Економија
Трипуновски: Пумпната станица Таор е во катастрофална состојба, наш приоритет е модернизација на земјоделството и водостопанството во Македонија
„Денеска заедно со Директорот на АД Водостопанство сме во посета на пумпната станица Таор. Оваа станица ги покрива општините Петровец, Илинден и Гази Баба, каде што се зафаќаат води од околу 6.600 хектари преку 150 километри отворена каналска мрежа“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски при посета на пумпната станица во Таор заедно со Директорот на АД Водостопанство, Филип Филиповски.
Министерот посочи дека при посетата може да се увиде дека пумпната станица е во катастрофална состојба. Изминативе години не се инвестирало во модернизација и одржување на станицата. Поради неодржување на пумпната станица во Таор имало сериозен ризик од загрозување на тој дел од скопската котлина.
„Ние веќе во наредната година во програма ќе предвидиме средства за модернизација на оваа станица, да се намали ризикот од евентуални штети кои што би значело излевање на водата од оваа каналска мрежа“, изјави Трипуновски.
Тој додаде дека изминатиов период Владата одвои 100 милиони денари на АД Водостопанство за покривање на платите на вработените кои што веќе 4 месеци немаа зедено плата. Две плати се исплатени, а во наредните денови и другите две плати ќе бидат исплатени на вработените од АД Водостопанство.
„Со тоа сакаме да кажеме дека навистина како Влада даваме сериозен приоритет во делот на Водостопанството бидејќи е важна гранка во земјоделството како за надводнување така и за одводнување на земјоделските површини“, појасни Трипуновски.
„Со овој приоритет ќе продолжиме и во наредните години бидејќи нас земјоделството и водостопанството ни се важен сегмент во целиот земјоделски процес кој што го имаме како држава“, изјави министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст
Вицепремиерот Александар Николоски соопшти дека градежниот сектор бележи раст од 14,6 проценти во четвртиот квартал од 2025 година, истакнувајќи дека во земјата се реализираат бројни капитални проекти.
„Раст од 14,6% бележиме во време кога ги градиме капиталните проекти, автопатите, железницата, регионалните и локални патишта и голем број комунални проекти“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој посочи дека градежништвото бележи континуиран пораст во текот на 2025 година.
„Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21% раст, а четвртиот квартал бележиме 14,6% раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат)“, наведува Николоски.
Според него, Македонија е меѓу земјите со најголем раст на БДП, при што во четвртиот квартал економијата пораснала за 3,8 проценти.
„Македонија се гради и се развива – следуваат нови инфраструктурни проекти“, објави Николоски на својот Фејсбук профил.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.

