Економија
Поднесени првите барања на малите семејни винарници за упис во регистар на производители на вино
Денеска во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беа поднесени првите барања на малите семејни винарници за упис во регистерот на производители на вино.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Зоран Шапуриќ, одржаа состанок во просториите на МЗШВ со претставници на првите мали винарници кои ги поднесоа своите барања со потребната документација во Архивата на МЗШВ.
Со измената на Правилникот за висината на надоместокот за извршените работи на Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ) се олеснија условите за упис во регистарот на производители на вино на физички лица и мали винарски визби. Малите винарници со капацитет на преработка и чување на вино до 30.000 литри годишно, наместо да плаќаат 10.000 денари надоместок за регистрација, сега ќе плаќаат само 1.500 денари, а за големите винарски визби со капацитет на преработка и чување вино над 30.000 литри надоместокот е намален за половина, односно тие ќе плаќаат 5.000 денари годишно.
Оваа мерка е во согласност со Законот за државен инспекторат за земјоделство и има за цел да им овозможи на малите винарници да плаќаат понизок надоместок од оној кој го плаќаат големите винарници кои произведуваат поголеми количини и кои остваруваат голем профит.
Малите производители на вино кои имаат семејни винарници сега ќе бидат ставени во законска рамка. Со оваа измена ќе се придонесе за праведност и правичност во однос на трошоците за регистрација на винарска визба, односно висината на трошоците да соодветствуваaт со капацитетот за производство и чување на произведеното вино во винариницата.
Намалувањето на трошоците за регистрација ќе биде мотивација за многу физички лица кои во домашни услови произведуваат вино, да можат да се регистрираат во регистарот на производители на вино, а со тоа на легален начин ќе можат да го пуштат во промет произведеното вино, што претставува и тековен тренд во светски рамки, особено во сегментот на продажба на вино од фарма во насока на диверзификација на понудата на пазарот и развој на винскиот и руралниот туризам.
За полесен пристап до регистрацијата, #МЗШВ изготви флаер со чекори до упис во регистер на производители на вино, кој е јавно достапен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

