Економија
Стапи во сила новиот Закон за енергетската ефикасност
Новиот Закон за енергетската ефикасност, кој минатата недела беше изгласан во Собранието на Северна Македонија и беше објавен во „Службен весник“, денеска стапи во сила. Материјата за енергетската ефикасност досега беше регулирана со стариот Закон за енергетиката од 2011 година и соодветните подзаконски акти. Имајќи го тоа предвид, постоеше значајна бариера за имплементација на мерки за енергетската ефикасност во нашата држава, соопшти Министерството за економија.
Старото законско решение го попречуваше развојот на пазарот на енергетските услуги, со тоа и инвестициите во оваа област, иако приближно 300 енергетски контролори посетија обуки и положија испити по што стекнаа овластување за вршење енергетска контрола и соодветно на тоа 80-ина друштва стекнаа лиценца за вршење енергетска контрола.
Со новиот Закон за енергетската ефикасност, кој беше објавен во „Службен весник“ и од денеска стапи во сила, нашата држава во целост ги имплементира соодветните прописи за енергетска ефикасност на Европската Унија.
Уште поважно, новиот закон ќе овозможи реализација на потребните инвестиции и мерки во областа на енергетската ефикасност следејќи ги позитивните примери од земјите на ЕУ и регионот, каде што енергетската ефикасност донесува корист на повеќе нивоа како за граѓаните така и за економијата воопшто. Енергетските контролори и друштвата лиценцирани за вршење енергетски контроли, конечно, ќе може да почнат со работа и со тоа активно да учествуваат во подобрувањето на енергетската ефикасност во нашата држава.
Новиот закон, меѓу другото, детаљно ги регулира енергетските контроли кај големите трговци и енергетските контроли на зградите како засебни области. Конкретно, во иднина енергетските контроли ќе се вршат од обучени и овластени контролори за секоја област посебно – енергетски контроли на големите трговци, од една страна, и енергетски контроли на згради, од друга. Ова законско решение им овозможува јасни услови за работа на енергетските контролори и друштвата што стекнале лиценца за вршење енергетски контроли, како и нови вработувања во овој сектор. Исто така, со поделбата на контролите во две засебни области очекуваме повисок квалитет на енергетските контроли и со тоа зголемување на енергетската ефикасност воопшто.
Во согласност со предложените решенија на законот, јавниот сектор ја презема водечката улога и е обврзан да дава позитивен пример во поглед на подобрувањето на енергетската ефикасност во Република Северна Македонија. Законот пропишува многубројни обврски и мерки во овој поглед, како што се обврските за реконструкции на зградите во јавниот сектор на среден и долг рок и обврските за јавни набавки на исклучиво енергетски ефикасни стоки и услуги.
Понатаму, законот пропишува и обврски за следење на потрошувачката и заштедите на енергија од страна на општините и другите лица од јавниот сектор. Со ова, јавниот сектор, а пред сè, Владата и министерствата, ќе ја преземат водечката улога кон остварување на целите за енергетска ефикасност, кои, покрај користа што ја донесуваат за нашите граѓани и економијата, претставуваат обврска во согласност со преземените обврски со Договорот за енергетската заедница на патот на нашата држава кон полноправно членство во ЕУ.
Законот исто така пропишува обврски во врска со енергетската ефикасност при пренос, дистрибуција и снабдување со енергија, со што ги надополнува соодветните одредби од Законот за енергетиката. Потрошувачите на пазарите на енергија во иднина ќе може да очекуваат инструменти и мерки со кои ќе може да остваруваат заштеди при користењето енергенти, а кои ќе ги нудат снабдувачите и дистрибутерите на овие пазари.
Важно е исто така да се спомене дека законот ќе овозможи реализација на долгорочни договори за енергетски услуги од страна на друштва даватели на енергетски услуги – ЕСКО. Со ова законско решение се прецизираат одредбите и модел-договорите, кои овозможуваат реализација на проекти за подобрување на енергетската ефикасност како за реконструкции на згради така и за други вложувања во енергетска опрема и инсталации.
Важно е да се нагласи дека со користењето на овој модел таквите инвестиции нема да претставуваат трошок за корисниците бидејќи тие се финансираат од самите остварени заштеди на енергија. Во овој поглед очекуваме заживување на пазарот на енергетски услуги и со тоа значајни вложувања, особено во јавниот сектор, на еден ваков иновативен начин – реконструкции и заштеди, без значајно финансиско отповарување на корисниците на овие енергетски услуги. Со ова, граѓаните, покрај подобрување на енергетската ефикасност на згради што ги користат државните органи и општините, ќе може да очекуваат и реконструкции на училишта, болници и други објекти што ги користат секојдневно.
