Економија
Тевдовски: Работиме на подобрување на деловната клима и на постепена фискална консолидација
Реформи во насока на подобрување на деловното окружување и постепена фискална консолидација, најави министерот за финансии Драган Тевдовски на конференцијата по повод започнување на изработка на програмата за економски реформи 2019-2021. На конференцијата присуствуваше амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар, и сите институции што се вклучени во подготовката на реформскиот документ што се доставува до ЕУ.
Тевдовски најави реформи во насока на прецизирање на надлежностите на инспекторатите за поголема предвидливост на деловното окружување и подобра деловна клима. Тој исто така посочи дека до крајот на оваа година ќе се донесе и нов закон за буџети, кој предвидува среднорочно буџетирање и воведување фискален совет.
Како што истакна министерот за финансии, се работи на постепена фискална консолидација преку мерки и на приходната и на расходната страна. Тевдовски најави дека ќе се преземат мерки за подобро таргетирање на социјалните придонеси и субвенции, како и дека Министерството за труд и социјала и Министерството за земјоделство веќе работат програми со Светска банка и Европската комисија во таа насока.
Тевдовски на конференцијата се осврна и на претходната програма за економски реформи и рече дека Македонија имала најдобро остварување во реформите претходната година од сите други земји претенденти за членство во ЕУ.
„Првпат имаме јасна и кредибилна стратегија за реформи во јавните финансии, подготвена заедно со ЕУ. Таа содржи акционен план за подобрување на сите поважни елементи на системот на јавни финансии во следните три години. Значително е подобрена транспарентноста. Денес граѓаните имаат увид во тоа како се трошат државните пари. Се објавуваат граѓански буџети, како и низа извештаи за извршување на буџетот, кои порано не беа достапни на јавноста. Јавно се достапни и договорите за јавни набавки на институциите, а со новиот закон ќе бидат достапни и сите понуди доставени на тендерите“, рече Тевдовски.
Амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар, исто така посочи дека Македонија имала најдобро остварување во спроведувањето на реформите минатата година во однос на сите други земји, како и дека го подобрила сопствениот резултатот во однос на претходните години.
„Достигнат е видлив прогрес во управувањето со јавните финансии. Земјата започна со имплементирање на реформската програма што ја усвои, а и драстично е подобрена фискалната транспарентност. Народната банка во континуитет спроведува стабилна монетарна политика одржувајќи ги нивото на денарот и ценовната стабилност. Владата го лимитира носењето на законите по скратена постапка. Исто така, сега сите министри се обврзани да ги објавуваат законите на ЕНЕР за јавна консултација. Усвојувањето на стратегијата за образование содржи чекори за подобрување на квалификациите на наставниците“, рече Жбогар.
Програмата за економски реформи е сеопфатен документ за економското управување, кој земјите аспиранти за членство се обврзани да го поднесуваат до Европската комисија секоја година. Програмата 2019-2021 треба да се достави до Европската комисија до 31 јануари 2019 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рударските комплекси „Бучим“ и „Боров Дол“ и официјално се присоединија
Од ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш информираат дека заврши административната постапка за присоединување на рударско-геолошкиот комплекс „Боров Дол“ кон „Бучим“, со што двата рударски комплекса и официјално продолжуваат да функционираат како еден правен субјект.
Со ова, како што велат, се зацврстува единствениот оперативен и управувачки модел, што ќе придонесе за уште поголема ефикасност и транспарентност во работењето на компанијата во целост.
Присоединувањето е оценето како стратешки чекор, што овозможува поефикасно планирање и управување со ресурсите, унапредени процеси и појасна корпоративна структура, подобрена усогласеност со меѓународните стандарди и ESG-принципите, зголемена транспарентност и стабилност во работењето, како и следење единствена долгорочна визија за развој на целиот комплекс.
Од компанијата нагласуваат дека присоединувањето не подразбира никаква промена во управувачката структура. Исто така, условите на воспоставените партнерства, договорните односи и обрвски со доставувачи, институции и други заинтересирани страни, остануваат непроменети.
Во изминатите денови беше спроведена стандардната административна постапка за техничкиот пренос на сите вработени во рамките на единственото правно лице. Од „Бучим“ истакнуваат дека преносот беше изведен континуирано, без какви било промени во работните места, правата или обврските на вработените. Статусот и сите бенефиции на вработените останаа непроменети. Техничкиот пренос не влијаеше врз работните процеси, ниту врз редовното извршување на обврските.
„Присоединувањето на ‘Боров Дол’ кон ‘Бучим’ ни овозможува да работиме како единствен систем во рамките на нашата групација, со зајакнати операции и повисок степен на координација. Ова претставува значаен чекор кон модернизација, континуирано подобрување и понатамошно унапредување на одржливото рударство во регионот“, изјави Ивица Карапетров, заменик-генерален директор на „Бучим“.
Со новата интегрирана структура рудникот „Бучим“ продолжува да гради стабилна, модерна и конкурентна компанија, подготвена за долгорочни предизвици и инвестициски планови.
Економија
Министерството за финасии: Утре завршува рокот за запишување граѓански обврзници од третата емисија, каматата 4,5 отсто, рочноста 2 години
Граѓаните имаат можност да запишат граѓански обврзници од третата емисија во деловните банки во земјава уште два дена, односно денеска и утре, извести Министерството за финансии.
Граѓанските обврзници oд оваа емисија се со рок од 2 години и каматна стапка од 4,5% годишно. Износот на една граѓанска обврзница којашто граѓаните можат да ја запишат е 10.000 денари. Проспектот е објавен на износ од 100 милиони денари. Понудите се доставуваат во деловните банки во земјава. Аукцијата ќе се одржи на 12 декември.
Датумот на достасување на обврзниците од оваа емисија е 19 декември 2027 година, а каматата за исплата достасува за првата година на 19 декември 2026 и за втората година на 19 декември 2027 година.
Економија
УЈП: Секоја четврта контрола открива неиздавање фискална сметка
Управата за јавни приходи (УЈП) спроведува засилени контроли во пресрет на новогодишните и божиќните празници, со особено внимание на ресторани, кафе-барови, дискотеки, сендвичари и други угостителски објекти.
Пред контролите, УЈП реализирала околу 3.500 советодавни посети, овозможувајќи време за отстранување на најчестите неправилности кај фискалните уреди, како што се несоодветна адреса, оштетени пломби или недостасување на налепница од сервисер. Дополнително, инспекторите проверувале и неуплаќање на дневниот промет во банка и неводење на книгата на дневни финансиски извештаи.
„Истовремено, УЈП спроведе детални анализи на податоците од ГПРС системот, теренските контроли и ДДВ пријавите. Резултатите покажуваат ризично однесување кај некои субјекти кои особено ќе бидат таргетирани за контрола: низок или идентичен регистриран дневен промет, отстапки на регистрираниот промет од капацитетот на локалот, разлика меѓу прометот во фискалните каси и пријавениот во ДДВ-пријавите и др.“, информираат од Управата за јавни приходи.
До крајот на ноември УЈП извршила околу 4.000 контроли. Изречени биле околу 2.500 глоби, а запечатени над 100 локали.
„Секоја четврта контрола открива неиздавање фискална сметка – појава што значи неевидентиран промет, загуби за буџетот и нелојална конкуренција. Казнетите обврзници добија персонализирани повици за корекција на пријавите и пријавување на прометот. Доколку не постапат, следуваат дополнителни контроли со индиректни методи“, велат од УЈП.

