Економија
Секоја втора фирма што учествува на тендерите вели дека има корупција
Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени во периодот од јули до декември 2021 година, во кои се вклучени и наоди од анкета на фирмите за нивното искуство при учеството на постапките за јавни набавки, анализа на постапките пред Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2021 година и истражување на договорните органи за нивните кадровски капацитети за јавни набавки.
Центарот ја објави и базата на јавните набавки на општините во 2021 година.
Клучните наоди од мониторингот на јавни набавки вклучуваат:
· Зголемена е вредноста на договорите склучени преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас. Вкупната вредност на овие договори во 2021 година изнесува 46 милиони евра, што е за 16 милиони евра повеќе од 2020 година. Дури 80 % од вредноста на склучените договори без објавување оглас им припаѓаат на АД „Електрани“, МВР и Министерството за образование и наука.
· Институциите не ја почитуваат законската обврска за јавно објавување на известувањата за реализираните договори. Доставени се известувања само за една третина од склучените договори.
· Институциите не се откажуваат од електронската аукција и покрај сите предупредувања дека со неа се поттикнуваат договарањето помеѓу фирмите и корупцијата.
· Комисиите за јавни набавки во речиси секој втор тендер отфрлале понуди на фирмите како неприфатливи, со што се отвора сомнежот дали ваквото постапување е со намера да се намали конкуренцијата и да се обесхрабрат понудувачите да учествуваат на тендерите.
· Управните контроли на тендерите од страна на Бирото за јавни набавки, ниту трета година од воведувањето, не успеваат да се наметнат како механизам за откривање на незаконско постапување и злоупотреби. Бирото ниту во 2021 година нема поднесено прекршочна пријава до надлежниот орган или, пак, доставено известување до Јавното обвинителство на РСМ за одредени наоди.
· Во 2021 година поднесени се 1.008 жалби од фирмите, што е 2,5 % повеќе од претходната година. Најголем дел од жалбите е уважен, и тоа 42,6 % од нив. Сепак, уважените жалби се 10,7-процентни поени помалку во однос на претходната година.
Клучни наоди од анкетата на фирмите спроведена во февруари 2022 година, а во која учествуваа 284 фирми од сите поголеми градови во земјата, се:
· За 50 % од фирмите, најниската цена како критериум за избор е најчест проблем со кој се соочуваат во јавните набавки.
· 62 % од фирмите признаваат дека постои меѓусебно договарање на тендерите.
· 51 % од фирмите сметаат дека има корупција во јавните набавки. Повеќето од нив сметаат дека врските се најчест облик на корупција.
· Само 6 % од фирмите изјавиле дека секогаш или често се жалат до Државната комисија за жалби по јавни набавки во случаите кога не се задоволни од начинот на постапување на договорните органи на тендерите на кои учествувале.
· Продолжува незадоволството на фирмите од комуникацијата со договорните органи што ги спроведуваат тендерите. Само 31 % од фирмите ја оцениле оваа комуникација како навремена и квалитетна.
· Фирмите го оценуваат процесот на јавни набавки во земјата со просечна оценка од 2,8 (на скалата од 1 до 5), што е исто како лани.
Клучни наоди од истражувањето спроведено во министерствата и општините за нивните кадровски капацитети за јавни набавки:
· Јавните набавки во министерствата ги спроведуваат од еден до 24 вработени, а во општините од еден до седум вработени не сметајќи го Градот Скопје, каде што нивниот број е 12. Притоа лицата за јавни набавки во министерствата спроведуваат помалку постапки, но нивната вредност е многу поголема од тендерите на општините.
· Некои од институциите користат и надворешна експертска помош, без притоа да се води грижа за превенирање на потенцијалниот судир на интереси. Клучни наоди од базата на јавните набавки на општините во 2021 година:
· Градот Скопје и 80 општини потрошиле за јавни набавки во 2021 година 11 милијарди денари, односно 183 милиони евра. Прoизлегува дека во 2021 година се потрошени дури 51 милион евра повеќе отколку во 2020 година.
