Економија
Регулаторите од регионот заедно ќе бараат решенија за менаџирање на водните услуги

Четири регулаторни тела од регионот, меѓу кои Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Северна Македонија (РКЕ), Албанија, Косово и Црна Гора, како и Асоцијацијата на Регулаторни тела на Европа за водни услуги (WAREG), во Тирана потпишаа меморандум за соработка во областа на водните услуги.
Регулаторите се обврзаа и формално преку заедничка соработка да ја усогласат домашната регулатива со законите на Европската Унија.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски, кој е воедно и потписник на меморандумот посочи дека документот е резултат на досегашните заеднички билатерални програми за соработка во рамки на WAREG за зајакнување на институционалните капацитети на регионално ниво.
Делиме исти предизвици, а клучен постулат во нашата работа е на сите потрошувачи да им се обезбеди правото на вода, која треба да е висококвалитетна и достапна по тарифа која ќе гарантира и инвестиции во мрежата со цел да се намалат загубите, посочи Бислимоски.
„Оваа фаза од процесот на реформи во секторот за води во нашите земји е неизбежна и од голема важност за да имаме доверливи, одржливи и економични системи за регулација на водните услуги. Последните податоци покажуваат дека немаме однос кон водата како природен ресурс и загубите на национално ниво достигнуваат до 60 % поради лошата инфраструктура и поради отсуство на инвестиции на јавните претпријатија. Секој пат кога се определува опсег на тарифа, советите на општините најчесто ја одбираат тарифата во чија структура степенот на инвестиции е на најниско ниво и подразбира базично одржување на мрежата. Ова е проблем со којшто сите се соочуваат и во регионот. Неопходно е да се објасни секој денар за што се троши и колку инвестиции се реализираат во комуналните претпријатија“, истакна Бислимоски, претседателот на РКЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Народната банка со поддршка на научаната мисла, одржана 43. сесија на Клубот на истражувачите

Народната банка продолжува со активностите за поттик и поддршка на научно-истражувачката работа. Одржана е 43. сесија на Клубот на истражувачите, на која беше презентиран наградениот труд на Конкурсот за годишна награда за истражувачки труд од макроекономијата и банкарството, што е уште една активност на централната банка за поттикнување на истражувањето. Станува збор за трудот насловен „Процена на дистрибуцијата на доходот во Северна Македонија: Пристап заснован врз претходно недостапни даночни податоци“ на младиот истражувач Димитар Фуна.
Фуна на презентацијата посочи дека целта на трудот, како што кажува и самиот наслов, е да се направи подобра процена на распределбата на доходот во земјава, преку употреба на алтернативен, нов сет податоци од даночната сфера. Со ова се гради нов, алтернативен пристап за оцена на доходната нееднаквост. Фуна посочи дека ваквата анализа би придонесла за зајакнување на видувањата за нееднаквоста во распределбата на доходот кај нас, како и нови податоци за носителите на политиките.
По презентацијата, беше отворена дискусија помеѓу учесниците на оваа сесија на Клубот на истражувачите.
Инаку, Клубот на истражувачите е отворена платформа за презентација и разгледување научно-истражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата. На сесиите учествуваат аналитичари и истражувачи од научно-образовни и финансиски институции, студенти и останати заинтересирани учесници или слушатели.
Зачленувањето во Клубот е од отворен карактер и може да се направи преку барање за членство на следнава електронска адреса: [email protected] Членовите на Клубот добиваат редовни известувања за сесиите и активностите на Клубот на истражувачите.
Сесиите се одржуваат квартално. Народната банка објавува повик до истражувачите за поднесување труд, којшто може да биде и во работна верзија. Трудовите се работат согласно со трендовите и стандардите на современите истражувања, односно со солидна емпириска анализа и систематизирани заклучоци од истражувањето. Следната сесија на Клубот на истражувачите ќе се одржи во септември годинава.
Економија
Германците прават планови за зима, доколку снема гас, Хамбург ќе воведе ограничувања за топла вода и греење

Градските власти на Хамбург ќе воведат контролирана дистрибуција на топла вода за приватните домаќинства и ограничување на максималната температура за греење на становите, во случај на акутен недостиг на гас, изјави денеска локален претставник задолжен за животна средина.
Откако Русија го прекина снабдувањето со гас преку гасоводот Северен тек 1, германската влада минатиот месец го активира второто од трите нивоа на итни мерки во случај на недостиг на гас, а третото ниво воведува ограничувања за потрошувачката на гориво, објави Ројтерс.
Германската влада апелираше до граѓаните и компаниите да ја намалат потрошувачката на енергија и да помогнат да се наполнат складиштата и да се соберат резерви на гас до зима, додека германските градови размислуваат да воведат дополнителни мерки во случај на недостиг на гас.
„Во случај на акутен недостиг на гас, топлата вода може да биде достапна само во одредени периоди од денот, во итен случај“, изјави денеска Јенс Керстан, функционер за животна средина во Хамбург, според весникот „Велт ам Зонтаг“.
Керстан рече дека градот може да размисли и за општо намалување на максималната собна температура во мрежата за топла вода, а според федералниот план за итни случаи, домаќинствата и критичните институции како што се болниците во третото ниво на мерки предвидени во планот за итни случаи ќе имаат индустриски приоритет, иако тоа можеби нема да биде возможно во цел Хамбург од технички причини.
Економија
Николовска: За три години преку мерката Мој ДДВ кај граѓаните се вратени околу 68,3 милиони евра

„Мерката Мој ДДВ е една од најуспешните мерки од концептот парите назад кај граѓаните што го реализира Владата предводена од СДСМ. За три години преку оваа мерка кај граѓаните се вратени 4,2 милијарди денари или околу 68,3 милиони евра, односно над 22 милиони евра кај граѓаните секоја година. За успешноста на овој проект кој освен повеќе пари кај граѓаните, ја јакне и даночната дисциплина говори и фактот дека денес има регистрирано над 460.000 корисници и овој број постојано расте“ рече на денешната прес-конференција Фаница Николовска, пратеничка на СДСМ.
Таа смета дека „она што е важно да се истакне е дека наскоро ќе започне процес на законски измени со кој тримесечниот лимит од 1.800 денари, ќе се зголеми на 2.100 денари, што значи дека еден корисник за една година може да добие максимален поврат од 8.400 денари, наместо досегашните 7.200 денари“
„Мерката Мој ДДВ е првиот проект со кој државата враќа пари директно на трансакциските сметки на граѓаните и пример за проект кој функционира беспрекорно. СДСМ како одговорна партија продолжува со реализација на мерки и политики кои обезбедуваат повеќе пари во секое семејство“ порача Николовска.