Економија
Сојузот на стопанските комори: Без соодветни мерки за поддршка рентакар-секторот пред целосен колапс

Рентакар-компаниите, иако претставуваат значаен сегмент на стопанството и придвижуваат неколку други дејности, во услови на криза оставени без соодветна финансиска помош се соочени со опасност од целосен колапс на секторот, реагира Групацијата на рентакар-компании при Сојузот на стопанските комори на Македонија.
„Почнувајќи од март, кога почна пандемијата, која ги затвори аеродромите и границите, нашата гранка доживеа огромен пад во работата, со што се најдовме во групата најзагрозени дејности во државата. Падот за 2020 година е поголем од 80 отсто, со што се доведува во прашање понатамошното егзистирање на нашата дејност. Соочени со многу големи режиски трошоци, како закуп на шалтери на аеродромите, регистрирање на возилата со дополнителен доплаток на осигурување од 100 отсто, задолжително вадење зелен картон при регистрација, губење вредност на капиталот, амортизација на возилата, се доведуваме во ситуација да не можеме да ги почитуваме нашите обврски за одржување на деловната активности“, изјави Рамадан Идризи, претседавач на Групацијата на рентакар-компании.
Работата на овој сектор во последните години е отежната и поради проблемот на нелојалната конкуренција. Имено, додека регистрираните компании имаат големи трошоци за да ги задржат високиот стандард и квалитетот на услугата и да им парираат на компаниите од европските држави, има огромен број нерегистрирани субјекти, како плацови за продажба на возила, каде што приватни лица што поседуваат по неколку возила, без притоа да ги исполнат законските услови, настапуваат на пазарот и ни земаат голем дел од работата.
„Соочени со негрижа за оваа дејност од страна на надлежните институции, кои треба да постават механизми за сузбивање на сивата економија, рестрикции за вршење на дејноста, што ги наметна кризата, како и несоодветните економски мерки за поддршка на секторот, бараме итно Владата да ги разгледа состојбите и да обезбеди неповратна финансиска помош за овие компании, како и да изготви посебен пакет-мерки приспособен на специфичноста на дејноста со цел да се спречи целосен колапс на оваа стопанска гранка, без можност за понатамошна егзистенција“, изјави Владимир Граматиков, претседател на Туристичко-угостителската комора.
На територијата на град Скопје има регистрирано повеќе од 50 рентакар-компании, а во целата држава бројот надминува 200 компании. Во 2019 година овие компании оствариле вкупен прилив на девизи од странство во висина од над 20 милиони ера. Тие се меѓу најголеми купувачи на нови возила во земјата. Минатата година овие компании набавиле 31 отсто од вкупниот број продадени нови возила во државата. Истовремено, претставуваат значаен сегмент во работењето на центрите за сервис бидејќи рентакар-возилата неколкупати годишно се сервисираат во овластен сервис. Значаен удел имаат и во увозот на пневматици бидејќи почитувајќи го постојниот закон и грижејќи се за безбедноста на клиентите, остваруваат огромен промет во набавката и промената на летни и зимски пневматици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.