Законот воведува новини и во однос на улогата на Агенцијата за енергетика на Република Северна Македонија во однос на поддршката на развојот на енергетските услуги преку обезбедување информации, објавување модел-договори и примери на одредби, како и техничка поддршка на јавниот сектор во врска со енергетските услуги. Понатаму, законот донесува новини во однос на барањата за истакнување информации и етикета со која се означува класата на енергетска ефикасност и екодизајнот на производите што користат енергија и што се нудат на пазарите во државата. Со тоа законот ќе обезбеди понуда на исклучиво енергетски ефикасни производи и информираност на граѓаните во врска со нивото на потрошувачка на одделните групи производи.
Овие законски решенија се воведуваат во согласност со најновите прописи што се во примена во ЕУ, но на начин и динамика што соодветствуваат на нашата реалност, секако имајќи ги предвид потребите на трговците и снабдувачите со производи во врска со успешната и долгорочна примена на овие барања во иднина.
Новината исто така е и дека секој граѓанин приклучен на системот на топлинска енергија ќе има можност да се исклучи од постојниот систем за греење само во случај кога системот на кој планира да се приклучи или системот за поединечно греење и/или ладење што ќе го користи обезбедува подобри енергетски перформанси, односно е поефикасен и еколошки поприфатлив и го намалува користењето примарна енергија во споредба со системот за централно греење и/или ладење на кој е приклучен земајќи ја предвид енергијата потребна за екстракција, конверзија, транспорт и дистрибуција, што ќе може да го докаже со извештај од претходно извршена енергетска контрола изготвен од овластен енергетски контролор за згради. Истовремено, граѓанинот треба да обезбеди писмена согласност за исклучување од системот за централно греење и/или ладење од мнозинството од вкупниот број сопственици на посебни делови на зградата во согласност со Законот за домувањето.
Со цел да овозможи остварување на целите и поддршка на политиките за енергетска ефикасност пропишани во согласност со овој закон, се предвидува и основање фонд за енергетска ефикасност како независно и самостојно правно лице. Средствата од фондот ќе се користат за финансирање проекти и мерки за енергетска ефикасност следејќи ги примерите од други држави од Европската Унија, каде што фондовите за енергетска ефикасност постојат подолго време и успешно го помагаат развојот на енергетските услуги и подобрувањето на енергетската ефикасност воопшто. Детаљните услови и начинот на работење на фондот ќе се уредат со посебен закон.
Со новиот Закон за енергетската ефикасност нашата држава ќе добие уште едно модерно, современо законско решение, кое ќе овозможи придобивки во неколку области: подобрување на енергетската ефикасност и остварување заштеди на енергија како примарна цел; нови вработувања и заживување на работата на друштвата што даваат енергетски услуги и вршат енергетски контроли; законска рамка за реализација на проекти за реконструкција на згради, набавка на енергетски ефикасна опрема и инсталации, како и други енергетски услуги, без значајно финансиско отповарување на корисниците на тие услуги; воведување можности за дополнителна финансиска поддршка за реализација на проекти за енергетска ефикасност преку основањето на фондот за енергетска ефикасност со посебен закон; и подобрување на енергетската ефикасност на производите достапни на пазарите во Република Северна Македонија во согласност со новите правила за означување и екодизајн на производите што користат енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.
Економија
ОКТА АД – Скопје со силни резултати во 2025 година во пазарна средина исполнета со предизвици
Финансиски резултати за 4-тиот квартал / 12 месеци од 2025 година

*Прилагодена за ефектот на вреднување на залихите
ОКТА АД – Скопје Годишни резултати за 2025 година
Во 2025 година, глобалниот пазар на деривати беше обликуван од геополитичка несигурност и еволуирачки енергетски политики, што резултираше со повремена нестабилност на цените. Ризиците по снабдувањето поврзани со регионалните конфликти и нестабилните трговски рути беа делумно компензирани со зголемено производство од главните извозници, ублажувајќи ги ценовните притисоци во споредба со 2024 година. Намалената индустриска активност на клучните пазари го ограничи растот на побарувачката и придонесе за стабилизација на цените во втората половина од годината.
Во Југоисточна Европа, геополитичките случувања и регулаторните промени продолжија да влијаат врз пазарните услови. Во Северна Македонија, воведувањето на новиот Закон за енергетика во средината на 2025 година и тековните регулаторни прилагодувања влијаеја врз динамиката на цените и конкуренцијата. По благиот пад во 2024 година, локалниот пазар покажа знаци на закрепнување во текот на 2025 година.
