Економија
Позитивни оцени за Народната банка во најновиот извештај на Европската комисија
Во најновиот извештај на Европската комисија за нашата земја дадени се оцени и за области коишто се во надлежност на Народната банка. Притоа, оцените упатуваат на релативно висока усогласеност со барањата и законодавството на ЕУ.
Во подрачјето на монетарната политика, во рамки на извештајот, усогласувањето на регулаторната рамка на земјата со законодавството на ЕУ се оценува дека е во напредна фаза. Во овој контекст, Европската комисија дава позитивна оцена и за реакцијата на централната банка на ковид-кризата, оценувајќи дека Народната банка реагираше брзо и со целни мерки за поддршка на економијата, како преку инструментите на монетарната политика, така и со направените промени во регулаторната рамка.
Истовремено, Европската комисија констатира и напредок во однос на банкарската регулатива. Во извештајот е нагласено дека правилата за управување со ликвидносниот ризик и лимитите на изложеност се надградени, а воедно позитивно се оценува и новото регулаторно барање банките да воспостават процес на утврдување на интерната ликвидност и да го интегрираат во нивниот систем за управување со ризици. Комисијата констатира дека е постигнат напредок и со измената на методологијата за адекватност на капиталот, што овозможува посоодветен третман на ризикот од порамнување и ризикот на другата договорна страна.
Според оцените на Европската комисија презентирани во извештајот, банкарскиот систем останува добро капитализиран и ликвиден, со стапка на адекватност на капиталот којашто го надминува регулаторниот минимум. Квалитетот на кредитното портфолио, според оцените на Комисијата се подобри во изминатиот период, при што е намалено учеството на нефункционалните во вкупните кредити на банкарскиот систем. Во тој контекст, во извештајот е напоменато дека е важно што централната банка е посветена на спроведувањето на Стратегијата за поттикнување на справувањето и подобрување на управувањето со нефункционалните кредити. Одделно е посочена важноста и на Стратегијата за денаризација, при што се издвоени и податоците од крајот на 2019 година коишто покажуваат дека учеството на кредитите деноминирани во странска валута во вкупните кредити е намалено во изминатиот период.
Во поглавјето за статистиката, посебна оцена е дадена и за статистиката којашто е во надлежност на централната банка. Притоа, Европската комисија напоменува дека Народната банка е целосно посветена на примената на кодексот на статистичките стандарди и дека го подобрува својот капацитет за нивно постојано имплементирање во своето работење.
Оцените на Европската комисија презентирани во најновиот извештај претставуваат потврда на заложбите и остварувања на Народната банка во изминатиот период. Народната банка и натаму секојдневно ќе биде посветена на остварување на својата стратегиска определба за забрзано чекорење по патот кон Европскиот систем на централни банки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.
Економија
Славески: Во септември депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари
Штедењето е системска неопходност и важен фактор за одржлив економски раст и за финансиска стабилност, порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на настанот по повод Светскиот ден на штедењето, којшто се одржа во организација на Македонската банкарска асоцијација, во присуство на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, директорот на Фондот за осигурување депозити, Бехар Емини, претседателката на МБА, Маја Стевкова-Штериева и претставници од банкарскиот сектор.
Во своето обраќање, гувернерот нагласи дека во време на светска неизвесност и последователни кризи, штедењето претставува темел на отпорноста на економијата и на стабилноста на финансискиот систем.
„Отпорноста не е реакција, туку прашање на претходна подготвеност – градење простор за справување со кризите пред да се случат“, истакна Славески.
Тој посочи дека и покрај бројните шокови во последните години, кај граѓаните е задржана склоноста кон штедење и довербата во банкарскиот систем. Според податоците, во септември 2025 година, депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари, што претставува раст од над 50% од почетокот на пандемијата. Зголемен е и уделот на денарските и на долгорочните депозити, што придонесува за стабилност и ја зајакнува отпорноста на економијата.
Гувернерот нагласи дека поттикнувањето на штедењето е од суштинско значење за зголемување на потенцијалот за раст и за намалување на зависноста од надворешни извори на финансирање, особено во контекст на светски економски промени, геополитички тензии и структурни предизвици. Според него, економиите во регионот мора повеќе да се потпираат на сопствените заштеди како двигател на инвестициите и долгорочната стабилност.
„Во свет полн со неизвесност, претпазливоста е најкредибилната константа, а штедењето е системска неопходност“, истакна Славески, додавајќи дека негувањето на културата на штедење и финансиска одговорност во рамки на семејствата, институциите и општеството е вложување не само во личната сигурност, туку и во економската сила на државата.

