Економија
НБРМ: Банкарскиот систем останува здрав и стабилен

Советот на Народната банка на седница го разгледа и го усвои извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за првиот квартал од 2023 година.
Во извештајот се оценува дека банкарскиот сектор е стабилен и соодветно се справува со тековните предизвици, при што окружувањето и натаму е неизвесно како резултат на глобалните фактори и проследено со сè уште високи, иако намалени, стапки на инфлација и затегнување на финансиските услови.
Заклучно со крајот на првиот квартал од оваа година, депозитите од домаќинствата и корпоративниот сектор на годишна основа забележаа забрзан раст, а растот на кредитите беше помал. Во услови на задржана доверба во банкарскиот систем депозитите забележаа забрзан годишен раст до нивото од 7,8 %, a особено карактеристични се поволните поместувања кај долгорочните депозити, кои по подолгиот период на намалување, во првиот квартал забележаа раст на годишна основа. При извесно затегнување на финансиските услови, годишниот раст на кредитирањето забави и изнесуваше 6,4 %.
Солвентноста на банкарскиот систем бележи подобрување. Стапката на адекватност на капиталот забележа квартално зголемување за 0,3 п.п. достигнувајќи го највисокото ниво во последните шеснаесетина години, од 18 %. Подобрата солвентност најмногу е резултат на реинвестирањето на добивките од минатата година. Безмалку една третина од сопствените средства на банкарскиот систем отпаѓа на заштитните слоеви на капиталот или се слободни над потребното минимално ниво, што банките може да ги користат за справување со разни предизвици при надолните движења и од економските циклуси и во кризни услови. Добивката на домашниот банкарски систем се зголеми, а периодот на посилен раст на приходите на банките се искористи за јакнење на капацитетот за справување со евентуални идни кредитни загуби.
Показателите за ликвидноста се на задоволително ниво. Стапката на покриеност со ликвидност на банкарскиот систем е на значително повисоко ниво од регулаторниот минимум и го потврдува задоволителниот обем на ликвидност со кој располага македонскиот банкарски систем. Резултатите од стрес-тестовите упатуваат на задоволителна отпорност на банкарскиот систем на претпоставените екстремни, поединечни и комбинирани ликвидносни одливи.
Квалитетот на кредитното портфолио на банките се задржа. Вкупните нефункционални кредити продолжија да се намалуваат, со што и нивното учество во вкупните кредити се намали за 0,1 п.п. до ново историски најниско ниво од 2,8 %. Сепак, неизвесното окружување, заедно со постепеното затегнување на финансиските услови, наметнува потреба банките и натаму внимателно да го следат кредитниот ризик.
Со цел понатамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор, на својата редовна седница Советот на Народната банка донесе макропрудентна мерка за зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на домашните банки за 0,25-процентни поени од претходно утврдените 0,75 на 1 %, со почеток на примена од 1 јули 2024 година. Зголемувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот има цел да дејствува превентивно и да води кон натамошно зајакнување на капиталната позиција на банките земајќи ги предвид тековните макроекономски услови и движењата на пазарот на недвижности. Оваа мерка е во согласност со мерките што се преземаат во поголем број земји во Европската Унија, со кои се бара повисока адекватност на капиталот на банките како заштита од можните ризици од окружувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.