· Најголеми скокови во вредноста на јавните набавки во однос на претходната година се забележани кај Град Скопје од 15 милиони евра, кај Општина Центар од 5,5 милиони евра и кај Општина Гази Баба од речиси 5 милиони евра. Најголеми падови, пак, во вредносен износ се забележани кај Општина Чучер Сандево, речиси 630 илјади евра, Карпош – 483 илјади евра и Аеродром – 475 илјади евра.
· Листата од првите 10 фирми со најголема вредност на тендери кај општините во 2021 година ја предводи градежната компанија „Жикол“ ДООЕЛ експорт-импорт од Струмица со склучени 21 договор, во вкупна вредност од 22 милиона евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Халк Моби ПОС, ново дигитално решение за компаниите од Халкбанк
Во денешното динамично и дигитално време, кога брзината, флексибилноста и едноставноста се клучни за успехот на секој бизнис, Халкбанк АД Скопје континуирано инвестира во иновативни решенија што ги следат потребите на современите трговци. Во таа насока, Банката ја воведува новата услуга Халк Моби ПОС (Halk Mobi POS), која што претставува напредно решение што овозможува прифаќање плаќања со картички директно преку мобилен телефон или таблет.
Практично решение и секогаш со вас
Халк Моби ПОС го претвора вашиот паметен уред, телефон или таблет, во сигурна алатка за наплата во продавница, на терен, на настани или при испорака кај клиент.
Процесот на користење е брз и едноставен. Потребно е да ја инсталирате апликацијата Халк Моби ПОС на својот уред и по активирањето, тој станува терминал за бесконтактни плаќања.
Купувачот само ја доближува својата картичка нана телефонот/таблетот, а трансакцијата се обработува во реално време и се потврдува за неколку секунди.
Клучни предности за вашиот бизнис
Со користење на Халк Моби ПОС, добивате низа значајни придобивки. Се овозможува прифаќање плаќања каде и да сте, без ограничување на локација, при што не е потребна дополнителна опрема, односно нема потреба од посебен ПОС уред. Трансакцијата е безбедна и брза, со високо ниво на заштита и моментална обработка. Се добива и преглед на сите трансакции во реално време, а со тоа и подобра контрола и транспарентност во работењето.
Ова иновативно решение е идеално за мали и средни бизниси, самостојни трговци и теренски продавачи кои сакаат брзо, безбедно и едноставно плаќање, каде и да се наоѓаат.
Едноставна постапка за аплицирање
За користење на Халк Моби ПОС, потребно е да се поднесе апликација во една од филијалите на Банката, по што барањето се процесира и услугата се активира во најкраток рок.
Со Халк Моби ПОС, Халкбанк АД Скопје продолжува да инвестира во дигитални решенија што им помагаат на бизнисите да растат, да бидат поконкурентни и поблиску до своите клиенти. Оваа услуга претставува сигурен партнер за секој трговец кој сака да понуди современо искуство за плаќање и да го унапреди своето работење.
За повеќе информации и активирање на услугата, посетете ја најблиската експозитура на Халкбанк или официјалната веб-страница на Банката.
ПР
Економија
Спасовски: Ако не се покачи минималната плата, Македонија ќе остане без своите работници
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната собраниска седница укажа дека доколку не се покачи минималната плата, Македонија ќе се соочи со недостиг на работна сила.
„И сега дури и немаме доволно работници, од други причини. Ако не продолжи растот на платите, ќе имаме уште поголем проблем, затоа што никој повеќе не може и не сака да работи без пари“, рече Спасовски.
На собраниската седница на која на дневен ред е предлог-законот на СДСМ и коалицијата за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра, Спасовски нагласи дека покачувањето на минималната плата на 600 евра е прашање на консензус бидејќи се работи за интересите на граѓаните.
„Ако за Изборниот законик, кој директно ги тангира политичките партии и нивните интереси, можеме да постигнеме консензус, тогаш кои сме ние да не постигнеме консензус кога станува збор за граѓаните? Дали сме поважни ние како политички субјекти или се поважни граѓаните и нивниот животен стандард? Прво треба да седнеме и да постигнуваме договор за прашањата што ги засегаат луѓето, за нивните плати, за нивната егзистенција, за нивната сигурност. А не консензус да правиме само таму каде што се во прашање партиските интереси“, рече Спасовски.
