Економија
НЛБ Банка прва на пазарот овозможува користење електронски идентитет во соработка со Mastercard
НЛБ Банка е првата институција во земјата која од денеска во своето работење интегрира користење на електронски идентитет, овозможувајќи им на клиентите да почнат целосно ново, дигитално искуство при вршење банкарски услуги.
Ова во прaкса значи дека клиентите на НЛБ Банка можат да користат банкарски услуги од далечина, без да треба физички да дојдат во експозитура и без користење хартија. Електронскиот идентитет им овозможува на клиентите на Банката да се идентификуваат и да потпишуваат е-документи со својот квалификуван е-потпис, од кое било место во светот.
„Ова е уште еден голем успех за НЛБ Банка Скопје и целиот тим кој посветено работеше на имплементација на ова решение, во соработка со нашиот партнер Mastercard. Со интергација на ова решение, како банка веќе сме целосно подготвени да идентификуваме лице без физичко присуство во Банката, како и да проследиме електронска документација на корисник идентификуван на ваков начин, и повратно да добиеме електронски потпишан документ. Ова е супериорно корисничко искуство кое на клиентите ќе им овозможи целосна флексибилност во извршување на банкарските услуги. Горди сме на фактот што сме прва институција воопшто, која овозможи користење на националната шема за електронска идентитфикација при извршување на банкарските услуги, со што потврдуваме дека сме лидер во дигитализацијата. Продолжуваме да бидеме пионери во имплементација на технолoшки напредни решенија во банкарството сè со цел, подобрено клиентско искуство, оптимизација и поедноставување на работењето со клиентите, но и оптимизација и автоматизација на интерните процеси во Банката. Дигитализацијата е новото време кое го живееме, а НЛБ Банка одлично одговара на овој предизвик“ – истакнува Антонио Аргир, претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка, Скопје.
Електронската идентификација е услуга овозможена од Mastercard, управувана од Evrotrust, водечки провајдер на решенија за дигитален идентитет во Југоисточна Европа. Evrotrust e првиот регистриран издавач на шема за електронска идентификација во земјата, а за да истата може да се користи, потребна е интеграција со нивните системи, нешто што за првпат на пазарот го направи НЛБ Банка АД Скопје.
„Mastercard е горд со имплементацјата на ова иновативно решение со кое дава силна поддршка во реализација на стартешката определба на НЛБ Банка за дигитализација на своето работење. ID Operated by Evrotrust ги исполнува највисоките глобални стандарди на Mastercard за дигитални решенија од далечина. Услугата не само што е лесна и едноставна за употреба, туку е и безбедна, и во согласност со сите локални и европски регулативи“ – истакнува Вања Манова, Mastercard менаџер за Северна Македонија, Бугарија, Албанија и Косово.
Постапката за дигитализација на идентитетот е брза и едноставна, достапна преку апликацијата ID Operated by Evrotrust на Google Play и App Store. Со апликацијата, освен електронска идентификација, корисникот добива и квалификуван дигитален сертификат, кој е замена за неговиот своерачен потпис.
Електронската идентификација е овозможена во РС Македонија согласно Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. Evrotrust како регистриран издавач на шема за електронска идентификација во нашата држава, имплементира највисоки безбедносни принципи за ракување и заштита на личните податоци.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст
Вицепремиерот Александар Николоски соопшти дека градежниот сектор бележи раст од 14,6 проценти во четвртиот квартал од 2025 година, истакнувајќи дека во земјата се реализираат бројни капитални проекти.
„Раст од 14,6% бележиме во време кога ги градиме капиталните проекти, автопатите, железницата, регионалните и локални патишта и голем број комунални проекти“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој посочи дека градежништвото бележи континуиран пораст во текот на 2025 година.
„Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21% раст, а четвртиот квартал бележиме 14,6% раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат)“, наведува Николоски.
Според него, Македонија е меѓу земјите со најголем раст на БДП, при што во четвртиот квартал економијата пораснала за 3,8 проценти.
„Македонија се гради и се развива – следуваат нови инфраструктурни проекти“, објави Николоски на својот Фејсбук профил.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.

