Економија
Николоски: Во перидот што следува ќе ставиме во функција уште најмалку 10 километри експресни патишта и 40 километри автопат

Започнавме амбициозна агенда за инфраструктурен развој со цел да ја искористиме стратешката позиција како крстосница на Балканот за да донесеме економски бенефит за државата и регионот, се обрати вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на Генералното собрание на Асоцијацијата на Балкански комори што денеска се одржа во Скопје.
На Собранието, тој ја презентираше владината програма за развој на инфраструктуртата во делот на патната и железничката мрежа. Истакна дека Владата засилено работи на изградба и модернизација на двата паневропски коридори 8 и 10 како и на кракот 10 д.
„Само во јануари ставивме во функција 42 км експресни патишта, a очекувам во перидот што следи да ставиме во функција уште најмалку 10 км експресни патишта и 40 км автопат. Исто така очекувам оваа година да отвориме фронт за работа за уште 67 километри автопат. Во месец февруари да започнеме со изградба и на автопатот Тетово – Гостивар, така да целиот западен дел на коридор 8 да се работи. Во делот на коридор 10 д, ставивме во фунција еден дел од експресниот пат Прилеп – Градско, во следните два месеци очекуваме и вториот дел да го ставиме во функција. Минатата есен започнавме со изградба на автопат Прилеп – Битола, а оваа година очекувам да најдеме решение и за обиколница за Битола” истакна вицепремиерот Николоски.
Тој додаде дека се работи и на проектирање за експресен пат Куманово до Страцин, а во делот на кородор 10 се работи на проектирање на нова патна врска од Гевгелија преку Струмица до границата со Бугарија.
„Во делот на коридор 10 работиме на изнаоѓање на финансиски средства за изградба на брза пруга по целиот коридор како дел од европскиот коридор 10 кој оди од Атина до Виена и за брзо време ќе споделиме добри информации за овој проект. Тоа би било решение за брза пруга до 200 км за час за патнички и 120 на час за карго сообраќај. Со ова ќе ги отвориме јужните пристаништа кон Централна Европа” – истакна вицепремиерот Николоски.
Во своето обракање тој потенцира дека политиките во авиосообраќајот донеле нови 9 дестинации, а во однос на брзиот транспорт на граничните премини додаде:
„Веќе постигнавме договор со Грција за сериозно зголемување на граничниот премин Богородица до 12 ленти, исто така со Србија имаме интензивна комуникација да содадеме целосна функционалност со “One Stop Shop”, oчекувам до месец април со Косово да имаме “One Stop Shop”, а во однос на граничните премини Ќафасан и Деве Баир, интенизивно работиме на нивно проширување и модернизацијa”- истакна вицепремиерот Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
(Видео) Лукаревска: Наместо половични мерки, власта да ги прифати предлозите на СДСМ за намалување ДДВ за струјата и укинување кај храната

Економијата во земјата е во слободен пад, граѓаните имаат се помалку пари поради енормните поскапувања и потребно е итно заедничко делување, истакна Сања Лукаревска, пратеничка на СДСМ.
Наместо половични решенија, како што рече, бараат Владата и парламентарното мнозинство веднаш да ги прифатат предлозите на СДСМ за намалување на ДДВ за струја и укинување на ДДВ за храна.
Според неа, последната одлука да се ограничат маржите е задоцнета, половична и со суштински недостатоци.
„Замрзнувањето со ниво на цени од 1 февруари e погрешно, затоа што податоците на заводот за статистика укажуваат дека веќе во јануари има пораст на цените. Тоа значи дека се замрзнати производи со поскапи цени. Власта требаше да се врати наназад неколку месеци и како репер да ги земе тие цени а не овие покачени цени.
Дополнително, наместо да се ограничува маржата само на 102 групи на производи, треба да се опфатат сите 238 групи на производи.
Од овие причини, граѓаните нема да почувствуваат никаков ефект од овие половични и задоцнети мерки“, додава таа.
СДСМ, потсети Лукаревска, има конкретни законски решенија за стабилизација на цените и намалување на сметките за струја кои веќе се поднесени во македонското Собрание по итна постапка.
„Намалување на ДДВ за струјата на 5% струјата ќе донесе намалување на сметките за 13% веднаш! Граѓаните ќе заштедат околу 400 денари месечно на сметка од 3.000 денари! Над 600.000 домаќинства веднаш ќе добијат намалени сметки!
Со укинување на ДДВ за храна над 250 категории прехранбени производи ќе поевтинат веднаш! Ова значи директна заштеда за граѓаните од околу 2.000 денари месечно.
Со севкупна примена на сетот мерки на СДСМ и Законот за нефер трговски практики ќе се дојде до намалување на цените за 30%“.
Заштитата на стандардот на граѓаните е обврска број еден на сите пратеници во македонското собрание и затоа бараме сите пратеници од сите парламентарни партии да ги поддржат овие законски измени, оценува пратеничката на СДСМ.
Економија
Ограничени маржите на над 1.000 производи, одлучи Владата

