Економија
Полска ќе добие сопствен гасовод на сметка на даночните обврзници на ЕУ

Полска потпиша клучен договор за изградба на гасоводот „Балтичка цевка“. Спонзориран од ЕУ, проектот е поздравен како голем чекор за Варшава, па дури и за Европа, кон намалување на зависноста од увозот на руски гас, пренесува РТ.
Проектот е предвиден да испорачува гас од Норвешка до данскиот и полскиот пазар, како и понатаму во Европа. Во понеделникот полскиот државен оператор, гасната мрежа „Гас-систем“ потпиша договор во вредност од 280 милиони евра со италијанската компанија за нафтен и гасен инженеринг „Саипем“ за да почне со поставување цевки во Балтичко Море.
Полска смета дека идната гасна врска, која треба да стане оперативна во 2022 година, е начин за конечно да се отфрли рускиот увоз на сино гориво. Русија одамна е главен снабдувач за земјата, но договорот со рускиот енергетски гигант „Гаспром“ истекува во 2022 година.
Според веб-страницата на проектот, „Балтичка цевка“ ќе придонесе за подобра диверзификација на изворите за снабдување со гас во Данска и регионот на Балтичко Море, како и во Централна и Источна Европа.
Сепак, амбициозната цел може да се соочи со неколку големи пречки, сметаат аналитичарите.
Прво, ресурсите во Норвешкото Море се намалуваат. Второ, со оглед на тоа дека Европа има единствен енергетски пазар, гасот што тече низ новата рута ќе го има истиот извор – Норвешка – и може да го принуди Осло да ги намали обемот на снабдување за Западна Европа преку други врски.
„Норвешка нема дополнителни резерви на гас, така што се поставува прашањето како ќе се наполни овој гасовод. Покрај тоа, за да се наполни ‘Балтичка цевка’, Норвешка ќе мора да пренасочи дел од гасот наменет за Велика Британија и Западна Европа, што може да биде проблематично “, вели главниот аналитичар во „Премиер БЦС“, Сергеј Суверов.
Ова значи дека на европскиот пазар нема воопшто да се додаде, или тоа ќе биде мала дополнителна достава.
Во меѓувреме, побарувачката расте, вклучително и во Полска, која е една од неколкуте земји во европското семејство сè уште многу зависна од јаглен. Ако Варшава сака да се вклопи, ќе мора да се префрли на други извори на енергија, а изборот на гас е еден од најлесните начини, смета Алексеј Гривач од Националниот фонд за енергетска безбедност.
„Оваа операција нема смисла ако го сметаме европскиот пазар за гас како еден ентитет. Ако норвешкиот гас биде извлечен од западноевропскиот пазар, тоа количество треба да се надомести од некои други извори“, рече тој.
Тука е рускиот извоз на гас, кој Полска е толку подготвена да го отфрли, кој може да помогне во исполнувањето на празнината. Снабдувањето може да биде покриено со проектот „Северен тек 2“, кој е со капацитет петпати поголем од оној на „Балтичка цевка“ и тече по дното на Балтичкото Море. Иако проектот беше одложен поради напорите на САД да го спречат, бродот што треба да го заврши цевководниот пристигна во Балтичкото Море минатата недела.
Според тоа, долгоочекуваниот проект „Балтичка цевка“ повеќе може да им послужи на политичките амбиции на Полска отколку значително да ја промени ситуацијата на европскиот енергетски пазар, сметаат аналитичарите. Сепак, европските даночни обврзници се очигледно подготвени да платат за тие политички игри со оглед на тоа што ЕУ се согласи делумно да го субвенционира проектот.
„Има декларирани и реални цели. Вистинската задача е да се реформира нејзината инфраструктура и да се создадат дополнителни опции и извори, и не на свој трошок, туку на сметка на европските даночни обврзници “, вели Гривач.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Франција го казни „Шеин“ со 40 милиони евра за лажни попусти

Франција го казни кинескиот онлајн-продавач на облека „Шеин“ со 40 милиони евра за заведување на клиентите со тврдења за попусти.
Од 1 октомври 2022 година до 31 август DGCCRF анализира наводно намалени цени за илјадници производи на француската веб-страница на „Шеин“.
Истрагата откри дека некои цени на платформата биле зголемени непосредно пред попустите или не ги вклучувале претходните попусти, објави регулаторот. Цените на повеќе од половина од анализираните производи, 57 проценти, воопшто не биле намалени, откри DGCCRF, а речиси една петтина од попустите биле помали од рекламираните.
Во 11 проценти од случаите цената била уште повисока, објави DGCCRF. „Шеин“ исто така не успеа да достави докази на својата веб-страница за да ги поткрепи своите тврдења за еколошки свесно работење, како што е намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 25 проценти.
(Фото: ЕПА)
Економија
(Видео) Николовски: Власта удри по земјоделците, крати 478 милиони денари во ребалансот

Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците. Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз, обвини пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака, власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, рече Николовски, добиваат игнорирање.
„Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство“, рече тој.
Николовски додаде дека СДСМ предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне и итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Николовски кажа дека СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратела од земјоделците туку напротив, интервенирала со дополнителни субвенции, закони и програми.
„Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика“, рече Николовски.
Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и на финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.