Економија
Тевдoвски: Платите продолжуваат да растат, а со нив и продуктивноста на фирмите

Платите во Македонија растат. Тоа се гледа и од денес објавениот податок на Државниот завод за статистика, кој покажува годишен раст на нето-платата во август од 5,7 проценти. Ова го рече министерот за финансии, Драган Тевдовски, на дебатата „Иднината во нашите очи“ во организација фондацијата „Фридрих Еберт“, која се одржува во рамки на Текстилијадата во Штип.
Како што истакна министерот за финансии, целта на Владата е да обезбеди подобар живот за граѓаните и развој на економијата, а овие две цели се заемно поврзани. Тевдовски вели дека токму поради тоа, Владата истовремено го поддржува и растот на платите, преку мерки како минималната плата, но и техничко-технолошкиот развој на компаниите за зголемување на продуктивноста.
Тевдовски посочи дека растот на платите најмногу се гледа кај секторите производство на текстил, облека и преработка на кожа. Тоа се оние сектори кои порано имаа плата под минималната, но сега прагот кај нив е изедначен со другите сектори. И во август овие сектори забележуваат двоцифрени стапки на раст, или во просек околу 15%, одосно околу 2 000 денари раст на годишно ниво.
Министерот за финансии вели дека растот на платите влијае на покачување на продуктивноста на компаниите бидејќи подобро платените работници се помотивирани и попродуктивни. За да се поддржи зголемување на продуктивноста на компаниите, Владата обезбеди буџетски средства, но и евтини кредити од Европската инвестициска банка, за да ги поддржи инвестициите во нови капацитети и опрема. Министерот рече дека зголемената продуктивност на компаниите на крај ќе се отслика на развојот на економијата во целост.
На дебатата учествуваа и градоначалниците на Штип и Кочани, Благој Бочварски и Николчо Илиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.