Во овие услови, ОКТА успешно се справи со регионалните флуктуации во снабдувањето и силните притисоци од конкуренцијата како на домашниот така и на извозниот пазар. Компанијата ја задржа својата утврдена водечка позиција во големопродажбата, додека структурата на малопродажниот пазар остана во голема мера непроменета. Во текот на целата година, ОКТА се фокусираше на дисциплинирано комерцијално извршување, разумно управување со маржите и насочени, стратешки иницијативи.
Финансиски остварувања
Приходите од продажба за фискалната 2025 година изнесуваа 38.492 милиони денари, во споредба со 44.263 милиони денари во 2024 година, првенствено поради пониските меѓународни цени на горивата и намалениот обем на извоз. Во четвртиот квартал од 2025 година, приходите од продажба се зголемија за 5% на годишно ниво на 10.179 милиони денари.
Бруто добивката порасна на 1.324 милиони денари во фискалната 2025 година од 1.169 милиони денари во претходната година, поткрепена од поголемата домашна продажба, зголемените испораки кон Државните резерви и зголемено тргување со електрична енергија. ЕБИТДА достигна 652 милиони денари, во споредба со 501 милион денари во 2024 година, што одразува поголем домашен обем, намалена изложеност на нестабилност на цените и поголема продажба на електрична енергија. ЕБИТДА во четвртиот квартал од 2025 година изнесуваше 139 милиони денари, што е намалување од 16% на годишно ниво, главно предизвикано од нестабилноста на цените на горивата и пониските маржи на електричната енергија.
Добивката пред оданочување во фискалната 2025 година значително се зголеми на 667 милиони денари, во споредба со 238 милиони денари во 2024 година. Покрај подобрените оперативни остварувања, резултатот е одраз и на помала амортизација по еднократната забрзана амортизација во 2024 година, предвидениот поврат на Данокот на солидарност од 50 милиони денари платен во 2023 година и оптимизирано управување со готовината. Во четвртиот квартал од 2025 година, добивката пред оданочување изнесуваше 177 милиони денари во споредба со 87 милиони денари во четвртиот квартал од 2024 година.
Оперативните трошоци останаа генерално стабилни на годишно ниво. Во 2025 година компанијата продолжи да работи без долг, во континуитет со претходните години. На 29 мај 2025 година, Собранието на акционери одобри распределба на дивиденда од 182,8 милиони денари, што е еднакво на 240,00 денари по акција.
Стратегија и перспектива
ОКТА ја заврши 2025 година со пазарен удел од 67% во Северна Македонија и 29% во Косово, надминувајќи ги планираните цели за профитабилност. Компанијата останува посветена на зајакнувањето на својата лидерска позиција на пазарот, оптимално користење на продуктоводот Солун – Скопје и складишната инфраструктура, како и обезбедување долгорочна сигурност во снабдувањето.
ОКТА продолжува да ја развива својата стратегија за диверзификација, при што значајно вложува и во обновливи извори на енергија. Во текот на годината, компанијата инвестираше 63 милиони денари во проекти од оваа област и се фокусира на максимално искористување на инсталираниот соларен капацитет од 12 мегавати како и идниот систем за батериско складирање. Плановите вклучуваат понатамошно проширување на фотоволтаичните системи и решенијата за складирање.
Корпоративна оштествена одговорност
Во четвртиот квартал, ОКТА дополнително ја зацврсти својата стратешка посветеност кон одржливоста, проширувајќи ги донациите на кровни фотоволтаични системи за образовни институции во Скопје, Битола и Штип. Овие инвестиции ја подржуваат националната цел за зголемување на енергетската ефикасност и обезбедуваат мерливи еколошки продобивки преку значително намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Дополнително, компанијата спроведе иницијатива за општествена одговорност кон животната средина, организирајќи акција за пошумување во Националниот парк Јасен, во склоп на тим-билдинг програмата.
Паралелно со овие иницијативи, ОКТА продолжи да го негува и промовира националното културно наследство преку поддршка на реномираните културни фестивали и продлабочена соработка со релевантните културни институции во земјата. Годината ја заокружи со засилен фокус на вклучувањето на заедницата, акцентирајќи ја поддршката за образованието и ранливите групи преку целни донации и општествени иницијативи. За да го сподели напредокот на транспарентен начин и да ја зајакне својата улога како одговорен корпоративен лидер, ОКТА одржа брифинг за медиумите на кој ги претстави клучните достигнувања во текот на годината.
ПР
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.

