да има умерено ниво на задолженост. Со новиот ребаланс на буџетот, наместо намалување на јавниот долг, тој ќе биде зголемен на 4.9% уште во првата година од мандатот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, рече пратеникот Благој Бочварски, денес на Комисијата за финансирање и буџет.
-Потоа, велеа дека инфлацијата ќе ја намалат на 2%, а денес слушаме дека таа е 3.5%. Јасно е дека ќе се кратат сретсва од веќе предвидени проекти.
Пиар програмата на власта е едно, а реалноста е друго, рече Бочварски.
Тој потенцираше дека СДСМ ако не ги зголемеше платите и пензиите на граѓаните во време на кризи и инфлација, тешко дека ќе преживеаа граѓаните, особено со минималната плата од 9 илјади денари, каква што беше во времето на ДПМНЕ, а од каде нивните стручњаци велеа дека не е добро да се покачуваат платите.
-Колку за споредба, во 2017 минималната плата беше 9 илјади денари, а денес таа е 22.500. Просечната во 2017 беше 22.500, а денес е 41.100. Пензиите се зголемија за 6.500, а сега имаме бомбастични најави за зголемување од 5 илјади денари, за кое ни останува да видиме дали ќе се случи“, рече Бочварски.
Економија
Трипуновски: Постигнат е договор за откупната цена на црвената пиперка
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Трипуновски-26.07.2024-3.jpg)
Министерот Цветан Трипуновски после состанокот со откупувачите и преработувачите на црвена пиперка соопшти дека е постигнат договор за откупните цени.
„Денеска во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство остварив заедничка средба со преработувачите и откупувачите на црвена пиперка. Постигнавме договор за откупни цени на црвената пиперка и тие истите според класи ќе бидат: прва класа – 40 денари за килограм, прва/втора класа – 30 денари за килограм, втора класа – 20 денари за килограм, трета класа – 12 денари за килограм“, соопшти Трипуновски.
Тој во неколку наврати одржа состаноци со земјоделците, преработувачите и откупувачите каде што главна тема беше откупната цена и текот на откупот на црвената пиперка.
Откупувачите и преработувачите се согласија дека ќе се придржуваат до договорените цени во текот на целиот откуп, но во согласност на побарувачката истите имаат тенденција да се зголемуваат за што Државниот инспекторат за земјоделство ќе биде постојано на терен и ќе се грижи за да се запази динамиката и откупните цени на црвената пиперка. Вистински се грижиме за македонските земјоделци, тие конечно имаат партнер во Министерството, рече Трипуновски.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/01/benzin-gorivo-960x639.jpg)
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,48 % во однос на одлуката од 22.7.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 1,072 %, кај дизелот 1,940 %, кај екстра лесното масло 2,096 % и кај мазутот намалувањето е 3,565 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 0,2688 %.
Од 27.7.2024 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 81,50 (денар/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС 98 83,50 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 74,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) 72,50 (денара/литар)
Мазут М-1 НС 44,656 (денари/килограм)
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува 1,101 денар/кг и сега ќе изнесува 44,656 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менуваат.