Економија
На 100 домашни компании државата ќе им додели 9,2 милиони евра

На 100 домашни компании ќе им биде доделена државна помош од 9,2 милиони евра, соопшти на прес-конференција претседателот на Владата, Зоран Заев, заедно со заменик-претседателот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерот за економија, Крешник Бектеши. Пред новинарите тројцата денеска ги промовираа договорите за доделување државна помош на компании од првиот и вториот столб на планот за економски раст во согласнос со Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
Одлуките за склучување договори со речиси 100 домашни компании ги донесе Владата на вчерашната седница, од каде што посочија дека фирмите ги исполнуваат условите за финансиска поддршка од првиот и вториот столб од планот за економски раст како државна помош за инвестициите што компаниите ги направиле во 2017 година.
Сите компании заедно имаат околу 14.000 вработени, а само во 2017 година отвориле над 1.000 нови работни места, велат од Владата. По исполнување на своите обврски, тие ќе добијат вкупна помош од 9,2 милиони евра.
„Првпат во историјата на Македонија државата определува значајни буџетски средства како поддршка за успешното работење на компаниите, првпат домашните компании добиваат помош под исти услови како и странските и првпат оваа државна политика се регулира преку закон. За таа цел Владата само за оваа година определи нешто повеќе од 20 милиони евра финансиска поддршка за големите, малите, средните и микрокомпаниите според сите три столба од планот за економски раст. Тоа е 100 пати поголема директна државна поддршка од порано“, рече Заев.
Потенцирајќи дека и оваа мерка ќе придонесе за враќање на парите назад кон стопанството и кон граѓаните, премиерот истакна дека разните субвенции и програми за вработување враќаат назад кон домашното стопанство и граѓаните повеќе од 70 милиони евра.
„Македонската економија се движи во вистинскиот правец и ваквите инвестиции за домашната економска клима ќе значат нови работни места, повисоки плати и подобар животен стандард. Последните објавени податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека имаме рекорден раст на индустриското производство во јуни 2018 од 12,1 отсто во споредба со јуни 2017. Втората важна работа е тоа што платите растат. Просечната исплатена плата во мај 2018 забележува раст од 7,1 отсто во однос на истиот месец лани. Тоа значи дека вработените добиваат 1.600 денари повисока месечна просечна плата од порано“, додаде Заев.
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, потсети дека во согласност со Законот за финансиска поддршка на инвестициите компаниите што имаат остварено повисоки приходи и имаат ист или зголемен број вработени во 2017 година во споредба со трите претходни години имаат право да аплицираат за финансиска поддршка.
Тој порача дека е задоволен што 100-ина компании од 30 града и населени места во цела Македонија ги исполниле условите и дека повеќето од компаниите за кои се донесени одлуки за склучување договори за државна поддршка се мали компании.
„Најголем број се од Скопје, односно 28 компании, а по 7 компании има од Битола, Кочани и од Струмица, по 6 од Куманово и Прилеп, а од Охрид и Штип се 4 компании. Дека законот важи еднакво за сите, покажува дека и компании од помалите места добиваат иста шанса, па така и од општина Боговиње утврдено е дека 4 компании исполнуваат услови за склучување договор за финансиска поддршка. Најголем број компании се мали, дури 49, потоа следуваат средните компании – 32 и 19 се големи фирми“, дополни Анѓушев.
На прес-конференцијата министерот за економија, Крешник Бектеши, истакна дека за сите видови финансиска поддршка, покрај склучениот договор, компаниите треба да достават уште неколку документи, како што се годишна сметка и финансиски извештај за претходната година и консолидирана годишна сметка и консолидиран финансиски извештај за претходната година доколку деловниот субјект составува и објавува ваков вид извештаи, потврда од Централниот регистар на Република Македонија дека над деловниот субјект не е отворена стечајна постапка не постара од 60 дена, како и уште некои други документи, со што ќе се заокружи постапката за исплата на средствата на компаниите на кои им се одобрени проектите во согласност со Законот за финансиската поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Франција го казни „Шеин“ со 40 милиони евра за лажни попусти

Франција го казни кинескиот онлајн-продавач на облека „Шеин“ со 40 милиони евра за заведување на клиентите со тврдења за попусти.
Од 1 октомври 2022 година до 31 август DGCCRF анализира наводно намалени цени за илјадници производи на француската веб-страница на „Шеин“.
Истрагата откри дека некои цени на платформата биле зголемени непосредно пред попустите или не ги вклучувале претходните попусти, објави регулаторот. Цените на повеќе од половина од анализираните производи, 57 проценти, воопшто не биле намалени, откри DGCCRF, а речиси една петтина од попустите биле помали од рекламираните.
Во 11 проценти од случаите цената била уште повисока, објави DGCCRF. „Шеин“ исто така не успеа да достави докази на својата веб-страница за да ги поткрепи своите тврдења за еколошки свесно работење, како што е намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 25 проценти.
(Фото: ЕПА)
Економија
(Видео) Николовски: Власта удри по земјоделците, крати 478 милиони денари во ребалансот

Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците. Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз, обвини пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака, власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, рече Николовски, добиваат игнорирање.
„Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство“, рече тој.
Николовски додаде дека СДСМ предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне и итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Николовски кажа дека СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратела од земјоделците туку напротив, интервенирала со дополнителни субвенции, закони и програми.
„Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика“, рече Николовски.
Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и на финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.