Владата донесе одлука со која се ограничува маржата во трговијата на големо и трговијата на мало на 102 групи на производи или на над 1.000 прехранбени и непрехранбени производи, информира на прес-конференција заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески. Ова како што додаде е со цел да се заштити животниот стандард на населението односно да се намалат трошоците за живот во потрошувачката кошница за храна и пијалаци и кај средствата за лична хигиена.
Како што појасни на пет отсто се ограничува маржата на основните осум прехранбени производи и тоа: леб, брашно тип 400 и тип 500, јајца, масло за јадење, млеко, јогурт и кисело млеко.
Маржа од десет отсто се ограничува за група од 55 прехранбени производи: месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервиран зеленчук и овошје, грав, ориз и тестенини. Ограничување на 15 отсто бруто-профитна маржа, пак, ќе се применува на 39 групи прехранбени производи и средства за хигиена и тоа: свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и слично.
Учесниците во трговијата се задолжени како што потенцира Ристески, сите овие производи да бидат 70 проценти застапени на рафтовите.
„Втората одлука којашто ја донесе Владата е утврдување на највисоки цени на осум групи основни прехранбени производи во трговијата на големо и мало при што како највисоки цени се утврдуваат цените што се применувале на 1 февруари 2025 година. Двете одлуки ќе стапат во сила следниот ден откако ќе бидат објавени во службен весник и ќе траат до 30 април“, информира тој.
„Нашите очекувања се дека со овие две одлуки цените на основните прехранбени производи кои се содржани во одлуката ќе се намалат во просек од 10 отсто, освен осумте прехранбени производи, за кои се очекува да останат на исто ниво односно да не се зголемуваат цените или да има минимално намалување на овие цени“, додаде Ристески.
Економија
Започнува кампањата за информирање на граѓаните за jавниот повик од ИПАРД програмата 2021-2027 за мерката 1

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Телото за управување со ИПАРД, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството започнуваат кампања за информирање на потенцијалните корисници по однос на можностите кои ги нуди инструментот за претпристапна помош на Европската унија за рурален развој – ИПАРД Програма.
Во рамки на кампањата, а по повод последниот објавен повик од ИПАРД Програмата 2021-2027 (ИПАРД 3) за мерката 1 – Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства, ќе се одржат инфо-денови во повеќе градови, села и населени места, каде што заинтересираните корисници (физички, правни лица, задруги, задружни правни лица итн.) ќе можат да се информираат за постапките и условите за аплицирање со цел користење на средства од оваа програма.
На 20 февруари 2025 година, инфо денови ќе се одржат во општина Новаци, со почеток од 11:00 часот во општинската сала и во општина Могила со почеток од 14:00 часот во салата на Oпштина Могила.
Информациите околу деталите, потребните документи и јавните повици, сите заинтересирани може да ги добијат во Телото за управување со ИПАРД фондовите при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.