Економија
Се намалуваат цените на бензинот и дизелот
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,66 % во однос на одлуката од 23.2.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 1,454 %, кај дизелот 0,742 %, кај екстра-лесното масло 2,637 % и кај „мазутот“ зголемувањето е 1,773 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,187 %.

„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00.01 часот на 27.2.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт може да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Стратешко ширење на „Бекутан“ на европскиот пазар: македонскиот бренд достапен и во „Лидл“ Летонија и во „Лидл“ Литванија
„Алкалоид“ продолжува со зајакнување на меѓународното присуство на eден од најпрепознатливите македонски брендови за бебешка нега „Бекутан“, овојпат преку влез на пазарите во балтичкиот регион, проширувајќи ја успешната глобална приказна преку малопродажната мрежа на „Лидл“.
Со внимателно планиран пласман, производите на „Бекутан“ отсега ќе бидат достапни и за потрошувачите во Летонија и во Литванија, со што се отвора ново поглавје во меѓународниот развој на брендот, зацврстувајќи го неговото позиционирање на европскиот пазар.

Присуството во 111 продажни објекти – 36 маркети во Летонија и 75 во Литванија – претставува јасен показател за обемот и значењето на првиот пласман во овој дел на Европа. Ваквиот развоен исчекор претставува дополнителна потврда за конкурентноста на македонскиот бренд и за неговата способност целосно да одговори на високите стандарди на европскиот пазар.
Реализацијата на проектот е остварена во партнерство со „Лидл“ Македонија, што претставува значаен стратешки напредок во процесот на интернационализација и пример за успешно поврзување на домашниот пазар со европската малопродажна инфраструктура.
Вклучувањето на „Бекутан“ во оваа програма на „Лидл“ претставува силен доказ за стандардите што доследно ги одржува брендот со децении – бескомпромисен квалитет, развој заснован на експертиза и доверба стекната меѓу генерации потрошувачи. Токму овие фактори го позиционираат „Бекутан“ како конкурентен европски бренд со јасен потенцијал и капацитет за одржливо присуство и надвор од традиционалните пазари.
Приказната за „Бекутан“, кој со децении ја гради својата препознатливост врз темелите на сигурноста и нежноста, денес допира до повеќе од дваесет меѓународни пазари. Од Соединетите Американски Држави и Германија, па сè до Скандинавија и Блискиот Исток, брендот континуирано ги потврдува својот углед и довербата на глобално ниво.
Како еден од најпрепознатливите македонски брендови во регионот и пошироко, од своето лансирање во 1978 година со пет основни формулации „Бекутан“ денес прерасна во портфолио со повеќе од 60 типови производи и со повеќе од 100 форми на пакувања, сите клинички и дерматолошки тестирани и развиени заедно со педијатри, неонатолози и дерматолози.
(ПР)
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР

