Економија
Средби на Ангеловска-Бежоска со Бериган и Андреоли: Напредува процесот на оценување на земјата за пристапување кон СЕПА
Напредува процесот на оценување на земјава за пристапување во Единствената област за плаќањa во евра (СЕПА). За таа цел, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска одржа средби во Брисел со генералниот директор на Директорaтот за финансиска стабилност, финансиски услуги и унија на пазарите на капитал при Европската комисија, Џон Бериган, како и со Џорџо Андреоли, генералниот директор на Европскиот совет за плаќања, институцијата којашто ја носи конечната одлука за членството на земјите во СЕПА.
На средбите се зборуваше за барањето на земјава за членство во СЕПА, коешто беше официјално поднесено во јули оваа година, по обемната измена на законската и подзаконската регулатива во сферата на платежните услуги, банкарскиот систем и спречувањето перење пари, заради усогласување со европската правна рамка. Официјалното барање, на почетокот на октомври, беше дополнето и со најновите измени на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, со што се оценува дека се направени сите неопходни измени на законската и подзконската правна рамка. Во моментов се оценува нашето барање. Имајќи го предвид високиот степен на усогласеност на правната рамка, се очекува позитивна оцена со што нашата земја ќе може наскоро да пристапи во СЕПА. По добивањето позитивна оцена, деловните банки ќе треба оперативно да се приклучат кон европскиот платежен систем, за што е потребна претходна подготовка.
Членството во СЕПА е една од приоритетните активности поддржани со Планот за раст на Европската комисија од 2023 година, чијашто цел е забрзана економска интеграција на регионот во единствениот пазар на ЕУ. СЕПА ќе донесе бројни придобивки за граѓаните, фирмите и целокупната економија, преку обезбедување побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра кон и од земјите членки на СЕПА, поедноставување на процедурите, поголема транспарентност и засилена заштита на потрошувачите. Граѓаните ќе можат поевтино, побргу и поедноставно да примаат и да испраќаат парични средства во евра во земјите од СЕПА. Фирмите ќе можат полесно да се вклучат во прекуграничната трговија со стоки и услуги во земјите од областа на СЕПА, да го прошират својот бизнис и да ја зголемат конкурентноста. Пристапувањето за нив подразбира и пониски надоместоци, како и подобрено управување со паричните текови, имајќи предвид дека трансферите на СЕПА вообичаено се обработуваат во рок од еден работен ден, а кај инстант плаќањата, преносот на паричните средства ќе се извршува за 10 секунди најмногу, во кое било време во текот на денот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Дизелот од полноќ поевтинува за 1 денар, се намалува и цената бензинот 98
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,18 % во однос на одлуката од 2.12.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 0,463%, кај дизелот за 1,862%, кај екстра лесното масло намалувањето е за 0,882% и кај мазутот зголемувањето е за 1,83%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,2082%.
Од 11.12.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин „Евросупер БС“ – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин „Евросупер БС“ – 98 78,00 (денари/литар)
Дизел гориво „Евродизел БС“ (Д-Е V) 70,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 45,775 (денари/килограм)
Малопродажната цена на „Евродизел“ (Д-Е V) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на бензинот „Евросупер БС -98“ се намалува за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на бензинот „Евросупер БС-95“ и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,517 ден/кг и сега ќе изнесува 45,775 ден/кг.
Ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 11.12.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
Мицкоски: Потпишан е договор со „ДМ-БАУ интернационал“ за нова инвестиција од 7 милиони евра и 200 нови вработувања
Потпишан е договор со ДМ- БАУ Интернационал за нова инвестиција од 7 милиони евра и 200 нови вработувања, објави премиерот Христијан Мицкоски.
Договорот за државна помош кој се потпишува денес предвидува инвестиција од најмалку 7 милиони евра во следните 5 години и најмалку 200 нови работни места. Согласно последните информации добиени од менаџментот на компанијата, инвестицијата ќе го надмине овој минимален износ на кој договорно се обврзува.
Инвестицискиот план, како што образложи Мицкоски, вклучува вложувања во купување на земјиште, целосна изградба на погоните и нивно опремување со машини и опрема за производство на модуларни објекти со различна намена. ДМ Бау Интернационал е дел од групација ДМ Бау – швајцарски производител на модуларни објекти со преку 100 години историја.
„Покрај производството на ваквите објекти, компанијата се јавува и како изведувач на истите. Со годишен обрт од околу 10 милиони швајцарски франци, над 70 вработени и 30-тина проекти годишно, ДМ Бау се вбројува меѓу најголемите европски производител во овој сегмент. Моменталното производство се одвива на две локации во Швајцарија, а плановите за интернационализација и зголемување на капацитетите ДМ Бау одлучи да го реализира преку Македонија. Во индустриска зона во близина на Куманово, ДМ Бау Интернационал ќе изгради голем комплекс составен од повеќе објекти за производство, монтажа и складирање, со вкупна површина од околу 35.000 метри квадратни под покрив. За таа цел, во 2024 година компанијата купи земјиште со големина од околу 72.000 метри квадратни. Моментално таму се изведуваат првични земјени работи за нивелирање на земјиштето, по што, во текот на 2025 година ќе отпочне изградбата на нивните производни погони“, рече премиерот.
Напомена дека компанијата ДМ Бау Интернационал е во сопственост на наш сограѓанин, со потекло од Македонија, кој живее и работи во Швајцарија, но одлучил своите инвестициски планови да ги реализира токму во нашата земја.
Економија
Инженери од МАКО СИГРЕ ја посетија биогасната електрана Сарамзалино
Инженери од реномираното стручно здружение МАКО СИГРЕ ја посетија биогасната електрана Сарамзалино, заедничка инвестиција на фирмите Централинвест-Скопје, Агриа-Велес и АСПП-ПАК-Охрид.
Инженерите од МАКО СИГРЕ, кои работат во различни делови од електроенергетиката во земјава, се интересираа за технологијата на работа на биогасната електрана, опремата која е вградена, нус производите од процесот на производство на електрична енергија, како и за предизвиците во работењето на оваа се уште нова технологија на нашите простори.
Раководните лица на електраната, која е лоцирана на територија на општина Лозово, ги запознаа инженерите со сите фази на произвдството во биогасна електрана, од складирањето на силажа и обезбедувањето отпад со кои се полни дигесторот, биохемискиот процес на вриење при кој настанува гасот метан, неговото складирање во посебен простор, спроведување на гасот и негово согорување без загадување на воздухот во процесот на производство на електрична енергија, и на крај нуспродуктите кои остануваат: течно земјоделско ѓубриво и хумус.
Централинвест, сестринската фирма на ФЕРОИНВЕСТ, останува општествено одговорна и посветена на зајакнување на стручните знаења на инженерите и споделува заеднички вредности со МАКО СИГРЕ, а тоа се приближување на академската заедница, индустријата и сите останати чинители во електроенергетскиот сектор и размена на знаења и искуства меѓу нив.
ПР Објава