Економија
Со мерките од програмата за рурален развој, обезбедуваме достоинствен живот за граѓаните од сите рурални средини, велат од АФПЗРР
Претставници на Агенцијата за финансика поддршка во земјоделството и руралниот развој, предводени од директорот Николче Бабовски и заменик-директорот Авдул Селам Селами, одржаа работен состанок со директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, и нејзините соработници. На состанокот, како што посочуваат од Агенцијата, се разговарало за подобрување на соработката на овие две финансиски институции, а биле разгледувани и повеќе прашања кои се од интерес на успешна имплементација на програмата за рурален развој, а воедно биле разгледувани и можностите за размена на информаци помеѓу овие две институции.
Директорот на АФПЗРР, Бабовски, истакна дека единиците на локалнните самоуправи преку програмата за рурален развој, преку мерките обезбедуваат поквалитетен живот за граѓаните.
„Парите од мерката 321 можат да ги користат за поврзување на пат со регионален или локален пат од 5 до 7 километри, изградба на водовод и канализација, изградба и обнова на младински културни центри, добиточни пазари и друго. Преку мерката 322, средствата може да се искористат за реконструкција или изградба на селски улици, изработка на детални урбанистички планови, реконструкција или изградба на плоштади. Со средствата од мерката 323, може да се градат патишта за поврзување со објекти од културно, или значање за животот на граѓаните, како и инфраструктурно поврзување со објекти од културното наследство, уредување на излетнички места и озеленување на површини покрај природни езера или магистрални патишта во рурални средини“, посочува Бабовски.
Заменик-директорот Авдул Селам Селами истакна дека согласно со правилата на повикот, финансиската поддршка е 100 отсто од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестицијата без ДДВ.
„Општините сами си го покриваат данокот на додадена вредност. Оние општини кои имаат започнати или веќе завршени проекти од претходни години и повици треба да го имаат подмирено данокот на додадена вредност“, изјави Селами.
Според директорката на УЈП, Сања Лукареска, пак, со помош на ваквите проекти, средствата што преку даноци граѓаните ги уплаќаат во државната каса преку нови проекти повторно ќе се вратат кај граѓаните во форма на подобри услови за живот.
Со помош на овие средства се обезбедуваат нови капитални инвестиции за општините. Ќе се решат проблемите со патната и комуналната инфраструктура, а ќе се подобри и квалитетот на животот за граѓаните во руралните средини, посочуваат во соопштението од АФПЗРР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Во октомври годишен раст од 11,0 отсто на вкупните депозити и од 9,2 отсто на вкупната кредитна поддршка
Годишниот раст на вкупните депозити изнесува 11,0%, којшто произлегува од зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 9,2% како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на следниот линк.
Економија
Преку Wine vision by Open Balkan ќе се промовира македонското врвно вино и традиционалната македонска храна
Од 22 до 24 ноември оваа година се одржува најголемиот саем во Белград „Wine vision by Open Balkan“ каде што свое место ќе заземе и македонското вино и традиционалната македонска храна.
Оваа година од Македонија на саемот во Белград ќе учествуваат 80 наши винарии и дестилерии, 6 изложувачи на храна и ресторан со 3 готвачи.
Токму на овој настан посетителите ќе имаат можност да ги вкусат врвните македонски вина, да се запознаат со нашите традиционални вкусови и гастрономски особености.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги поддржува нашите изложувачи се со цел да се промовираат земјоделските производи и да се прошири извозот на истите надвор од границите на државата.
Во склоп на настанот кој што се одржува овие неколку дена ќе се одржи и македонска вечер на која што ќе присуствуваат високи делегати и владини претставници од други држави.
Преку македонската вечер присутните гости ќе се запознаат со богатството со кое што располага Македонија кога станува збор за вино и храна, велат од МЗШВ.
Економија
Следната недела ќе се одржи осмото издание на Деновите на финансиската писменост
Следната недела, од 26 до 28 ноември, ќе се одржи осмото издание на Деновите на финансиската писменост, коишто ги организираат финансиските регулаторни институции во соработка со приватниот финансиски сектор и граѓанските здруженија. Конкретно, организаторите се Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување ‒ МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурување.
Деновите на финансиската писменост ќе бидат организирани главно како едукативни предавања. Сите институции коишто учествуваат во годинешното издание, преку своите веб-страници и преку страниците на социјалните мрежи, ќе ги информираат граѓаните за активностите и за настаните што се планираат, известувајќи и за начинот на пријавување на секој заинтересиран граѓанин.
Финансиските регулаторни институции ги повикуваат граѓаните да ги следат информациите за планираните активности и активно да се вклучат во годинешното издание на Деновите на финансиската писменост. Целта на оваа акција е да се зајакне финансиската едукација, да се поттикне финансиската инклузија и да се зголемат свесноста и заштитата на потрошувачите на финансиски услуги.
Конкретно, Народната банка организира Јавен повик до јавноста за земање учество на повеќе едукативни активности. На првиот ден, Народната банка ќе ги отвори вратите за сите заинтересирани лица коишто ќе можат да се информираат за правата на потрошувачите на финансиските услуги. Вториот ден ќе бидат организирани три он-лајн предавања на три теми: „Во светот на финансиите – Финансиска едукација за средношколци“, „Заштитни елементи на македонските пари“ и „Платежна сметка со основни функции“. Во текот на третиот ден ќе биде организиран студентски час во просториите на Народната банка наменет за студентите од факултетите во земјата на следните три теми: „Монетарната политика на Народната банка“, „Улогата и значењето на статистичките податоци на Народната банка“ од страна на претставници на Народната банка и „Младите и финансиската едукација“ во соработка со Здружението Алпбах.
Во текот на годинава, финансиските регулаторни институции спроведоа голем дел од планираните активности во сферата на финансиската едукација и финансиската инклузија. За следниот период се очекува дополнително засилување на ваквите активности, имајќи го предвид спроведувањето на Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија.