Економија
Со медијација до брзо и успешно решавање на деловните спорови
Со меморандум за соработка, Комората на медијаторите ја зацврсти соработката со Академијата за судии и јавни обвинители на прес-конференцијата во рамките на Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССК).
Меморандумот го потпишаа претседателот на Комората на медијаторите, Славе Младеновски, и директорот на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска, во рамките на првиот Центар за медијација формиран според европски модел во Сојузот на стопанските комори.
Определбите на Комората на медијаторите стана содржина на меморандумот за соработка со Академијата на судии и обвинители и заеднички се преточени во конкретни области и активности за реализација.
„Во Комората постои неподелено мислење, медијацијата да ја направиме да биде постапка, која за страните во спорот е прво, единствено и последно решение во доаѓањето до заеднички договор, со што ние сме ја завршиле успешно нашата работа како медијатори. Наши конкретни задачи и активности во наредниот период се запознавање на граѓаните и институциите со можностите и со позитивните карактеристии на медијацијата во насока на намалување на водењето парница во судска постапка и на намалување на степенот на конфликтност со мирно решавање спор. Тоа мислиме да го направиме преку соодветни обуки, работилници и предавања. Во овој поглед станува збор активности во кои како учеасници би биле претставници од правосудниот систем, претставниците од бизнис-секторот, граѓанскиот сектор и новинарите“, истакна Младеновски и додаде дека за медијаторите од суштинска важност е промоцијата и афирмацијата на медијацијата како соодветно, практично и ефикасно решение за решавање спор, кое мора да биде во интерес на двете страни.
По потпишувањето на меморандумот, деловната заедница во Сојузот, во рамките на Центарот за медијација при ССК, кој официјално почна со работа на 17 јули годинава, го проследи предавањето на лиценцираните медијатори, претседателот Славе Младеновски и Дејан Белевски, претседател на Надзорниот одбор на Комората на медијаторите, на тема: „Медијацијата и бизнисот – брзо решавање спор, потреба и цел“.
Целта е деловната заедница што поконретно да се запознае со предностите на медијацијата со која страните го решаваат својот спор со помош на трета неутрална страна – медијатор. Медијацијата е доброволна, неформална, доверлива, брза и слободна постапка. Медијаторот на двете страни им помага да дојдат до решение на заемно задоволство, односно крајниот исход на медијацијата е двете страни да бидат победници. Вештината на медијаторот се состои во периодот на запознавање на страните со постапката на медијација да им даде колку што е можно повеќе корисни информации. Постапката на медијација, според законот, не смее да трае повеќе од 60 дена, но праксата покажува дека спорот се решава по само неколку состаноци.
Последниве две години во земјата има напредок во бројот на предмети решени со медијација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