Во образложението, Спасовски посочи дека кога се зборува за минимална плата и за создавање систем, треба да се има кредибилитет во однос на тоа што се предлага. Тој потсети дека благодарение на јасно воспоставениот систем во периодот на владата на СДСМ, минималната плата растеше.
„Во 2012 година, кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, минималната плата беше 8.050 денари. Кога се презеде власта, во 2017-та беше 10.080 денари, а во 2017 година расте на 12.000 денари, па понатаму континуирано расте благодарение на системот што беше воспоставен, за да во 2024 година имаме минимална плата од 22.567 денари. Фактот дека минималната плата пораснала од 8.000 на 22.567 денари дава кредибилитет токму на СДСМ и коалицијата кои направија систем за раст на минималната плата“, рече Спасовски.
Тој потсети дека кога владата на СДСМ го носеше решението за раст на минималната плата, тогашните функционери на ВМРО-ДПМНЕ беа против таквото законско решение.
„Сегашниот гувернер на НБРМ, Трајко Славески, и ден-денес вели дека била погрешна политиката да се гради систем за раст на минималната плата и дека треба да живееме во времето во кое ВМРО-ДПМНЕ продаваше басни низ светот дека евтината работна сила ќе донесе инвеститори во Македонија. Тоа време заврши. Со години ги плашевте фирмите дека ако се зголеми минималната плата ќе пропаднат, а ги плашевте и работниците дека ако се зголеми минималната плата ќе останат без работа. После толку години од тој систем се покажа следново – фирмите наместо да пропаднат, растат, затоа што се зголемува продуктивноста на трудот, а работниците ги задржаа работните места“, рече Спасовски.
Притоа, Спасовски додаде дека барањето на синдикатите е оправдано, бидејќи трошоците на живот во секоја ставка рапидно растат.
„Прехранбени производи, здравствени услуги, комунални услуги, енергетика – сè има раст. Вие сте две години власт, ги имате институциите на системот, ги имате скоро сите општини под контрола. Ако не знаете, прашајте ги вашите градоначалници во колку општински совети доставија предлози за зголемување на комуналните такси на јавните претпријатија. И ќе ви биде јасно дека трошоците и понатаму растат и тие одлуки не се носат за да Владата ги плати тие трошоци, трошоците ги плаќаат граѓаните. И оттука доаѓа и барањето на синдикатот минималната плата да се зголеми на 600 евра, па понатаму да имаме и систем на раст на платите“, рече Спасовски.
Економија
Економијата е стабилна, инфлацијата се движи кон 2,5 проценти – оценка од средбата во Народната банка
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески и директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски остварија работна средба со Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на која дискутираа за клучните макроекономски показатели во државата, ценовната и финансиската стабилност, како и тековите на инфлацијата.
Соговорниците оценија дека економијата е стабилна и бележи солиден раст, а стабилниот курс на денарот во однос на еврото претставува важен фактор за зачувувањето на довербата во економијата, финансиската стабилност и конкурентноста на домашната економија.
Во однос на инфлацијата и ценовните флуктуации, соговорниците оценија дека веќе неколку месеци наназад се бележи стабилизирање на ценовните движења, а се очекува овие трендови да продолжат и во наредниот период. Проекција на Народната Банка е дека годишната инфлацијата ќе изнесува 2,5 проценти, додека на среден рок ќе се врати на историските 2 проценти.
Ристески, Стојкоски и Славески се согласија дека добрата соработка и координација помеѓу Народната банка, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат се значајни за носењето и спроведувањето на дел од политиките со кои се поттикнува економскиот развој на земјата.
Заменик-министерот Ристески на гувернерот Славески и вработените во Народната банка им го честиташе големиот јубилеј – 80 години од формирањето на оваа институција, јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен институционален развој. Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови.

