Економија
Наумов: Од полноќ почнува аплицирањето за бескаматната линија кредити како поддршка на бизнисот
Првите 5,7 милиони евра бескаматни кредити како директна помош за микро, мали и средни претпријатија во борбата со Ковид-19 од полноќ се достапни на компаниите.
Развојната банка на Република Северна Македонија денес на својата веб-страница www.mbdp.com.mk го објави јавниот повик за оваа прва кредитна линија, а аплицирањето почнува од 00:00 часот вечерва, соопшти на прес-конференција генералниот извршен директор на банката, Кире Наумов.
„Во оваа прва фаза, директно ќе ги кредитираме најпогодените сектори – угостителство, туризам и товарниот транспорт. Целта на овие кредити е да им помогне на најпогодените сектори да ги премостат иницијалните ликвидносни потреби во овој период. Кредитите се со каматна стапка од 0%, рокот на отплата е до 24 месеци и грејс период од 6 месеци“, рече Наумов.
Наумов објaсни дека износот на кредитот за кој ќе може да аплицираат претпријатијата зависи од бројот на вработени. Претпријатија до 10 вработени ќе може да аплицираат за износ до 5.000 евра, претпријатија од 11 до 50 вработени, ќе може да аплицираат за износ до 15.000 еврa, а оние од 51 до 250 вработени за износ до 30.000 евра. Најниската сума за којашто може да се аплицира е 3.000 евра.
„Почитувајќи ги препораките за заштита на јавното здравје, целиот процес за аплицирање за овие средства ќе се прави електронски и неопходната документација ќе се доставува на единствена адреса на е-пошта објавена во Јавниот повик ([email protected]). Јавниот повик е достапен за сите на веб-страницата на Развојна банка и во него се уредени критериумите кои треба да ги исполнуваат апликантите за овие бескаматни кредити, како и неопходните документи за аплицирање“, рече Наумов.
При подготовката на директната кредитна линија Банката и Владата посветија големо внимание да го олеснат значително процесот за аплицирање. При тоа, од документи се потребни тековна состојба, завршна сметка за фискалната 2019 година, потврда за платени даноци и придонеси од УЈП, потврда дека за претпријатието не се води стечајна или ликвидациска постапка од Централен регистар, ЗП образец од Централен регистар и кредитна апликација која ја има на веб-страницата на Развојна банка, како и соодветни изјави кои треба да се поднесат во прилог. Сите информации во врска со аплицирањето за кредитна линија може да се најдат и на следните профили https://www.mbdp.com.mk/mk/vesti, https://www.facebook.com/Razvojnabanka/.
„Развојната банка ќе го следи развојот на настаните одблизу и ќе настојува и понатаму да биде поддршка на микро, малите и средни претпријатија во земјата, особено во овој период и периодот на закрепнување кој следи“, истакна Наумов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

