Економија
Трајан Ангелоски: Градење силен економски раст е патот до побрза интеграција во ЕУ
На третата меѓународна конференција Скопски економски и финансиски форум – CEФФ 2023, со наслов „Економска интеграција и економски просперитет“, организирана од Министерството за финансии, фокусот беше ставен на забрзаната интеграција на нашата земја и западниот Балкан.
Поттикнувајќи ја синергијата на идеи и иницијативи од присутните, кои се дел од креаторите на политики, политичките претставници, меѓународните партнери за развој, граѓанското општество, академската заедница и бизнис-секторот ја потенцираа потребата за забрзана европска, регионална и економска интеграција.

На 4-тата панел-дискусија учество зедоа Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопанските комори на Македонија, на тема „Глобални трендови и деловни можности“ акцентирајќи го следното:
„Доколку навистина имаме искрена желба да се зачлениме во ЕУ, ќе мора континуирано напорно и амбициозно да се потрудиме да ја развиваме нашата економија. Да се насочиме за долгорочен економски раст, фискална консолидација, подобрување на легислативата, да дејствуваме и заеднички да работиме на стабилен економски раст, поврзување и можност за долгорочен развој на нови ЕУ-пазари, инвестиции во зелена технологија и обновливи извори на енергија, дополнително европската и регионална интеграција силно влијаат врз развојот и работењето на бизнис-секторот. Во моментот интензивно ни се потребни промоција и брендирање на нашите македонски производи и со тоа се зголемува конкурентноста на македонските производи. ЕУ како пазар е можност за сите како единствен пазар од 500 милиони луѓе, со тоа се зголемува пристапот до нови потрошувачи и се поттикнува економско јакнење на регионот.
Активно ќе продолжиме соработка со компаниите и заеднички ќе градиме поцврсти бизнис-релации со потенцијални европски партнери сè со цел за побрз развој на македонскиот бизнис-сектор“, посочи претседателот на ССК, Ангелоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

